Црква Св. Ѓорѓи / с. Курбиново
30.03.2023 • VI-XV век
Период на изградба и фрескоживописување: XII век
Ктитор: непознат
Автор на текст: М-р Владимир Таневски
Библиографија: Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Македонија. Милениумски културно-историски факти, Медиа Принт, Скопје, 2013; С. Коруновски, Е. Димитрова, Византиска Македонија: Историја на уметноста на Македонија од IX до XV век, Просветно дело, Скопје, 2006; L. Hadermann-Misguish, Les fresques de saint Georges et la peinture byzantine du XII siecle, Bruxelles 1975; Ц. Грозданов, Курбиново и други студии за фрескоживописот во Преспа, МАНУ, Скопје, 2006
Насловна фотографија: Википедија
Еден од најпознатите споменици на средновековната уметност во Македонија е црквата Св. Ѓорѓи во преспанското село Курбиново, која се наоѓа еден километар источно од селото. Храмот посветен на светителот и великомаченик од Кападокија – св. Ѓорѓи со својот фрескоживопис се вбројува во најважните дела на средновековната византиска уметност во светски рамки.
Црквата е подигната од непознат ктитор, и со својата фрескодекорација, претставува кулминација на динамичниот стил на XII век. Од натписот на источната страна на Чесната трпеза во олтарот, дознаваме дека фрескоживописувањето е започнато во април 1191 година, а се претпоставува дека црквата е изградена околу 1190 година. Црквата е изведена како еднокорабна градба (15 метри должина, 7 метри ширина), без нартекс, со длабока полукружна апсида на исток, црквата Св. Ѓорѓи е најголемата еднокорабна црква во средновековната архитектура во Македонија. Судејќи според димензиите на градбата, дрвениот покрив, како и длабоката полукружна апсида, јасно се воочува дека ктиторот бил инспириран од најзначајната базилика во македонската архитектура, катедралата Св. Ахилиј, лоцирана на островот Аил на другиот крај на Преспa. Црквата Св. Ѓорѓи е второто ремек-дело на XII век во Македонија, после црквата Св. Пантелејмон во Нерези (1164).
Вредно е да се напомене дека сликаната програма во Курбиново се надоврзува и ги надополнува програмските и иконографските иновации на црквата Св. Пантелејмон во Нерези (1164). Треба да се напомене дека фрескодекорацијата на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново ги сублимира последните репрезентативни творечки дострели во сликарството на византиската комненска епоха.
На западната фасада на црквата се забележува мошне оштетената ктиторска композиција, непознатиот ктитор бил најверојатно со високо благородничко потекло. Прикажан е во придружба на актуелниот византиски цар Исак II Ангел, неговата царица унгарската принцеза Маргарита и придружени од првенецот на охридскиот архиепископски престол, угледниот Јован Каматир (1183 – 1215). Архиепископот Јован Каматир бил познат и како писател, се спомнува во текстовите на Димитриј Хоматијан, кој долго време ја вршел функцијата на хартофилакс во Охрид. Јован Каматир починал во 1215 година, во поодмината возраст а на неговото место бил избран неговиот соработник Димитриј Хоматијан.
Сликаниот репертоар во наосот го сочинувааат сцени од Христолошкиот циклус, стоечки светители во првата зона и олтарната програма. Првата зона на олтарната програма почнувајќи од Курбиново, па сè до завршувањето на византиската епоха, ќе претставува задолжително иконографско решение за декорацијата на светилишниот простор во сите православни храмови. Тука за првпат Светите Отци му служат/се поклонуваат на Агнецот, за разлика од претходните примери каде што се поклонуваат на Хетимасијата (Приготвениот престол).
Положен на Чесната трпеза покрај пехарот со евхаристичното вино Христос е претставен како бебе, роден и жртвуван за искупување на човечките гревови, ја претставува неговата доброволна жртва положена на олтарот на спасувањето.
Во Христолошкиот циклус, илустриран во наосот на црквата, се вклучени многу иновативни моменти во иконографската конфигурација на прикажаните теми. Во сцените се вклучени многу епизоди и жанр сцени, карактеристична е епизодата на комуникацијата помеѓу Марија и Елисавета како најава на Христовото раѓање. Меѓу бројните сцени би требало да се одвои Симнувањето во Адот кое што е претставено со раскошна визуелна експресија, секако и Благовештението познато по иконографските компоменти и визуелната претстава на теолошкото сиже на темата. Во иконографијата на Балговештението, покрај ликот на Богородица е инкорпорирана и илустрација на стих од Соломоновата песна над песните, симболична песна/ода за Богородичината девственост.
Галеријата на стоечките светители во првата зона е мошне оштетена, но се препознаваат претставите на св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски и најстарите претстави на младиот Ефросинос и св. Ана Млекопитателка. На западниот ѕид е насликана галерија на маченички (светите Варвара, Недела, Катерина, Текла, Петка и Теодора), со што се претпоставува дека овој дел од црквата добил симболична функција на гинеакон, за локација на женските верници.
Фрескоживописот се карактеризира со темпераментен и енергичен цртеж, елегантни движења и фигури, раскошни драперии и богата сликарска палета. Овие карактеристики се несомнено најмногу евидентни на претставите на ангелите кои ја фланкираат Богородица во конхата на апсидата.
Надоврзувајќи се на ликовниот израз на мајсторите од Св. Пантелејмон во Нерези, авторите на фреските во Курбиново, ја зоокружуваат стилската етапа на сликарството на Комнените. Овој храм со својата уметничка убавина и духовна моќ задолжително мора да го зачуваме, презентираме и да му се восхитуваме, како остаток од вековните цивилизациски достигнувања на ова тло.
Автор на статија: Martina Shteriova