Четврта годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола / 1 ден / 28.11.2025

Викендов имавме можност да ја проследиме Четвртата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола, настан кој преминува во традиција организиран од Одделението на архитекти и Одделението на урбанисти при Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија.

Настанот со наслов „Архитектурата утре“ се оддржа во пријатната атмосфера на Офицерскиот Дом на 28 и 29 Ноември, со програма која ни овозможи да погледнеме повеќе предавања и презентации како од домашни така и од странски екперти.

 

 

Првиот ден ( петокот ) започна со пригодните говори на претседателот на КОАИ – Дејан Метикош, градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, деканката на Архитектонскиот факултет -Скопје при Уким – Анета Христова Поповска, како и доскорешната претседателка на КОАИ – Кристинка Чулак. По воведните зборови, започна и официјалната програма.

Првиот говорник на настанот, беше гостинот од Косово, архитектот Арбер Шала кој оддржа предавање со наслов „ Од молив до промпт: Архитектот во ерата на Вештачката интелегенција. Истражување како технологијата го трансформира начинот на кој дизајнираме и градиме!“. Имавме можност да погледнеме повеќе искуства на студиото каде професионално го трасира својот пат, преку конкретни примери на 3D визуелизации, рендери и анимации подпомогнати од алатките на вештачката интелегенција, споредувајќи ја разликата во минатото за потребното време и можноста која ја нудат софтверите.

 

Прочитајте повеќе за Арбер Шала на линкот >>>

 

Вторите говорници беа, македонско-италјанскиот тим  Маја Таневска и Кристијано Пијањерели од архитектонската компанија ACPV Architects Antonio Citterio Patricia Viel  кои се претставија со својата презентација „Безвременски дизајн, паметни алатки – Еволуцијата на дигиталниот дизајн на ACPV Architects Antonio Citterio Patricia Viel“.

 

Во рамки на излагањето тие го истакнаа значењето на компјутерскиот дизајн во компанијата, улогата на вештачката интелигенција во дизајнот, како и развојот на прилагодените дигитални алатки за архитектонско проектирање. Особено привлече вниманието во дизајнот на непостоечки во природата дезени на камен, мермер произведувајќи уникатни парчиња за потребите на ентериерите кои ги изработуваат, како и алатката која ја користат во креирање на базата на различлни дезени и материјали.

Прочитајте повеќе за Маја Таневска и Кристијано Пијањерели на линкот >>>

 

По двете излагања, следеше кафе пауза, за неофицијални мрежувања и дискусии во Офицерскиот Дом.

 

Вториот дел од настанот го отвори Димитрис Пулиос, со потекло од Волос, Грција , чие предавање носеше наслов „Корени и плодови: Архитектура и урбана иновација во флуиден свет“.  Тој се осврна на работата на проекти кои опфаќаат чувствителни простори како од аспект на местоположбата – заштитените зони долж морските брегови, како и локации кои имаат целосна и делумна заштита од страна на Министерството за култура, како штос е археолошките локалитети.

 

Прочитајте повеќе за Димитрис Пулиос на линкот >>>

 

По комерцијалната презентација, делот со предавањата го заокружија гостите од соседна Србија, преку предавањето на Тања Обрадовиќ,  доктор на науки од областа на урбанизмот, лиценциран архитект и началник на Урбанистичката инспекција во Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија. Нејзиното излагање беше во делот на професионалните искуства во работата во состав на институциите.

 

Прочитајте повеќе за Тања Обрадовиќ, Миљана Игњатовиќ и Сенка Јоковиќ на линкот >>>

 

По секое предавање беше овозможено публиката да постави прашања и да се развие дискусија на темата. Во состав на настанот беше отворена и изложбата „БИМАС 2025“, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

 

По завршувањето на предавањата, следеше коктел и вмрежувања, на приземјето во Офицерскиот Дом.

 

 

Првиот ден од Четвртата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти заврши со кино проекцијата на филмот „Начинот на Чипан“ во КИНО МАНАКИ, по што следеше дополнителна дискусија и кратка дебата.

 

 

фотографии: Кети Талевска Бакревска