Архитектурата во фотографиите на Благојa Бањански

Во денешната објава посветуваме внимание на Благој Бањански, македонски фотограф.

Благоја Бањански е роден во Кавадарци на 25 февруари 1940 година. Основно училиште и гимназија завршил во Кавадарци,
а Градежно-архитектонски факултет во Скопје. Благоја Бањански е еден од најуспешните уметнички фотографи од Кавадарци. На ова хоби и пасија останал верен до крајот на својот живот.

Како студент бил претседател на Фото-клуб “Вардар“, а бил и секретар на КУД “Мирче Ацев“ од Скопје. На професионален план како инжинер своите стручни знаења и способности ги има реализирано и исполнето како еден од главните инжинери при изградбата на ХЕЦ “Тиквеш“ и “ФЕНИ“ Кавадарци.

Со уметничка и документарна фотографија го исполнува секое свое слободно време експериментиралќи со форматот и композицијата. Има учествувано на бројни групни и самостојни изложби со свои фотографии, а има освоено вредни награди и признанија, меѓу кои: Сребрена плакета за колекција во 1962 година; Сребрена плакета за фотографијата “Пладневен одмор“; Златна плакета за колекција 1964 година; Златна плакета за фотографијата “Немирни ноти“; во 1964 година; Трета награда за фотографијата “Копнеж“ во 1964 година и други.

Благоја Бањански загина во сообраќајна несреќа на 12 јануари 1977 година.

Неговата фотографија ја одликува силна композиција, впечатлива игра со темнината и светлината, но и одредена хуманост и приземност во изразот. Неговите субјекти навистина припаѓаат на фотографираниот момент и не покажуваат нелагодност, усиленост. Напротив, авторот како да ни прикажува кадар кој веќе го имаме видено, но никогаш на тој начин.

Фотографот се ограничува често во квадратен формат, нешто што денес е вообичаено од појавата на социјалните мрежи, пред се на Инстаграм кој го популаризираше овој формат. Иако често го користи соодносот 1:1, тој го истражува наново во секоја композција. Архитектурата е често важен дел од делото , во улога и на сценографија, но и на учесник во нарацијата. Таа ја надополнува приказната за прикажаниот субјект.

Денес составивме мала селекција на фотографии во кои архитектурата има голема улога, додека топло ви ја препорачуваме неговата страна каде можете да видите поголем дел од неговото творештво.

 

 

 

Офицерски Дом, Скопје
Арецо, Италија
ХЕЦ Тиквеш

ХЕЦ Тиквеш
Њу Јорк
Галичник
Матка
Св. Софија, Охрид

Солун, Грција

Скопје
ХЕЦ Тиквеш
Канео, Охрид