Благоја Колев / 1930-2021
07.04.2025 • Автори

Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски
Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата и урбанизмот на Благоја Колев.
Благоја Колев (02.02.1930, Свети Николе – 15.07.2021) дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1955 година на тема Комплекс на студентски кампус кај проф. Јован Ранковиќ. Докторирал во Белград во 1981 година со наслов на докторската теза Систематски пристап во просторната организација на градот под менторство на проф. Љубинка Пјаниќ.
Припаѓа на првата генерација архитекти од скопскиот факултет. Веднаш по дипломирањето се вработил во Заводот за урбанизам на СР Македонија во Скопје каде што останал на работа до 1959 година, кога преминал во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје во Скопје. Во 1985 година бил избран за редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје по предметот Програмирање и планирање на функции и системи на општествени центри при Институтот за просторна организација на човековата околина. Во периодот од 1993 го 1995 година бил декан на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Се вбројува во групата архитекти со богато и разновидно творештво од областа на архитектонско-урбанистичкото проектирање.


Тој е еден од првите градители на новото Скопје, како и креатор на новиот современ урбанистички облик. Учествувал во изработката на просторно-урбанистичките планови на Скопје заедно со планерската асоцијација „Доксијадис“ од Атина и „Пол Сервис“ од Варшава. Во 1985 година се јавува како автор-водител на ОУП-Скопје. Во 1967 година бил на професионално усовршување во Полска, Холандија и Англија.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ. Во организација на Друштвото приредил шест самостојни ликовни изложби. Во 1998 година бил добитник на наградата за цртеж од Универзитетската библиотека во Скопје. Член е на академијата на архитектите на Македонија.

Се занимавал и со публицистичка дејност. Негови позначајни трудови се:
1977 – Planning for Future – Skopje, Nice, United Nation;
1983 – Книгата Системски приступ просторне организације града, „Југинус“, Белград;
1985 – Урбанизација-фактор за економскиот развој на СРМ, реферат-МАНУ, Скопје.
Негови позначајни реализирани објекти се:
1966 – Станбената населба Скопје-I во Скопје;
1975* – Стопанската банка во Скопје (со арх. А. Серафимовски);
1977* – Станбените терасести објекти (П+4) во Трианглата, Скопје;
1978 – Хотелот „Панорама“ во Крушево;
1974 – Домот на културата во Куманово;
1980* – Споменикот на Вечниот дом на паднатите борци во Струмица;
1981 – Партерното решение за споменикот на слободата во Гевгелија;
1982 – Партерното решение за спомен обележјето на Мечкин Камен во Крушево;
1985* – Објектот на НИП „Нова Македонија“.
За својата богата творечка дејност и забележителниот придонес на полето на архитектонското и урбанистичкото проектирање ги добил следниве награди:
1985 – 13 Ноември, за објектот на НИП „Нова Македонија“ во Скопје;
1998 – Андреја Дамјанов, за животно дело.



Автор на статија: Martina Shteriova
Биографија / Благоја Колев / градителите во македонија / Македонски архитекти