Драган Шојлевски / 1924-2010

Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски; vidivaka.com; novamakedonija.com.mk; mk.wikipedia.org

 

Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на пејзажната архитектура на Димитар Димитров.

Драган Шојлевски (30.06.1924, Нови Сад — 30.10.2010, Скопје) – агроном, истакнат научник, истражувач, педагог и основоположник на современата пејзажна уметност и архитектура во Македонија.  Дипломирал на Земјоделско-шумарскиот факултет во Загреб во 1952 година на тема од областа на хортикултурата кај проф. Елза Полак. Докторирал во Загреб во 1976 година на тема „Македонската домашна градина како еден од изворите на елементи за современо обликување на парковите“.

 

Извадок од весник / фото: vidivaka.mk

 

По дипломирањето се вработил во Собранието на Скопје, како проектант на градските паркови, а од 1955 до 1958 година бил раководител на градските паркови. Во периодот од 1958 до 1961 година ја вршел функцијата шеф на отсекот за паркови и цвеќарство при Извршниот совер на СРМ. Од 1961 до 1962 година бил директор на организацијата „Паркови и зеленило“, а потоа со статус на ликовен уметник, својата слободна професионална дејност ја извршувал до 1966 година кога се вработил во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје. Тука учествувал во изработката на урбанистичкиот план на град Скопје и се јавува како еден од авторите на студијата и планот.

 

Извадок од весник / фото: vidivaka.mk

 

Во 1972 година престојувал во Перу како експерт на ОН за пејзажна архитектура. Од 1973 до 1978 година работел во Институтот за просторно планирање како раководител на секторот за истражувања, студии и планирање на природните фактори и заштита на животната средина. Во 1978 година бил именуван за претседател на Републичкиот комитет за заштита на човековата средина, а од 1982 година ја извршувал функцијата републички совет во Собранието на Македонија до завршувањето на неговиот работен стаж во 1987 година.

 

Паралелно со професионалната дејност бил вклучен и во наставно-научната активност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1982 година бил избран за редовен професор, а предавал на Земјоделскиот, Географскиот и Архитектонскиот факултет.

Во својата книга „Македонска домашна градина“ тој ќе напише: „Македонија е земја со изразито специфично поднебје, со убави аграрни, шумски и пасторални предели, со богатство на флора и фауна, со динамика на планинските височини, со мирни ширини на езерските пространства и со разиграни водни текови што создале услови за формирање голем број населби и создавање живот во нив“.

 

Разновидна и богата е палетата на неговото творештво. Изработил над 500 проекти и студии од областа на пејзажната архитектура, урбанистичкото и просторно планирање.

 

 

Од нив позначајни се:

  • Пејзажна архитектура:

    – Градски паркови:
    1955 – Градскиот парк во Виница;
    1967 – Градскиот парк во Скопје;
    1978 – Градскиот парк во Радовиш.- Репрезентативни паркови:
    1957 – Клубот на народните пратеници во Скопје;
    1958-60 – Одморалиштето „Горица“ во Охрид;
    1968 – Резиденцијата на митрополитот македонски.- Спомен-паркови:
    1965 – Паркот на Револуцијата во Прилеп;
    1967 – Паркот околу споменикот во центарот на Кавадарци;
    1977 – Спомен-паркот околу Костурницата во Велес.Во областа на пејзажната архитектура се застапени уште и рекреативните објекти, градските насади и скверови, болничките паркови и одморалишта, хотелските комплекси, образовните и културните институции, индустриските објекти, како и ентериерите (цветните аранжмани).
  • Урбанистичко планирање:

1963-65 – Урбанистичкиот план за Ново Скопје (еден од авторите);
1968-74 – Ревизија на урбанистичките планови за Свети Николе, Тетово, Гостивар, Дебар, Крушево, Гевгелија и др. (како советник).

  • Просторно планирање:1964 – Просторно-пејзажната студија за уредување на националниот парк „Пелистер“ (коавтор);
    1974 – Просторни планови за општините Крушево и Гевгелија (со тим).

 

За својата плодотворна дејност добил повеќе општествени признанија и награди од кои позначајни се:

1978 – Орден на трудот со златен венец;
1980 – Бигорски следбеници, повелба за животно дело;
1985 – Златна плакета и повелба од Хортикултурното здружение на Македонија (за животно дело);
1986 – 11-ти Октомври, за животно дело за придонес во културата на Македонија.