Иницијативата „Борба за Влае” упатува покана за јавната презентација за предлог ДУП за Влае 2 (градска четврт СЗ 19)

Иницијативата „Борба за Влае” би сакала да ја проследи до Вас следнава информација и да Ве покани на присуство на прес конференција по завршување на јавната презентација за ДУП-от пред бараките на Општина Карпош веројатно во 14:30ч во четврток, 26.10.2023.

Општина Карпош најави повторна презентација за предлог Деталниот урбанистички план за Влае 2 (градска четврт СЗ 19). Времето кое е дадено за жителите да ги достават своите забелешки е законски минимално дозволените 5 работни денови, а јавната презентација ќе се одржи во четврток, 26.10.2023 во бараките на Општина Карпош.

Од денот на најавата за повторната презентација жителите на Влае, обединети под Борба за Влае, ги споделуваат промените во предлог ДУП-от кои ги направи Општина Карпош. Но бидејќи 5 дена се малку за детална анализа, пишување и поднесување анкетни листови бараат од Општината роковите за анкети да бидат подолги.

 

 

Дополнително, за разлика од ланската анкета каде на располагање беа 30 календарски денови и можност за поднесување во бараките на Општината и во Месната заедница во Влае 2, овој пат не постои втората можност. Што е невообичаено бидејќи целта на постоењето на Месните заедници е комуникација со локалните жители.

Борба за Влае смета дека Општината намерно прави вакви опструкции за да ги спречи граѓаните да ги дадат своите забелешки како што направија лани кога имаше рекорден број на преку 700 поднесени анкетни листови на првичната презентација на Деталниот урбанистички план.

 

 

За таа цел Борба за Влае ги кани сограѓаните да дојдат на јавната презентација на планот во 13:00 во бараките на Општина Карпош на ул. Радика 9 за детално да се информираат за планот. Заедно да им дадат на знаење на Општината и приватните планери дека нема да дозволат да се повтори ланската ситуација кога планерите од Билд Урбан изјавија „Сите живеете во град, ако не сакате да има улици и други содржини, не живејте во град” но пропуштија да кажат дека со нивниот цртеж баш тие одземаат од улиците и содржините само за нечиј приватен интерес, а не работат за интересот на неколку илјади жители на Влае 2.

Борба за Влае ги кани и медиумите на прес конференција пред бараките на Општина Карпош по завршувањето на повторната јавна презентација, веројатно околу 14:30 часот. На прес конференцијата ќе бидат дадени изјави за овој предлог ДУП, она што ќе го слушнат на презентацијата, но и општо за моменталната состојба на Влае 2 и што навистина е потребно за населбата. “