Нова детска градинка на локација “Бисер“ во Општина Аеродром / Прошевски, Даскаловска, Ѓорѓиев

Година на проектирање: 2022

Автори: Андреј Прошевски, Маја Даскаловска, Методија Ѓорѓиев

Инвеститор: Општина Аеродром

Локација: Општина Аеродром, Скопје, Северна Македонија

Површина: 1900 m2

првонаграден конкурсен труд

 

 

 

 

Текстуален опис од авторите:

Детските градинки се вторите објекти во кои децата од најмала возраст поминуваат значителен период од денот после времето кое го поминуваат дома. Овие објекти со нивните простори влијаат на развојот на децата, не само образовно, туку и на созадавањето на првите просторни сеќавања. Во овие објекти се создаваат првите слики и сегменти кои детето ќе ги памети понатаму во животот. Архитектурата на нашите едукативни објекти е дел од тоа како се гледаме себеси и како го гледаме светот, особено во раните фази од развојот кога како деца нашата психа е празно платно кое се оформува под влијание на околината во која сме внесени. Секој поединечен детал и елемент на дизајнот, почнувајќи од материјалите па се до димензиите остава свој впечаток и печат на психолошкиот развој на децата.

 

 

Децата учат преку откривање – осознавање на својата најблиска околина, односно просторот во кој егзистираат. Во првите искази на индивидуалноста, првата форма на автономија, манифестирањето на индивидуата се случува при разделбата од родителите. Детските градинки се првите простори во кои децата се оставени сами без нивните примарни негователи, па така при “освојување” на овие простори имаат слобода да бидат свои, без влијанија на оние од кои имаат научено се што знаат до тогаш. Токму овие простори им даваат слобода да се истражат себеси и да дознаат како се однесуваат надвор од домот.

 

 

 

Поради комплексноста на новата околина во која се оставени, интеракција со повеќе деца на иста или слична возраст со нив, интеракција со авторитети кои не се нивните родители, градинката како објект треба да понуди доволно простори кои ќе овозможат социјализација на децата и учење преку групна работа, но и автономни катчиња кои ќе овозможат процесирање на наученото и сигурно место во кое детето ќе може да се сокрие.

 

 

Главната идеја при дизајнот на оваа градинка е простор кој ќе овозможи здрав развиток на децата, кој ќе ја поттикне нивната желба за истражување, ќе овозможи поголема физичка активност и ќе направи детето да посака да остане во неа што подолго. Простор кој со своите материјали и димензии ќе биде прилагоден на децата и ќе влијае позитивно на нивниот психолошки развој.

Градинката има внатрешни и надворешни простори за игра, преку кои се овозможува физичка активност без разлика на надворешните временски услови. Предвидени се надворешни градини за учење во природа. Со цел овозможување на децата да ја изградат својата самодоверба и независнот, мебелот, опремата и катчињата се димензионирани за детето да може да го користи само секој дел од градинката. Приватните затскриени катчиња се предвидени насекаде низ објектот како еден вид на засолниште кога на детето му е потребен момент за себе и за процесирање на наученото.

 

 

При позиционирањето на објектот на зададената парцела, примарната цел беше искористување на најпогодната ориентација за поставување на занималните, односно обезбедување на фронт кој ќе има јужна, југоисточна или источна страна, поради периодот од денот во кој се користи објектот. Земајќи предвид дека парцелата е оформена од јужната и источната страна од две улици чиј сообраќај ќе придонесува за зголемена бучава и издувни гасови, делот од објектот кој ги содржи занималните е повлечен во горниот дел од парцелата, дополнително разгранувајќи се во крак кој се симнува надолу по левата страна. Сместувајќи ги сервисните простории на фронтот на улицата во десната страна на парцелата, се формира внатрешно двориште кое ја искористува целата сончева светлина, а истовремено им овозможува заштита на занималните. Со поставување на трем на долната јужна страна на парцелата, објектот периметрално ја исцртува парцелата, формирајќи централен двор кој комуницира со сите занимални и ги обединува.

 

 

Влезниот хол е замислен како двовисински простор, изгледа “џиновски” за малите корисници кои влегуваат во објектот со нивните родители и треба да поминат низ него за да стигнат до своето катче, односно до својата занимална.

