Црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Матејче

фото: Македонец – Википедија

 

Година: 1345

Живопис: 1348-1352

Ктитор:  ЦарицаЕлена, сопруга на Цар Стефан Душан

 

Успение на Пресвета Богородица — главна и единствена манастирска црква во рамки на Жеглиговскиот (Матеички) манастир. Црквата се смета за „еден од најблагородните византиски споменици на балканските простори“ во текстовите на патописците од минатите векови и истражувања во делата на најреспектираните проучувачи на византиската култура повеќе од едно столетие и претставува репрезент на врните уметнички дострели и е ремек дело на доцновизантиското монументално сликарство.

Фото: academia.edu четиво на  Елизабета Димитрова 2016 ( Црквата Света Богородица – Матејче)

 

Изникнувајќи од традицијата на цариградските архитектонски решенија и претставувајќи го најголемиот сликан ансамбл од XIV век на македонската територија и вториот по големина во Балканскиот регион, Богородичната црква во Матејче, со импозантните димензии на градежниот корпус и екстензивноста на сликаниот репертоар, се вбројува меѓу најмаркантните споменици на општата византиска уметничка продукција. Четиринаесет циклуси и стотици светителски ликови ги красат ѕидовите на храмот, кои во последнно време секојдневно губат драгоцени делови од својата сликана декорација.

 

Фото: academia.edu четиво на  Елизабета Димитрова 2016 ( Црквата Света Богородица – Матејче)

 

Оригиналните иконографски решенија, невидени во историјата на византиското сликарство, кои сведочат за длабоката теолошка ерудиција на творците на енциклопедиски богатата сликана програма, и будењето на новите стилски одлики на дворскиот ликовен израз низ аристократскиот манир на уметничката постапка, зборуваат за вештината и мајсторството на најдобрите сликари од средината на XIV век. Нивниот рафиниран ликовен јазик го облагородил монументалниот екстериер на црквата со една од најпоетичните визии на македонското творечко средновековие.

 

Фото: academia.edu четиво на  Елизабета Димитрова 2016 ( Црквата Света Богородица – Матејче)

 

Архитектура 

На моделот кој ктиторите достоинствено го држат во рамките на донаторската фреска, се гледаат само траги од некогашниот раскошен сјај на црквата, која и покрај оштетувањата и разурнувањата, сепак ја задржала складната хармонија на својата надворешност и пропор­ционалната диспозиција на внатрешниот архитектонски простор.

 

Фото: Кумановски муабети

 

Со монументалните димен­зии, со величествената надворешност, со моќната силуета и со раскошната елаборација на куполната зона, конструкцијата на црквата во Матејче е вистински претставник на нарепре­зентативните градителски традиции на Палеологовата епоха. Според нејзините архитектонски карактеристики, црквата претставува крстообразна градба со нартекс и петкуполно сводно решение. Источниот крак на крстообразната форма е издолжен, така што олтарниот простор со двете странични капели е нагласен во основата на градбата. Централната купола има два­наесетстран тамбур и е поставена на четири масивни столпци. Помалите куполи, подигнати во форма на октогони, се лоцирани во аглите на градбата – источните се ситуирани врз протез­исот и ѓакониконот, а западните над страничните травеи на припратата. Нартексот е одделен од главното тело на црквата со трибелон поставен врз два ѕидани столпца и два камени столба, украсени со скромна архитектонска скулптура. Припратата комуницира со источните странични капели преку амбулаторен брод, кој, заедно со капелите и двокуполниот нартекс, формира архитектонска обвивка околу наосот, како главно јадро на градбата.

