Езеро Треска – Скопје / Пелагонијапроект, 1978
21.10.2019 • Пејсаж ХХ век / II половина
Денес Матка несомнено е најактуелната природна дестинација на Скопје. Но, додека каноњот привлекува стотици, соседното езеро Треска веќе две децении стои напуштено. Загдените води и распаднатите објекти носат само бледи траги од некогашната голема идеја за зелениот појас Матка – Сарај.
Локација на езерото „Треска“ / А. Стефановска
Течението на р. Треска и околината на Сарај, се планирани како зона на зеленило уште од самиот почеток. Тоа го среќаваме во планот од Л. Кубеш од 1948г. кој за прв пат ја вметнува оваа периферна зона во структурата на градот.
Во постземјотресниот ГУП од 1965г. идејата за овој реон се развива уште повеќе, поврзувајќи го во систем на зелени коридори низ целото Скопје. Оваа целина долж реката Треска се предвидува за разновидни програмски содржини: спортско – рекреативни намени, комерцијално – угостителски намени, хотелско сместување, индивидуално домување, расадници, детски и младински центри, градска плажа, авто камп и парковски површини.
Реонот на р. Треска на историските урбанистички планови / А. Стефановска
План за рекреативниот појас Сарај – Матка
Овиој план конечно се реализираат во 1978г. со изградбата на на вештачкото езеро Треска и неговиот туристичко – рекреативен комплекс. Подвигот е овозможен преку самофинансирање од страна на граѓаните, кои донираат средства за градење на неколку вакви јавни простори кои би го подобриле квалитетот на живот за целата заедница.
Историска фотографија – излетувалиште на р. Треска
Проектот започнува со позиционирање на езерото Треска на местото „Кривина“, кое и претходно било најпопуларното излетувалиште за Скопјани. Структурата претставува бетонски базен кој се полни со водата од р. Треска, преку систем на пумпи и водоводна мрежа. Неговата површина е 13 хектари, а има капацитет дури за 10.000 капачи. Содржи и систем за прочистување преку таложници, вештачка акумулација и пречистителна станица.
Историски фотографии, непосредно по изградбата на езерото
Околу езерото се поставени спортско – рекреативните содржини на комплексот: игралишта, базени, плажи, паркови, шеталишта, бифеа и киосци. Во склоп на оваа програма, вклучен е и камп простор за приколки и шатори со капацитет од 500 корисници. Сите овие програми се меѓусебно поврзани со пешачки патеки и опкружени во високо зеленило.
Мапа на постоечка состојба / А. Стефановска
- Влезен дел: 1) Обезбедување и центар за информации; 2) Тоалети и гардероби; 3) Ресторан; 4) Паркинг; 5) Угостителски обејкт;
- Спортско – рекреативни содржини I : 6) Базени; 7) Снек бар; 8) Тоалети и гардероби; 9) Терени за спорт; 10) Бетонска плажа;
- Спортско – рекреативни содржини II : 11) Ресторан; 12) Тоалети и гардероби; 13) Игралиште за одбојка; 14) Објект за изнајмување на опрема; 15) Базени; 16) Песочна плажа;
- Камп: 17) Објекти за оддржување; 18) Ресторан; 19) Простор за камп приколки; 20) Тоалети и гардероби;
- Спортско – рекреативни содржини III : 21) Бетонска плажа; 22) Снек бар и маси за седење;
Историски фотографии
Овој комплекс е само фрагмент од поголемиот опфат на зелениот појас Сарај – Матка. На устието на реката се поставени спортски игралишта од секаков вид и излетнички сегмент (1). „Чичино село“ (2) било во фукнција на детско одморалиште и рекреативен центар, а каноњот Матка (4) бил предвиден за кајакарење со пропратни угостителски и верски објекти. Сите овие програми, нанижени по течението на реката, ја креирале најатрактивната рекреативна зона на граѓаните на Скопје.
Шема на зелениот појас Сарај – Матка / А. Стефановска
Оваа успешна приказна на партиципативно урбано планирање трае многу кратко. Во 1998г, само 20г. по неговата изведба, водите на езерото Треска беа прогласени за штетни за капење. Последователно започна и затворање на останатите делови од комплексот. А сега, од целата зона работат само спортскиот центар Матка, а делумично и кампот.
Главниот удел во деградацијата е човековото дејствување. Сета урбанизацијата, проширување на земјоделските површини и несоодветниот инфраструктурен систем за фекален отпад, значително влијаат на водите од р.Треска. Езерото стана базен за таложење на загадените води, достигнувајќи највисок степен на бактериолошка контаминација кој не дозволува конзумирање, капење, наводнување или било какво користење поради загрозување на човечкиот живот.
Од неговото затворање до денес се правени низа обиди за реактивирање на езерото, кои секогаш завршуваа неуспешно. Меѓу главните причини за застојот се недоволните стратешки ингеренции од страна на град Скопје, како и лимитираниот буџет предвиден за интервенирање на локацијата.
Постојна состојба (www.slobodnaevropa.mk)
Денес главните влезови се отворени, а внатре загадената вода и распаднатите објекти сведочат за пропаѓањето на големиот проект. Изградбата на Езерто Треска во 70-те е многу храбар одговор на потребите на овој главен град во развој. Граѓаните веруваа дека самите можат да ја создадат географијата која ни недостасува во Скопската котлина и да креираат соодветно место за ладење од летните горештини.
Децении отпосле, иако ја воочуваме огромната амбициозност на овој проект, сеуште ја посакуваме неговата крајна визија. Зарем не би било убаво да имаме плажа во Скопје? Една баш ваква – потоната во зеленило и со поглед кон планините.
Истражување: Анѓела Стефановска
Фотографии од постојна состојба: Филип Конески
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Езеро Треска / Загадување / Матка / Пејсажна архитектура / Сарај / Скопска плажа