Ходникот кој води до единаесетте занимални на приземјето е со поголема ширина за да може да прими и функција на игра, односно кога занималните би се отвориле кон него се создава долг линиски заеднички простор кој ги обединува. Низ ходникот се појавуваат ниши кои во себе ги содржат гардероберите на децата, а низ него се проега одна линија исцртана со игри која доколку детето ја помине целосно би изодело 110 метри, што придонесува за зголемена физичка активност во месеците кога временските услови не дозволуваат игра во дворот.

 

 

Во овој објект се појавуваат два мултифункционални простори, кои служат за поголеми приредби и активности со надворешни гости, но и како централни точки за собирање, како еден вид на плоштади, каде што децата би си играле, би одржувале кретивни работилници и тематски активности. Просторите се меѓусебно поврзани со ходник со содржини за игра кој овозможува уште поголем простор за непрекинато истражување. Играта на децата не е ограничена само во занималните туку насекаде низ објектот.

 

 

Основната појдовна точка при проектирање на овој објект е занималната. Занималните се со големина од 52 м2, што овозможува поголем комфорт, игра на децата во круг, меѓусебно се поврзани со подвижни прегради кои овозможуваат поврзување помеѓу две занимални или пак занимална и заеднички простор. Ова поврзување овозможува поголема интеракција помеѓу различни групи, што овозможува пристап до повеќе нагледни средства, зголемена интеракција со повеќе деца, за разлика од традиционалната занимална во кој детето има контакт исклучиво со децата и воспитувачките од својата група, како и згоелемена физичка мобилност низ објектот.

Сите занимални на приземјето имаат директен излез кон дворот преку стаклен фронт – врати за излегување, а во надворешниот дел на фасадата имаат мијалник за користење пред влегување во занималната.

 

 

 

 

Дополнително секоја занимална има мобилни прегради кои се отвараат кон заедничкиот ходник кој ги обединува сите занимални и со тоа се добиваат двострано ориентирани занимални. Застаклениот фасаден ѕид води кон помали градини во задниот дел на објектот кои секоја занимална може да ги користи особено во летниот период кога сонцето би било силно во централниот двор.

Поради можноста за поврзувањето на занималните во оваа градинка се зголемува можноста за социјална интеракција, а со тоа е потребно е да се обезбедат и приватни катчиња за учење и автономна игра. Овие скриени катчиња се обезбедени како во занималните, така и низ целиот објект, преку нишите во ходниците, просторите за седење во главниот двор, како и просторите за седење во помалите задни излези од главниот хол.

Санитарните јазли се заеднички за две занимални со цел рационализација на просторот и трошоците, поставени се на самата фасада за да се обезбеди природна вентилација и природна светлина.

Јаслите во кои престојуваат деца помали од двегодишна возраст се сместени на катот со цел овозможување на излез на сите занимални за поголемите деца кон дворот, а јаслите од катот излегуваат на тераса и се поврзани со заедничката кровна тераса.

 

 

Сервисните и административните простории се сместени во југоисточната екстензија на објектот. Административните простории за вработените се сместени веднаш до главниот хол и во себе содржат и соба за изолација за болни деца. Простории кои ќе се користат од страна на персоналот се сместени и на катот, заедно со простории за индивидуална работа.

За дотур на намирници за кујната која е предвидена да биде централна и да овозможува подготовка на оброци е предвиден економски влез со соодветен пристап за возило.

 

 

Дворот е централно поставен на парцелата и претставува голема отворена занимална која овозможува игра, физичка активност, а во себе содржи и отворен амфитеатар за помали претстави и изведби. Од јужната страна е визуелно одделен од улицата со трем со столбови, кој овозможува игра во летните месеци кога времето е врнежливо и дополнително обезбедува сенка во сончеви денови. Столбовите од тремот примаат различни функции како качување по нив и цртање. Обложени се со различни материјали со различни текстури кои овозможуваат тактилно учење со допир. Подлогата под тремот е мека и прилагодена за детска игра и трчање, со исцртани патеки на движење по неа за најразлични детски игри. Внатрешната фасада на објектот содржи опрема за качување и цртање и со тоа и се дава дополнителна функција. Објектот е обединет со дворот преку кровните тераси кои се поврзани со скали и овозможуваат дополнителен простор за игра и возење велосипед.