Детска градинка „Пчелка 1“- второнаграден труд / Блажеска, Коцева

Идејно решение за изградба на детска градинка “Пчелка 1” на ЈУДГ “Буба Мара” во Општина Аеродром

 

Автор : Марија Блажеска, дипл.инг.арх (МБМ Архитекти)

Соработник : Бисера Коцева, миа (МБМ Архитекти)

Визуелизација : Кирил Огненов, Јована Тодоровска (Vertex Design)

 

Авторско образложение:

Градинката како неформално училиште претставува простор во кој децата секојдневно престојуваат, осознаваат и учат низ игра, тоа е дом надвор од домот, место каде се осамостојуваат и се сретнуваат со нов свет.

На зададената локација која се наоѓа во станбена населба во Скопје изградена со индивидуални станбени објекти решението на новата детска  градинка целосно се вклопува во околината.

 

 

Решението на оваа градинка претставува збир на занимални кои функционираат засебно и заедно и претендира  да ги прифати децата давајќи им можност да истражуваат и откриваат воедно давајќи им чувство на сигурност и чувство на слобода.

 

 

 

Концептуално градинката е решена како  композиција од мали куќички  кои формираат два двора (преден и заден двор -јавен и интимен) композиција каде што секоја занимална е сместена во посебна куќичка со посебна боја на фасада  со што се потенцира чувството на припадност во една група.

 

 

Капацитетот на детската градинка и јаслите е испроектиран  согласно нормативот од член 25 од Правилник за урбанистичко планирање (Сл. весник на РМ бр. 142/2010) кој гласи најмалку 30 м2 по корисник за детски јасли, 35 м2 по корисник за детска градинка  од градежната парцела. Според нормативот се обезбедува капицитет од  9 групи(занимални) за градинка и три групи (занимални) јасли.

Бруто изградена површина на градинката на приземје изнесува 2526м2.

Предвидената занимална во оваа детска градинка е со површина од 49 м2 и за секоја занимална предвидени  се гардероби од 12м2 и санитарии од 14м2.

 

 

Јаслените простории(занимални) се поделени на два дела-дел за спиење и дел за игра со вкупна површина од 60м2 а секоја занимална има и сопствени санитарии.

 

 

Решението на градинката претставува објект – кој максимално ги почитува и искористува поволните ориентации, осончаност и пристапност според потребите и посебните зони на намена.

Занималните на градинката  се ориентирани кон јужна и југоисточна  страна и со својата позиција и застаклена површина на фасадата  обезбедуваат доволна осончаност за време на целиот престој на децата во градинката.

 

 

Сервисните зони и делот за администрација се сместени во северните и севернозападните делови на објектот и локацијата, а под истите е предвиден подрум со помошни простории.

Главниот влез во градинката се наоѓа на североисточната страна на објектот  каде што во сопствената локација е обезбеден паркинг пристап за родители.

Од североисточната страна на локацијата од ул.Црноризец Храбар обезбедена е сообаќајница за паркинг на вработени, пристап до сервисните зони  и истата сообраќајница излегува на ул.Митре Влаот овозможувајќи пристап за противпожарно возило.

Решението исто така нуди посебен влез за Јаслените групи (југозападна стана-ул.Митре Влаот) и дополнителен влез за групите на градинката од истата улица.

 

 

Заедничките простории за деца како што се салата за приредби и креативната работилница се ориентирани кон главниот влез за полесен пристап на родителите при оставање и земање на детето од градинка a креативната работилница може да добие функција на просторија за деца со подолго време на престој (дежурна просторија).

Пред главниот влез организирана е  сцена за приредби на отворено каде што би се одржувале приредби на отворено без да се наруши интимноста на внатрешниот двор.

 

 

Изразот на фасадата на занималните претставува архетип на куќа со кос кров  и се повторува на секоја занимална . Влезната партија -холот за приредби добива иста форма на куќичка, контура која е блиска на детската перцепција за дом и со својот архитректонски израз објектот има намера да го привлече детето во неговиот втор дом-Градинката.

Санитариите  за децата се предвидени  во паузите помеѓу куќичките и со овој Идеен проект е предвидено да се изведат со контактна демит фасада а кровот на истите е решен како рамен кров со екстензивна зелена кровна градина (која е самоодржлива или бара минимално одржување) а со петтата фасада објектот  потполно се вклопува во зеленилото овозможувајќи позелена и поздрава средина.

 

 

Секоја куќичка е  предвидена од вентилирана фасада со термоизолација од минерална волна и панел од фибер цемент кој што го опфаќа и кровот  создавајќи единствена обвивка која ја подобрува енергетската ефикасност и во која е предвидено да се сокријат и олуците за одводнување на атмосферската вода.

Конструкцијата е од армирано бетонски рамки и греди.

Во дворот предвидено е хортикултурно решение кое би овозможило насадување на локални видови  на дрво како липа, бука и сл. а како решение нуди насадување  и дрвја со овошки. Во внатрешниот двор предвиден е дел за зеленчукова градина во која децата може да земат активно учество во едукативна смисла.

 

 

 

Дворот на градинката претставува едно катче заштитено од бучава и ветер каде непречено  би се одвивала детската игра на предвидените детски игралишта според возрасна група и воопшто на зеленилото.