 

Фото: academia.edu четиво на  Елизабета Димитрова 2016 ( Црквата Света Богородица – Матејче)

 

Црквата е засводена со полувалчести и крстести сводови, поставени врз ѕидовите, столп­ците и пиластрите во ентериерот на градбата. Храмот е подигнат со примена на приделкани парчиња камен, додека порепрезентативниот опус од камени блокови и тули се забележува во обработката на олтарната апсида и на куполите. Фасадите се артикулирани со систем на лезени, кои, во екстериерот на градбата, ја рефлектираат вистинската слика за внатреш­ниот аранжман на конструктивните елементи. Истовремено, лезените ги врамуваат солид­но обработените прозорски перфорации, а во тимпаноните на сите четири фасадни ѕида и на површината на тамбурот од централната купола е изведена и умерена керамопластика. Моќниот систем на сводови, монументалните столпци под куполата, пространиот олтар, ма­лите, интимни капели на протезисот и ѓакониконот и единството на внатрешниот простор во кој нартексот е потполно интегриран во наосот, ја одредуваат оваа црква како градба на хармонични архитектонски принципи и совршена пропорционалност на функционалните ком­поненти. Складот на пропорциите и монолитноста на самото здание зборуваат во прилог на концептот да се создаде едноставна, но монументална и моќна градба посветена на светата заштитничка на големото и долговековно семејство на Немањиќи, освојувачите на Македо­нија, воините и соперниците на Византија, но и чувари на големите православни традиции од уметничкото минато на Балканот. Поради тоа, во источниот дел на храмот бил зачуван сег­мент од постарата градба на локалитетот, видлив во полукружниот облик на јужниот ѕид од протезисот и во постоењето на оригиналната фуга меѓу постарата градителска фаза и новиот слој малтер, во структурата на западниот ѕид на жртвеникот. Со задржување на овој мал дел од старата градба, таа всушност била инкорпорирана во новото здание, кое со импресивните димензии и со луксузната архитектонска конструкција, станало една од најрепрезентативните градби посветени на Богородица.

 

Фото: Mediasfera.rs

 

Архитектонската основа и просторната структура на Богородичината црква во Матејче се продукт на градителските иновации од доцновизантиската епоха и претставуваат еден од подоцнежните примери на типот кластер, цркви чија генеза треба да се бара во престолнич­кото творештво, а развојот може да се согледа преку влијанијата кои од големите центри ­Арта, Мистра и Солун пристигнале и на македонското подрачје. Сублимирајќи ги искуствата на нивните постари колеги кои ги подигнале Богородица Љевишка во Призрен (1307/08), Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричино (1312/13) и Богородичината црква во Грачаница (околу 1315), градителите на Матејче создале репрезентативен примерок на црква од типот кластер, кој со монументалниот корпус требало да ги засени пораните примери, притоа, одразувајќи ја раскошната грандиозност на Душановиот мавзолеј, храмот на светите Архангели во Призрен.

 

Фото: Наше Куманово

Големите димензии на градбата, петкуполното решение, дванаесетстраниот тамбур на цен­тралната купола, петстраната апсида, системот на конструктивните елементи и артикулација­та на фасадните ѕидови се некои од компонентите кои ја поврзуваат градбата во Матејче со изгледот на призренската црква. Временските референци за безмалку паралелното градење на двете зданија одат во прилог на претпоставката за симултано настанување на обата мав­золеја, на царевиот и на царичиниот, градени во духот на монументалните концепти и про­гресивните архитектонски тенденции и поврзани со симиларниот дизајн на нивните констру­ктивни и декоративни решенија. Постоењето на мермерната гробница, која според старите патописци се наоѓала во источниот дел на Богородичиниот храм, блиску до ктиторската ком­позиција и хералдичката претстава на двоглавиот орел изведена врз капакот на саркофагот, се индикациите за остварената мавзолејска функција на црквата; народните преданијата за царицата Елена, која ја дочекала својата смрт во Матејче, остануваат и натаму во сферата на историските шпекулации.

 

Извори: Воведен дел – Википедија на македонски јазик ; Архитектура – academia.edu четиво на  Елизабета Димитрова 2016 ( Црквата Света Богородица – Матејче)