Џепане, Битолска тврдина / 1876

Битолската тврдина, позната како Џепане (од тур. cephane – барутана, магацин за муниција), претставува еден од најзначајните историски објекти во Битола. Изградена во 1876 година, таа претставува врвно архитектонско остварување на традиционалните мајстори и е споменик на културата од прва категорија. Комплексот е подигнат на ридот Тумбе Кафе и го сочинуваат четири независни објекти од делкан камен, поставени накрсно и оградени со висок камен ѕид од околу четири метри, поставен во форма на крст.

Архитектурата на Џепане е особено впечатлива – на неговата фасада се забележуваат готски и барокни елементи, влезовите се направени од делкан гранит, а објектите се изградени со исклучително дебели ѕидови од 80 до 90 сантиметри. Полукружните тавани обезбедуваат природна изолација од влага, додека контрафорите служат и за вентилација и за херметичко затворање на магацините. На некои од градбите е изделкан грбот на Отоманската империја, а во северниот објект се наоѓа стар графит на турски офицер на коњ.

Ридот Тумбе Кафе 1911 година

Во минатото Џепане било опкружено со Црвената и Белата касарна, каде што во одредени периоди биле сместени и до 30.000 турски војници. За време на Првата светска војна, тврдината, како и околните воени објекти, била тешко оштетена, а дел од комплексот, според некои сведоштва, експлодирал во 1924 година. Сепак, Џепане опстанало и подоцна било обновувано.

Црвената касарна со Џепане во позадина 1911 година

Во текот на ЈНА, а подоцна и АРМ, објектот повторно добил строго воена намена – служел како магацин за оружје и бил чуван како воена тајна. Комплексот бил опкружен со стражарници, бодликава жица, челични порти и голем број громобрани кои го штителе од природни влијанија. Речиси никој од цивилите не можел да го посети, што дополнително го зголемувало мистичниот карактер на тврдината.

Денес, по затворањето на касарната и пренесувањето на надлежноста на општината, Џепане е отворено за посетители и претставува важна туристичка атракција и потенцијално место за културни настани. Иако моментално е делумно запоставено и често мета на крадци и диви копачи, неговата архитектура, историја и симболика остануваат силно присутни. Како што вели историчарот Владо Темелковски, Битола, иако многупати разрушувана и повторно изградена, сè уште ја чува сенката на минатото во ваквите архитектонски бисери – кои, иако не се вклопуваат сосема во современиот живот на градот, претставуваат непроценливо наследство.

Џепане и денес стои како сведоштво за бурната историја на Битола – архитектонско, културно и воено наследство кое со право го привлекува вниманието на историчарите, архитектите и љубителите на минатото.

Фотографиите се превземени од Мимоза Стојчевска