Француските воени гробишта, Скопје / Артемушкин, 1923 – 1932г.
21.02.2026 • Пејсаж ХХ век / I половина
Локација: ул. Самоилова, ридот на Кале, до амбасадата на САД во Скопје
Автор: Иван Артемушкин
Година на изведба: 1923 – 1932г.
Извори: публикација „Артемушкин и Скопје“, Чаусидис, Ефремовски; Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Француски гробишта 6.1.283.10/384-439, фотографии: македонски блогови и сл.
Историја
За време на Првата светска војна и отворањето на Солунскиот фронт, војниците од Антантата и од Централните сили се судираат токму на територијата на Македонија. Иако поголемиот дел од бугарско–германската армија се повлекува на север, Скопје останува еден од последните окупирани градови од силите на Антантата. Битката за ослободување на главниот град во 1918 г. е една од финалните воени акции, во која голем удел имаат француските сили, вклучително и војници од нивните колонии како Мароко и Сенегал.
По војната, во градот имало околу 300 гробови на француски војници кои не биле соодветно одржувани и означени. Француската Република набрзо започнува процес за нивно уредување во споменичка целина, со цел да се одбележи уделот на нејзината армија во ослободувањето на Скопје.
Во 1923 година градската општина доделува земјиште од 8000 м² на Француската влада токму за оваа намена. На оваа локација се погребани околу 4000 војници, од кои само 930 биле познати и сместени во обележани гробови, додека околу 3000 се во групни гробници.
Историски документи за одликата и изведбата на гробиштата / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Архивските документи покажуваат неколку планирани елементи: куќарка за чуварот (проектирана во 1926 година), чешма од другата страна на главниот пат (1929 година), како и ограда и скали (1931 година). На сите овие планови стои името на Артемушкин како проектант, што сугерира дека тој веројатно бил одговорен за дизајнот на целиот комплекс.
Историска фотографија / извор: македонски блогови
Монументална аксијала
Гробиштата се состојат од една централна патека што започнува од главниот пат и води до дното на брдото, кон кејот на реката Вардар. Оваа аксијала функционирала и како скратена патека преку брдото Кале, поврзувајќи ја населбата Топана со центарот на Скопје.
Диаграм на историска ситуација / извор: Чаусидис, Ефремовски „Артемушкин и Скопје“
Главниот влез е од ул. Самоилова, низ порта составена од два столба од камен бигор, завршени со лак од ковано железо на кој стои натписот: „1914–1918 Cimetiere Militare Francis“ („1914–1918 Француски воени гробишта“). Од портата започнува бетонска патека со дрворед, која се искачува кон врвот на ридот каде се поставени гробните споменици.
Алеи од гробови се нижат симетрично од двете страни на патеката, во 16 редови одделени со патеки од ситен бел камен. Секое гробно место е означено со крст декориран со францускиот „триколор“, со испишани информации за починатите. Гробовите на муслиманските војници, претежно од француските колонии во Африка, се означени со полумесечина. Репетитивното обележување е дополнително збогатено со засадување ружа на секое почивалиште.
Историски фотографии / извор: македонски блогови
Централно, на врвот на ридот, се поставени три монументални обележја. Главниот споменик е дизајниран од белградскиот архитект Јосиф Најман во 1925 г., во стилот на академизмот. Двата странични монументи ги означуваат групните гробници на непознатите војници.
Историска фотографија од спомениците на врвот на ридот / извор: македонски блогови
Патеката потоа се спушта кон голема тераса веднаш под врвот на ридот. Тука некогаш имало парковско зеленило и градина ориентирана кон погледот на јужниот дел од градот, со фонтани и клупи.
Потоа следуваат бетонски скали што го совладуваат накосениот терен и формираат шест помали тераси–одмаралишта, опремени со клупи и наменети за видиковци. Пред крајот, скалишната патека се дели на два крака кои полукружно се спуштаат кон денешната ул. Лазар Личеноски.
Исотриска фотографија на некогашната градина со поглед на Р. Вардар / извор: македонски блогови
Историска фотографија од терасата на француските гробишта кон Кале, Р. Вардар и градот Скопје. Во преден план лево оградата дизајнирана од И. Артемушкин / извор: македонски блогови
Куќарка за чуварот
Јужно од гробиштата се наоѓа објектот наменет за чуварот, со мала градина. Објектот е скромен по големина, но со класична рустична декорација, особено изразена на страната кон главната улица. Постои и денес, но е значително изменет.
Архивска документација за куќарката на чуврот, проектирана од И. Артемушкин / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Историска фотографија од куќарката на чуврот / извор: македонски блогови
Чешма
Во 1929 г. Артемушкин добива задача да проектира монументална чешма за потребите на гробиштата. Таа најверојатно се наоѓала од другата страна на улицата и била отстранета при изградбата на патот и станбените куќи што денес се на оваа локација. Според техничките документи, била дизајнирана во духот на периодот, со нагласена геометрија и без орнаментика.
Архивска документација за чешмата, проектирана од И. Артемушкин / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Ограда и скали
Во 1931 година Артемушкин го проектира заградувањето на комплексот. Изведена е бетонска ограда по периметарот на гробниот парк, во должина од 298 м. Дизајнот е едноставен и има цел да го означи просторот на француските гробишта, со висина од 100 см.
Оградата долж скалишната патека од јужната страна на ридот е идентична со онаа од проектот на Артемушкин, што укажува дека и скалите се негово дело.
Архивска документација за оградата на скалите, проектирана од И. Артемушкин / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Денешната состојба на комплексот ја разгледуваме подетално во засебна објава, проследена со фотогалерија. Продолжете со читање на објавата>>>
Француските воени гробишта, Скопје / Фотогалерија и денешна состојба
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Артемушкин и Скопје / Воени гробишта / Гробишта / Иван Артемушкин / Јосеф Најман / Прва светска војна / Скопје / Спомен одбележје / Француски гробишта













