Црква Св. Ѓорѓи село Матејче

Автор на текст и фотографии: М-р Владимир Таневски

Ктитор: непознат

Датација: XIV век

Литература: С. Цветковски, „Црквата Св. Ѓоргија во Матејче“, Зборник за средновековна уметност на Музејот на Македонија 5, 2006, 79 101; Д. Барџиева, „Црква Св. Ѓорѓи с. Матејче“, Културно наследство, XVI (1989), 1993, 73 82; за претставата на св. Меркуриј Ј. Спахиу Јанчевска, Свети Меркуриј и неговиот триумф низ вековите, НУ Музеј на Македонија, Скопје, 2021, 12.

 

Селото Матејче, кое се наоѓа во близината на градот Куманово, е надалеку познато по манастирот Матејче со црквата Св. Богородица. Познато е дека црквата Св. Богородица е изградена под ктиторство на царицата Елена сопругата на царот Душан, една од најмоќните жени во средновековната балканска историја. Црквата е изградена околу 1345 година, а фрескоживописана во периодот од 1348 до 1352 година од ателјето на Јован Теоријан. Црквата Света Богородица во Матејче го претставува најголемиот сликан ансамбл на македонската територија од XIV век и вториот по големина на Балканскиот Полуостров; таа е еден од најрепрезентативните споменици на византиската ликовна уметност и е ремек дело на дворскиот стил на Палеологовската епоха.

 

 

И покрај сите историски (не)прилики, црквата, и денеска му пркоси на времето. Во самото село Матејче, поточно на крај од селото над долот на Матеачка река се наоѓа уште една средновековна црква посветена на великомаченикот од Кападокија св. Ѓорѓи. Оваа црква била заборавена од научната јавност поради своите мали димензии и подоцнежни поправки, посветени се два труда, за жал денес еден дел од тоа што е евидентирано не постои. Првиот научен труд е објавен во 1993, чии автор е Донка Барџиева, додека вториот научен труд е објавен во 2006 година чиj автор е Сашо Цветковски.

 

 

 

 

Црквата Св. Ѓорѓи претставува мала еднокорабна градба, која некогаш имала покрив на две води, денес целосно е отворена. Градена е од камен и тули, од првобитната градба автентично зачуван е јужнит ѕид, додека останатите ѕидови се подоцна поправани. Во црквата се влегува од еден влез кој е лоциран на западниот ѕид, во долниот дел на градбата се забележува карактеристичен опус на градење познат како опус “cloisonné”. Веќе е забележено од претходните истражувачи дека пишани извори за црквата не постојат.

 

Во внатрешноста на храмот е зачуван мал дел од некогашниот фрескоживопис, зачувани се фрагменти со фрескоживопис на јужниот, западниот и источниот ѕид. При посетата на црквата, не бевме во можност да направиме целосна фотодокументација, бидејќи внатрешноста на црквата е целосно обрасната. Во олтарната апсида на јужната страна според Цветковски е насликан св. Атанасиј Александриски. Во првата зона на јужниот ѕид во олтарниот простор се зачувани три архиереи свртени кон апсидата, меѓу кои е св. Кирил Александриски, понатаму на јужниот ѕид се претставени: Деисисот, св. Ѓорѓи, св. Димитрија, св. Нестор, св. Прокопиј, св. Теодор Стратилат, св. Теодор Тирон и св. Меркуриј.

 

 

На западниот ѕид се забележуваат остатоци од фигури, кои според истражувачите се претстави на св. Кузман и Дамјан. На јужниот ѕид е зачуван и фриз со претстави на допојасни светители: св. Харитон, св. Евстатиј, св. Евстатиј Палакида, св. Агапиј, св. Теопист, св. Христофор, св.Трифун, св. Кирик, св. Јулита, св. Никита, св. Артемиј и св. Јаков Персисики, во низата има и двајца неидентификувани светители. Во највисокиот дел на јужниот ѕид, истражувачите забележале и фрагменти од претставите на Големите празници: Раѓањето Христово, Сретение, Крштевање, Лазарево Воскресение и Влегувањето во Ерусалим. Над вратата на западниот ѕид се гледаат делови од претставата на Успението на Богородица. Од денешен аспект претставите во највисоките ѕидни зони, поточно претставите на Големите празници се едвај видливи. Значајно е да се напомене дека светите војници се претставени во властелински одежди и држат маченички крстови во рацете.

 

 

Донка Барџиева ја датира црквата и фрескоживописот, според стилот на сликање во периодот од 1320 до 1340 година. Сашо Цветковски го датира фрескоживописот во оваа црква до крајот на седмата деценија на XIV век. Денес црквата е во катастрофална состојба, за жал кревкиот и малку зачуваниот фрескоживопис е прашање на време кога целосно ќе исчезне. Покрај сите (не)прилики низ блиската и далечната историја, како и манастирската црква и оваа селска црква гордо стои и му пркоси на времето, и е сведок на минатото.