Даница Павловска – Циги е добитник на наградата „13 Ноември“

Извори: Porta 3

Град Скопје ги објави добитниците на овогодинешната награда 13ти Ноември – која се доделува според заслуги и заложби за животот во градот Скопје. Од областа на архитектурата оваа година добитник е  Даница Павловска – Циги, архитект, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Даница Павловска – Циги е позната во јавноста и меѓу колегите како претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ во времето на активното градење на Ск 2014,  кога за прв пат беше и покрената иницијативата „Го Сакам ГТЦ“, како и организирањето на првото гушкање на ГТЦ.

Активно се вклучи во референдумот за зачувување на објектот и е неуморна во континуираната борба за заштита на значајните објекти во Скопје и јавниот простор. Летото 2016 година беше една од иницијаторите да се обжали на Уставен суд членот 50 од Законот за урбанизам и просторно планирање. Овој член овозможи на поранешната влада Градскиот трговски центар (ГТЦ), Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ) да ги прогласи за објекти од посебен интерес и ја одземе ингеренцијата на општина Центар за нив. Уставниот суд одлучи да расправа за иницијативата за укинување на членот 50 од Законот и беше донесена и времена мерка за забрана на градежните активности на овие прогласени објекти.Даница Павловска – Циги непрестано е активна во борбата за подобар град и зачувување на архитектонските вредности. Таа е и „главниот кривец“ за соработката со професорот Јан Гел и превод на неговата книга „Градови за луѓе“ и на македонски јазик. На неговото скорешно гостување во Скопје таа беше домаќин и модератор.

 

Автор на статија: