Trepetljika / Бела Топола / Populus Тremula / ДРЖАВНА ИНСТИТУЦИЈА ЗА РЕВИЗИЈА ЦРНА ГОРА
11.03.2022 • XXI век
Поглед кон заападната страна каде јасно се чита геометриската игра на фасадата, составена од едноставни волуменски повторувања на елементите, кои функционално овозможуваат енергетската ефиксност.
Првонаграден конкурсен труд
Автори: Христијан Ивановски, Александар Симјаноски, Викторија Богданова
Распишувач на конкурсот: Ministarstvo ekologije, prostornog planiranja i urbanizma / IV Proleterske brigade / 1981000 Podgorica
Локација: Подгорица, Црна Гора
Година: 2021-22
Ревизорот е личност кој ја нагледува исправноста на процесите кои се одвиваат помеѓу јавните институции на темелен, независен и транспарентен начин.
Не станува збор само за проверување на исправноста, туку за креативно советување за начини на подобрување на начините и ефикасноста во служењето на граѓаните, од страна на тие институции.
Ако ревизорското дејствување го разбереме како мост помеѓу правилното (посакуваното) и реалното (несовршеното), овој Ревизорот ја симболизира критичната мисла како конструктивната арматура која воспоставува и држи хармоничен ред и стремеж кон совесно делување во едно здраво општество.
Ревизорот е Гласник помеѓу Граѓанинот и Институцијата.
Како да се проектира архитектонско решение кое ќе ги вдоми потребите на овие Гласници? Како да се замисли Зграда која ќе биде огледало на ревизијата (пре-обмислување, пресогледување) како стремеж кон општествена исправност?
(клучни зборови: строгост, ригорозност, визионерство, конструктивна критика, огледало)
Трепетлика е суштество кое трепери.
Трепетлика е бела топола, чии листни дршки се толку рамни што треперат и на најблагото ветре.
Трепетлика е името на новиот дом на државната институција за ревизија:
- Нејзината стаклена обвивка трепери на најблагата промена, одвнатре и однадвор.
- Нејзината нежна строгост и конструктивна повторливост врамува динамични огледала.
- Нејзината ревизорски аскетска внатрешност и рационална основа се сретнуваат со надворешна шума и јавноста токму на стаклена обвивка: Огледало на транспарентноста помеѓу Граѓаните и Институциите.
Изградената Трепетлика е опкружена со
Новозасадени Трепетлики и со
Постојни Борови и Чемпреси.
Изградената Трепетлика ја манифестира будно на својата обвивка секоја промена на бојата на лисјата, доаѓањето на птиците, движењето на минувачите, будењето на пеперутките.
СЛЕТУВАЊЕ ВО ОКОЛИНАТА: СОВРЕМЕН ПРЕВОД на ПОДГОРИЧНИОТ АРХИТЕКТОНСКИ ЈАЗИК
Архитектонското решение на Трепетлика ги гради своите три принципи – Транспарентност, Строгост, Едноставност – врз постојните вредности кои ги препознавме во архитектонскиот јазик на градот Подгорица.
Покриените променади и пластично истакнатите ритмични брисолеи на Лицето на архитектонските зданија, ги прочитавме на
- Плоштадот на Независноста, Централната Банка, Музичкиот центар во поширокиот контекст, и
- Академијата на Науките и Уметностите и Вила Горица во поблиската околина на локацијата.
Покриените променади и пластично истакнатите ритмични брисолеи ги присвоивме и ги интегриравме во Трепетлика со еден материјален пристап кој е полесен од постојната бетонска тенденција: преплетување на повторливоста на елегантните бели структури и транспарентноста на стаклените “oчи-прозорци” на зградата, чија поставеност овозможува:
- огледување на зелената околина
- јужно отварање (ориентација) кон амфитеатралниот пејсаж над реката Рибница
- северо-источно отварање и поглед кон зеленото возвишување Горица.
Пејсажно уредување: МЕКА ГРАНИЦА ПОМЕЃУ ПРИРОДАТА И АРХИТЕКТУРАТА
Трепетлика е поставена на улицата со едно благо повлекување кое создава трапезоидна пијаца, врамена од конзолните стаклени испусти на катовите, тремот на влезот и дрворедот.
Дрвјата се третирани како Личности – тивки сведоци – кои го зазеленуваат просторот со вертикално означување на територијата:
- Постојни зачувани Дрвја во здрава состојба:
- Pinus Bruta Ten., Tilia Cordata Mil. во дрворедот на ул. Херцеговачка
- Celtis Australis L на почетокот на дрворедот кон внатрешноста (западна линија)
- Cipressus Sempervirens L. во триаголниот парк на раскрсницата.
- Новозасадени дрвја Трепетлики – Populus Tremula кои ги дефинираат меките рабови меѓу пешачките патеки и улицата, како и гранците со околните парцели (7 во триаголниот парко, 3 на улица Херцеговачка, 3 кон длабочината на парцелата и 1 поголема Трепетлика како центар на задниот двор.
Изборот на Трепетлика како дрво чии лисја треперат и на најблагото ветре, се должи и на нејзината вертикална издолженост и белината на нејзиното стебло.
Повторливоста на повеќе дрва Трепетлики околу објектот Трепетлика прави да просторот на и пред Ревизорската Зграда и триаголниот парк се доживеат како волумен со единствен конитнуиран бел јазик, со нежна поинаквост од останатите предвидени дрвореди на улиците Херцеговачка и Пролетерске Бригаде.
Повторливоста на повеќе дрва Трепетлики ги нагласува 4-те зачувани Дрвја и ја слави нивната поинаквост. Посебноста и возраста на 4-те зачувани Дрвја се лесно претпознатливи кога се согледуваат разликите во треперење на нивните листови, во споредба со новозасадените Трепетлики.
Објектот Трепетлика заликува на дрвјата Трепетлика и комуницира со нив низ следните просторни одлики:
- Повторлива Белина на вертикалните структурални елементи кои ги врамуваат стаклата
- Централна Празнина која се отвара кон небото
- Трепетлив Одраз на надворешниот и внатрешниот живот низ листовите и стаклата.
Партерното решение формира ортоголнална матрица која го следи правецот на улица Херцеговачка. Мозаикот на ниско зеленило тече непрекинато низ западниот и североисточниот двор во пријатна сенка под крошните.
- Западниот двор (и дрворед) ја прима во себе издолжената функција на бифето
- Североисточниот двор (и една Трепетлика) ја прима во себе издолжената функција на двете конференциските сали.
Дворовите структурирани по матрицата на партерот, изобилуваат со клупи и отворени простори кои тежнеат да ја изразат пријатната зелена атмосфера, која се наоѓа на полапат помеѓу ѕелените микроклими на Ридот Горица и реката Рибница.
Во себеси, зградата Трепетлика содржи две висечки вертикални градини на јужната и североисточната фасада, а петтата фасада свртена кон небото создава кровна градина и светлосна празнина.
Развивање на формата
Енергетска ефикасност
АСКЕТСКА ВНАТРЕШНОСТ СО ПРАЗНИНА КОЈА СЕ ОТВАРА КОН НЕБОТО
Централната просторна тема во зградата Трепетлика е светлосната празнина која се издига низ сите катови до самиот кров.
Додека тлорисот е едно аскетски организирано, рационално и функционално решение, Празнината му донесува една динамична енергија кои овозможува не само естетски возбудливи погледи помеѓу катовите, туку и тематска поделба помеѓу раководителите и вработените.
Патувањето низ зградата Трепетлика започнува на самиот влез, чие повлекување во неправилен трем не поканува да влеземе на необично видлив начин. При упатувањето кон рецепцијата се согледуваат амфитеатрално поставените скали кои служат не само како вертикална комуникација, туку и простор за социјализација осветлен од источната страна и од зениталниот отвор кој ја врамува празнината.
Протекување на функциите кон надворешноста, и нижење на содржините околу правецот кој ги поврзува предниот и задниот двор
Кога стигнувате до рецепцијата, имате можност:
- да се качите по церемонијалните скали кон работните простори
- да продолжите по оската која води до конференциските простории и салата за состаноци (одделени меѓусебно со флексибилна преграда)
- да се качите со лифтот во класично решеното противпожарно јадро
- да се освежите со оброк во бифето
- да излезете на парковското зеленило во еден од двата зазеленети дворови.
Вертикалната празнина просторно ги поделува канцелариите на вработените и приемниот простор кај раководителите. Централниот хол прераснува во галерија.
Атмосфери:
- Трпезаријата се отвара кон страничниот двор: страничниот двор станува трпезарија под одтворено небо.
- Конференцискиот простор и салата за состаноци се отвараат на задниот двор, и се меѓусебно одвоени со преграда.
- Централниот хол се трансформита во вертикална празнина, а скалите се претвораат во амфитеатрален простор за читање и социјализација.
- Влезниот плоштад на нежен начин ги повикува минувачите да успорат и застанат овде на нивната прошетка: Трепетлика станува градски ориентир: Nađimo se kod Trepetljike!
Приземјето дополнително ги содржи архивот, и канцелариите за внатрешна контрола, меѓународни односи, финансии, правници и советници за информатички технологии.
Првиот кат ја содржи зоната на Сенатот на државната институција. Вертикалната празнина ги одвојува Салата за состаноци и приемниот простор на Сенаторот. Канцелариите на Сенаторот и секретарот ДРИ се ориентирани кон јужните погледи над реката Рибница, а помеѓу нив се случува зазеленет балкон кои носи светлина во хоризонталната комуникација на катот. На североисточната и западна страна се наредени канцелариите на вработените ревизори.
Принципот се повторува на следните два ката, со тоа што наместо сала на состаноци, овојпат празнината е тангирана од канцеларијата на вработените ревизори.
Поглед кон јужниот влезен Плоштад, со трем и стаклена фасада и нагласена прозрачност.
Поглед кон Галеријата и амфитеатралните скали како простор за дружење и одмор, со библиотека која се издига низ целата висина. Оваа точка покажува јасна диференцијација на движењето: патот кон конференциските сали, и патот коон работните простории на повисоките катови.
На западната страна прозорите се покриени со платнена завеса која го овозможува соодветно осветлување.
Поглед кон влезниот Плоштад и страничниот двор.
Поглед кон задниот двор: истекување на функцијата на конференциските сали под отворено небо.
Автор на статија: Filip Koneski
Populus Тremula / Trepetljika / Бела Топола / ДРЖАВНА ИНСТИТУЦИЈА ЗА РЕВИЗИЈА ЦРНА ГОРА