CHP House / Воларт, Атика Архитекти

Студио: Воларт, Атика Архитекти

Автори: Симон Папеш, Никола Томевски, Бојан Тасевски

Година на проектирање: 2018

Реализација: 2023

Организација на изведба: Воларт

Локација: 1054 Долно Соње, РСМ

Програма: Семејно домување во слободностоечка куќа

Нето површина: 154м2

Бруто површина: 243м2

Површина на парцела: 1600м2

Фотографија: Васе Петровски

Текст: Симон Папеш

 

“CHP House” претставува слободностоечка, фамилијарна куќа, сместена на јужната страна од подножјето на планината Водно. Со адреса во с. Долно Соње, на половина час возење со автомобил од центарот на градот Скопје, програмирана е да им служи на клиентите како викенд куќа, но и содржина на дофат непосредно по обврските за време на работната недела.

 

 

Проектот за објектот беше завршен почетокот на 2018г. Изградбата започна кон средината на истата година. Потребни беа 3ипол години за комплетна изведба на современа фамилијарна куќа, на ниво кое е презентирано, од плац без струја и вода. Концептот на архитектурата на објектот се движи помеѓу ‘приградска куќа’ и идејата која подобро функционира изразена во интернацианален термин – ‘Country House’. Апропо, естетиката и изведбата на куќата се во интеракција со средината во која се интегрира истата, како и етиката на градење во 21виот век, односно употреба на современи материјали, локални материјали и современа технологија.

 

 

 

Генезета на волуменот и архитектурата реагира на околината во која е поставена куќата. Приземен ‘квадар’, кој се простира речиси низ целата широчина на плацот, прави програмска поделба на истиот – позадина (паркинг, пристап, влез) и лице (двор, тераса, базен). Лицето е ориентирано кон југо-исток со панорамски поглед кон највисокиот планински масив во централна РСМ, односно Јакупица, Голешница, Караџица.

 

 

 

Катот се развива нормално на оската на приземниот волумен. Исфрлајќи се од габаритот на приземјето ги формира потребните покриени надворешни места од програмата, односно вовлечен влез кон позадината и наткриена тераса кон лицето. Волуменски катот претставува триаголна призма, која единствено пробива од приземната и хоризонтална нота на објектот и одлично реферира со планинските врвови со кои што е во визуелна интеракција.

 

 

Позадината на објектот е свртена северо-западно, кон планината Водно. Програмски содржи колски пристап, паркинг за 6 возила, како и мал кошаркарски терен. Овозможена е директна комуникација меѓу позадината и лицето на програмата, со пасажот помеѓу дневните содржини на куќата и машинската соба. Истиот го врамува најубавиот поглед од локацијата и директно го внесува пешакот-гостин директно во доживувањето на дворното место и базенската површина.

 

 

Во приземјето уште се лоцирани претсобје, остава, трпезарија, дневна соба, кујна (во директна релација со трпезарија и тераса), утилити, гостински тоалет (со пристап и од пасажот, да користи како мокар чвор при користење на базен) како и една спална соба со приватна бања. Преку пасажот е овозможена комуникација со машинската соба на објектот. Истата ги содржи сите програмирани машински елементи за опслужување на куќата со топла вода, греење како и третирана вода за пиење. На катот се пристига во еден слободен мултифункционален претпростор кој води кон 2 идентични спални соби, со засебни бањи, огледално пресликани една на друга.

 

 

Конструктивно куќата е изведена од армирано бетонски елементи (темели самци, плочи, столбови и греди). Естетиката на фасадата на објектот како и материјалите во ентериерот се одговор на програмата и концептот на објектот. Sидан камен (локалниот каменолом Говрлево), црн и бел абрип, дрвена фасада од јасен и костен и бел фалцован лим ја ‘облекуваат’ куќата.

 

 

Целата надворешна поплочена површина ја завршуваат светли гранитни плочки, додека на колскиот пристап и паркингот е аплицирана камена коцка (калдрма) со лачен начин на редење. Подовите внатре во објектот се разликуваат од лиен бетонски под во дневните површини до трослоен даб-ов паркет во спалните соби и керамички плочки во купатилата. Препознатливиот камен од фасадата влегува во ентериерот на куќата преку централното огниште – камин. Истиот игра и конструктивна улога во носењето на кровот. Персонализирани маси и комоди од масив – бука, врати од железни профили и стаклени партиции, дрвени облоги и складирање покриени со природен фурнир – даб, ја завршуваат естетиката на ниво на дизајн.