Градителите од животинското кралство
26.12.2020 • Истражување
Автор: Ноеми Чаусидис
Архитектурата обично ја перципираме како нешто направено стриктно од човечки раце, но актот на градење и обликување на својот хабитат е наследна карактеристика на многу суштества низ животинскиот свет. Без разлика дали е конструирање на засолниште, стапица или складиште за храна, природата е полна со генијални структури кои го заслужуваат терминот „архитектура“.
Додека нас ни требаа векови да развиеме начини да комуницираме за архитекотнските идеи, како цртежи и 3Д претстави, животните се потпираат само на информациите кои се проткаени во нивната генетика. Сепак овие архетипови се толку врежани во колективен инстинкт што илјадници градители можат синхронизирано да работат без никакви статичари, изведувачи или надзори.
Овој инстинкт на правење свое „гнездо“ е толку силен што останува и години откако веќе не е потребен. Така и кучињата се уште прават кругови пред да се сместат на нашиот тепих, како наследна навика од нивните претци кои вака си создавале легло во високата трева. Впрочем истото важи и за луѓето, чии деца сѐ уште уживаат во правење на куќички точно по мерка на нивото тело, без разлика што тие честопати се од ќебиња и перници и сместени во нашата дневна соба.
За подобро да ја разбереме моќта на овој градителски инстинкт ви ги презентираме мастер-архитектите од животинското кралство, чии структури варираат од цели градови до мини засолништа, но сите се вистински чуда на природата.
Термити од видот mound-building termites
Овие инсекти градат структури кои го заслужуваат називот „облакодери“, бидејќи се околу 2000 пати поголеми од нивниот градител – термитот. Колку за споредба, нашите најголеми згради се околу 500 пати повисоки од еден човек. Но тоа што термитите го градат не се напросто згради, тоа се се мега градови со комплексни мрежи на канали и подземни одаи кои имаат различни намени. Дополнително тие го имаат усовршено вентилацискиот систем подобро и од нас луѓето, целата структурата што е над земја впрочем служи за проветрување на главното подземно гнездо.
Интересно е што овие структури честопати го надминуваат животниот век на самите инсекти, па со години стојат напуштени како некаква археологија од светот на термитите. Дури понекогаш знаат да бидат ревитализирани од нова колонија на термити, баш како и нашите градови.
Фото кредит: RayNorris / извор: wikipedia.commons
Пресек низ градовите на термитите – извор, лево: wikipedia.commons / десно: pixshark.com
Пчели
На листата на градови на инсектите не смееме да ја изоставиме најорганизираната социјална структура на пчелите. Тие ги градат нивните гнезда од восок и не ги користат само како места за живеење, туку и како складишта за храна. Бидејќи изработката на восок е доста тешка за самите пчели, тие изведуваат хексоагонална структура коа е математички оптималната форма за компактно складирање на најмногу мед со употреба на најмалку восок. Фасцинантно е како овие инсекти се способни за изведување на толку совршени агли и комплексни форми.
извор, лево: classicwoodie, tumblr.com / десно: imgur.com
Корали
Животните кои ги градат овие структури се викаат корални полипи, тие го користат калциум карбонатот присутен во водата и градат егзоскелеон кој им е потребен за потпора и заштита. Овие нивни куќички ги укотвуваат на подводните камења, и заедно градат цели метрополи или корални гребени, во кои потоа се вселуваат и неверојатен број на други морски видови во потрага по храна и засолиште.
извор: thefoxmagazine.org
Мравки
Слично како термитите, мравките се познати по нивните комплексни подземни гнезда кои достигнуваат неверојатни големини. Но тие имаат и една друга архитектонска способност – градење на привремени структури како би преовладале просторни препреки. Тие знаат да прават кули или мостови и тоа со сопствените тела, што е веројатно најчудниот материјал во светот на животинската архитектура.
Мост од мравки / извор: nextnature.net
Другата страна на мавките градители – нивните подземни колонии / извор: core77.com
Дабари
Овие вредни суштества веќе подолго се познати како најдобрите градители од царството на цицачите. Тие комбинираат камења, кал и дрво за да создадат комплексни брани, кои ги успоруваат реките и им овозможуваат да изградат гнезда токму во водата. Тука тие се заштитени од предатори и блиску до нивниот извор на храна. Освен хидро-инженерските зафати, тие додаваат и функционалност во нивата работа градејќи вентилациски отвори и подземни влезови кон нивните засолништа.
