Деловна зграда ЗОИЛ „Македонија“, Скопје / 1978
16.06.2025 • ХХ век / II половина

Година: 1978
Автори: Кирил Муратовски, Мирослав Сидовски
Локација: Скопје
Деловната зграда на Заедницата за осигурување имоти и лица „Македонија“ е проектирана и градена во време кога целосно дојдоа до израз настојувањата на македонските творци да создаваат архитектура со повисоки естетско-технички стандарди.
Една од таквите реализации е и овој деловен објект чија местоположба овозможи да се искажат креативните дострели на проектантскиот тандем Муратовски – Сидовски.

Внатрешната организација е едноставна, со јасно издвоени просторно-функционални целости. Канцелариските трактови по катовите во основата се издвоени во два блока меѓусебно поврзани со интерен хол и со вертикалните комуникации.
Успешноста во функционалниот распоред е пренесена и во анексот наменет за корисниците на услугите каде што доминира големата шалтер сала и централниот влезен хол.

Забележливата фасадна обвивка се одликува со строги геометриски форми, дадени со професионална селективна сериозност. Двата по висина нееднакви корпуси и анексот имаат чисти фасадни површини со нагласена вертикалност, компонирани со темни стаклени ленти и површини врамени во темен алуминиумски метал.

Архитектонската слика е надополнета со мрежа од жолтеникави травертински плочи со кои се обложени полните површини и со што е добиен достоинствен изглед на објектот.
Вкупниот впечаток е дека со овој објект македонската архитектура се здоби со една нова современа ознака, а соседните објекти достојни придружници.

Насловна фотографија: Борис Јурмовски, 2023

Автор на статија: Martina Shteriova
ЗОИЛ Македонија / Кирил Муратовски / Македонија Осигурување / Мирослав Сидовски / Скопје