Црква Св. Богородица – Заум / Охридско Езеро, XIV век
15.08.2025 • VI-XV век

Период: XIV век – 1361 г.
Локација: покрај Охридското Езеро, во близина на селото Трпејца
Ктитор: кесар Гргур Голубиќ и епископ деволски Григориј
Фотографии: насловна www.journeymacedonia.com, денешна состојба – МАРХ
На источниот брег на Охридското Езеро, во близина на селото Трпејца, е скриена црквата „Св. Богородица – Заум“. Градбата е засолнета под стрмните гребени на планината Галичица, а оваа тешко достапна локација создава посебна смирена и духовна атмосфера.
Тука, во доцновизантискиот период, кога регионот бил под власта на кралот Волкашин, е изграден овој храм кој ги продолжува архитектонските карактеристики на охридските цркви.
Црквата во нејзиниот природен контекст (пред изградбата на новите конаци) / извор: www.365.com.mk
Точната година на градење – 1361, е обележана на основачкиот натпис. Ктитор на архитектурата е кесар Гргур Голубиќ, а на живописот – деволскиот епископ Григориј. Некои истражувачи претпоставуваат дека на ова место постоел постар храм, можеби од крајот на XIII век, кој бил обновен или заменет со денешната градба.
По својот архитектонски тип, „Св. Богородица – Заум“ претставува впишан крст, кој ги продолжува доцновизантиските тенденции на нагласени вертикали и елегантни пропорции.
Централната купола се издига над осмоаголен тамбур, поддржан од четири столба. Источната апсида е тристрана однадвор, украсена со слепи арки. Западно од наосот некогаш постоела припрата, која денес е урната, но сѐ уште е приметлива по археолошките траги.
План и пресек на црквата св. Богородица – Заум / извор: предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова
Конструкцијата е изведена од камен, бигор и тула, а фасадите се збогатени со керамопластични орнаменти. Декорацијата е слична на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, но на уште повисоко ниво на накитеност – јужната и северната фасада се речиси целосно исполнети со шаховски полиња, дијагонални меандри, крстови и запчести венци.
Внатре, западните парови столбови имаат импост-капители изработени од бел мермер, додека источните се украсени со акантусови мотиви. Овие елементи, делумно преземени од постари објекти, внесуваат разновидност и историска длабочина во ентериерот.
Фрескоживописот, изведен во годината на изградбата, пред шест векови, е делумно зачуван. Во куполата е претставен Христос Пантократор, опкружен со ангели, додека во тамбурот се наоѓаат фигури на пророци. Особено интересна е фреската на Света Ана – Млекопитателница, како ја дои Пресвета Богородица, мотив кој се среќава исклучително ретко во византиската уметност.
Денес нејзината локација не е толку изолирана како некогаш – таа е лесно достапна со чамец или преку пешачките, полу-планинарски патеки од с. Трпејца.
До црквата долг период постоеле урнатини од конак, забележливи на историските фотографии. Денес тој е интегриран во нови конаци со навистина големи пропорции. Заедно со оградата поставена кон езерото, контекстот на црквата е значително променет. Таа мистична и заскриена атмосфера денес добива плажа и пикник-место и повеќе туристичка нота, што е логична еволуција со оглед на современите трендови.
Историски форографии од црквата и стариот конак / извор: www.journeymacedonia.com
Фoтографија од новите конаци / извор: www.photohound.co
Во 2023 година, црквата е повторно конзервирана, со нов иконостас, престол и икони. Таа и денес функционира за богослужба и е заштитена како национален културно-историски споменик од исклучителна вредност.

Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Византиска архитектура во Македонија / Византиска црква / Заум / Охрид / Св. Богородица / Средновековна архитектура / Средновековна црковна архитектура