Дом за стари лица – Општина Зрновци / SUPERBLOCK

Проект: Superblock

Година: 2025

Локација: Општина Зрновци

Автор на текстот: Иван Мирковски

 

Домот – ориентир на човековото постоење

 

Во подножјето на планината Плачковица, таму каде што нејзините зелени гребени се спуштаат кон плодната рамнина на Кочанското поле, се појавува архитектура која не настојува да доминира, туку да слуша. Домот за стари лица во Општина Зрновци не е само објект — тој е тивка медитација за човечкото достоинство, меморијата и времето. Овој проект, со вкупна површина од 1.800 квадратни метри, распослан на приземје и кат, е осмислен како место каде што архитектурата станува посредник меѓу човекот и природата. Со капацитет за 64 лица, просторот не се доживува како институција, туку како продолжение на домот — топол, светол и човечен.

 

 

Формалниот јазик на објектот е прочистен, рационален и внимателно поставен во пејзажот. Архитектурата не се натпреварува со природата, туку ја следи. Пропорциите се умерени, волуменот дискретен, материјализацијата втемелена во локалната традиција, но интерпретирана низ современ дискурс.

 

Основа

 

Во фасадната композиција се чита рамнотежата меѓу тежината на тлото и леснотијата на светлината — каменот како симбол на трајност и дрвото како метафора на живот. Објектот е проектиран според наjсовремените европски стандарди за згрижување и престој на стари лица, со целосна пристапност, просторна ориентација и интегрирани медицински и рекреативни содржини. Но неговата суштина не е само функционална — таа е духовна. Програмата е развиена низ филозофија на почит кон времето, кон телото што старее и кон умот што бара мир. Просторот не само што згрижува, туку и лечи — преку својата пропорција, светлина и тишина.

 

 

Во оваа архитектура може да се почувствува свесноста дека староста не е завршница, туку фаза на повторно приближување кон природата. Погледот кон планината Плачковица, која како сенка ја чува долината, станува дел од секојдневната терапија. Секој прозорец, секоја сенка, секој премин меѓу надвор и внатре ја следи таа идеја: дека животот, дури и во својата доцна фаза, треба да се одвива во што поблизок дијалог со природата.

 

 

Позициониран на само сто метри од центарот на селото и поврзан со новоизградениот асфалтен пат, Домот станува и физички и симболичен мост меѓу традицијата и иднината. Тој е доказ дека селото може повторно да стане место на современ живот, а не само спомен на минатото. Инвеститорот, компанијата Еко Пак Хит од Кочани, со голема општествена свесност го препозна значењето на ваквиот проект — не како деловна инвестиција, туку како чин на заедничко добро. Со тоа, оваа архитектура го надминува сопствениот материјален облик и станува чин на културна одговорност.

 

 

Во времиња кога старите луѓе се најчесто заборавени на периферијата на современиот живот, овој објект се јавува како ретка точка на достоинство. Тој не нуди само кров и удобност, туку простор за повторно воспоставување на рамнотежата меѓу човекот и природата, меѓу животот и неговиот одраз. Архитектурата овде не е спектакл, туку смиреност. Таа се однесува кон пејзажот со понизност и разбирање, создавајќи топографија на грижа — место каде времето може повторно да тече бавно, со ритам по мерка на човекот!

Во Зрновци, на допир меѓу планината и оризовите полиња, оваа архитектура сведочи дека вистинскиот напредок не е во конструктивните детали и височината на бетонските столбови, туку во длабочината на човековата мисла што ги создава.

И.М.