Фабрика за производство на картон и рециклажа / Василева, Трајкова

Автори: Даниела Василева, Сара Трајкова
Семестар: VII семестар
Проектна задача : Урбана фабрика и нејзиниот потенцијален придонес за одржлив развој – Фабрика за производство на картон и рециклажа
Локација : Стара фабрика – КОМУНА – СКОПЈЕ
Ментор: проф. д-р Александар Радевски
Педагошки тим : проф.д-р Горан Мицковски и м-р Димитар Крстески
Универзитет:„Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет, Скопје
Година : 2021/2022

 

КОНТЕКСТ СО МЕСТОТО –

Местоположбата, односно локацијата која ја разработуваме, се наоѓа во еден дел од градот  на индустриска – работна зона, меѓу кој е интерполирана структура на ситно градско јадро – мирно маало.

Распослана е помеѓу две општини – Автокоманда од левиот брег на реката Вардар и Аеродром, од десниот брег на реката Вардар, лесно достапна од двете, како една изолирана тампон зона.

Претставува стара структура на некогашна фабрика за картонажа, која тоне во заборав.

 

Ја сочинуваат објекти кои се во лоша состојба ограничени со тракт од напуштено зеленило, кој се концентрира кон реката Вардар. Сегашниот простор нуди многу непрепознаени потенцијали, со својот голем размер, кој моментално е неупотреблив.

КОНЦЕПТ –

Парцелата е формирана со поставување на неколку волумени поврзани во една целина. Инспирирани од потребата на линиското движење на процесите во фабриката, со повлекување на одредени оски од парцелата, се добива една базична П форма на објект, која овозможува континуиран тек на случување на процесите.

Концептот се формира со поставување на два подолжни волумени, паралелни меѓусебно и еден попречен волумен кој ги сврзува притоа формирајќи централен атриум – внатрешен двор, како една точка на случувања.

Се базира врз основа на самата конфигурација на парцелата, од каде се појавува –

Централен волумен на случувања – фабриката, каде се одвиваат главните процеси и административниот дел оддвоен како засебен волумен, надоврзан на комплексот  кој функционира во склоп со главниот конструктивен модул.

Поврзани со попречно поставен мост – како едно сврзно јадро, меѓу двата волумени.

Во приземјето лоцирани се содржини од јавен карактер, како што се мал ресторан со своја дистрибутивна кујна, дополнети со главни пристапи за вработени со дел за гардеробирање.

ПРОЕКТНА ПРОГРАМА –

Процесот започнува од еден подолжен волумен, опремен со влезен магацин за ролни, линија со технологија нa производство на картон, кон две линии за доработка на картон. Кон процесот се надоврзуваат магацини за картонска амбалажа, погон за рециклирање, како и магацин за рециклирана хартија.

Паралелно на нив подолжно, се надоврзува економскиот волумен – ресторан на приземје и администрација на кат.

Формиран  на тој начин, што структурно е затворен кон краевите – каде се наоѓаат вертикалните комуникации – јадра, а отворен – транспарентен кон центарот со поглед кон реката Вардар.

Помеѓу двата волумени, постои мост на горно ниво, кој овозможува комуникација – движење. Овде се лоцирани канцеларии за контрола на целиот производствен процес, како и заеднички места за дружење – поставување на привремени изложбени предмети.

 

МАТЕРИЈАЛИ И КОНСТРУКЦИЈА / ЅИДОВИ / ПОДОВИ / КРОВ  –

Основната конструкција на фабриката се челични столбови од I носачи, на кои налегнува примарна конструкција – линиска решетка, која совладува распон од 16, до 24 метри. Во полето на примарната конструкција, навлегува секундарната конструкција – R – носачи.

Кровната конструкција е изработена од Trimo кровен панел – со мал наклон – пад за вода, кој налегнува на терцијална конструкција – носачи.

Ѕидовите на фабриката, се предвидени од Trimo фасаден панел, со принцип на штрафење. Во однос на фасадата , се појавуваат 4 репрезентативни фасади, кои се решени со ритам на вертикално поставени отвори, кои во однос на просторот зад кој се појавуваат, ја менуваат својата ширина.

Административниот дел ја прати истата конструкција. Меѓутоа овде се јавува и меѓукатна конструкција, која е предвидена со редење на лим, над кој доаѓа бетонска плоча и епокрисен под, како завршен елемент. Останатите објекти, се решени на сличен принцип. Истиот начин на решавање на конструкцијата, но соодветно спрема формираните модули.