Пресек низ структурите на дабарите / извор: alchetron.com
извор: biology.stackexchange.com
Птици од видот Bowerbird
Оваа фасцинантна птица создава прецизни и педантни структури чија единствена цел е привлекување на женки. Мажјаците градат гнезда од гранчиња кои ги декорираат со различни цвеќиња, плодови или предмети во шарени бои. Бидејќи женките ги бираат партнерите врз база на талент и градителски способности, мажјаците постојано ги одржуваат и дотеруваат нивните гнезда за финалната инспекција.
Овие птици градат два типа на структури зависно од нивната сорта. Едните ги поставуваат дрвцата вертикално и создаваат пат или тунел низ средишноста, а другите прават засолниште како пештера со кров и широк влез.
Прв тип на гнездо / извор: core77.com
Втор тип на гнездо / фото кредит: Tim Laman, извор: naturepl.com
Џуџасто глувче
Ова 6 грамско суштество е најмалиот глодар низ Евро-Азија, кој го плете своето гнездо висока над земјата, налик куќичка на дрво. Но соодветно на неговата големина тој не освојува вистински дрва, туку дрвата од неговиот свет – високата трева или пченица. Фасцинантно е што неговата структура се состои од жива и сува трева. Примарната конструкција се всушност листови кои не се скинати од самото растение, туку само расчленети и испреплетени, па така остануваат живи и зелени. Врз оваа подлога од столбови (стебла) и греди (листови) тој гради ѕидови од сува трева и еден мал отвор совршен за неговата големина. Гнездото служи како заштита од предатори и место каде глувчињата ги одгледуваат нивните малечки.
фото кредит: Jean-Louis Klein & Marie-Luce Hubert/Barcroft Medi, извор: theguardian.com
фото кредит: Dean Mason, извор: ev36.com
Пајаци
За разлика од другите животински структури, пајажините ја умаат улогата на стапици. Нивната екстремно еластична и силна свила е совршениот материјал кој создава лепливи мрежи кои го заробуваат потенцијалниот плен. Обично пајакот го користи своето сопствено тело како мерило и создава неверојатни шари од концентрични кругови. Ова е единствениот инсект кој е вклучен во античките митологии, кога дури се верувало дека исто како што ги создава неговите геометриски пајажини така ова суштество го има испреплетено и целиот универзум.
извор, лево: insider.si.edu / десно: unsplash.com, фото кредит: Thomas Bishop
Молци од типот Bagworms
Поради тоа што овие суштества го поминуваат поголемиот дел од нивниот живот во нивната гасенична форма, тие имаат развиено неверојатен начин да го заштитат нивното кревко тело. Користејќи свила тие лепат гранчиња и листови, и создаваат мали подвижни засолништа со кои можат да се камуфлираат во нивната околина. Нај неверојатниот аспект е што формата на некои од овие оклопи е како некоја мала колиба.
фото кредит: Nick Bay, извор: pinimg.com
Молци од типот Urodidae moth
Овој инсект кој живее во Амазонската дождова шума создава кожурец кој од естетски и функционален аспект е совршениот дизајн. Неговата намена е да го заштити молецот додека е во процесот на метаморфоза, суспендиран на тенок свилен конец што го прави недостапен за напади од мравки. Неговите отворени мрежасти ѕидови дозволуваат проток на воздух и вода и избегнуваат развивање на мувла, но уште поважно, го решаваат проблемот на потенцијално давење на гасеницата при обемни дождови. Силната портокалова боја, која има за цел да ги уплаши потенцијалните предатори, додава уште толку восхит на оваа генијална форма која на прв поглед изгледа како да излегла од 3D принтер.
фото кредит: Jeff Cremer, извор: Smarter Every Day
Mорскиот сунѓер од типот Venus flower basket
Документарецот на BBC – Blue Planet ни открива една неверојатна приказна која ја оставаме за крај на оваа листа. Станува збор за едно од наједноставните организми на светот – морскиот сунѓер, кој не гради за своите потреби, туку неговото тело има таква структура што станува засолниште за комплетно друго суштество. Неговите порозни ѕидови имаат дупчиња низ кои влегуваат малите ларви на ракчињата spongicolid shrimp. Тие тука се сместуваат и растат во комплетна сигурност внатре во сунѓерот. Но штом ракчето ќе порасне, тоа веќе не може да излезе надвор од неговото засолниште и цел живот останува заробено.
Така што ги заробува овие мали потстанари сунѓерот си добива вредни чистачи на неговата утроба, но се уште е мистерија дали ова е главната причина за неговата форма или само случајност. Сепак и тоа постои во животинскиот свет – суштество кое со самиот свој организам претставува архитектура на засолниште, а воедно и затвор, за други помали животни.
фото крефит: NOAA Okeanos Explorer Program, извор: commons.wikimedia.org
извор: Blue Planet II, BBC
Автор на статија: Ноеми Чаусидис