Хавзипашини конаци / XIX век

Фотографии: mk.wikipedia.org; ceipa.pmf.ukim.mk; https://www.youtube.com/@mariovofilm

Извори: macedonism.org; https://www.youtube.com/@mariovofilm; mk.wikipedia.org

Локација: с. Бардовци

Период на изградба: 1830-1845 година

 

Комплексот конаци на Хавзи-Паша се наоѓа во селото Бардовци крај Скопје. Изграден е на чифликот на Хавзи-паша во периодот помеѓу 1830-1845 година. Овие конаци претставуваат едни од најраскошните и најмонументалните градби на отоманската профана архитектура во Македонија.

Хавзипашините конаци во голема мера отстапувале и се издигнувале над традиционалната, социјалната архитектонска и урбана матрица на сличните градби во тогашната Отоманска империја. Претставувал еден помодерен, отворен концепт на чифлик со конаци и бил граден по претходно изготвен план со кој населбата била издвоена од конаците.

Хавзипашините конаци се простираат на површина од околу три хектари. Комплексот го сочинуваат три делови со згради и дворови оградени со високи ѕидови од камен, со мали отвори за пушкарници. На надворешните страни се изградени осум одбранбени кули. Поделбата на просторот и изградените објекти се направени според стандардите и потребите на едно богато и престижно муслиманско живеалиште. Меѓу дворовите има врати за внатрешна комуникација, а објектите се поврзани со патеки поплочени со калдрма.

 

 

Во средишниот двор се наоѓа селамлукот во кој престојувал пашата со машкиот дел од семејството. Во него се влегува низ главната порта. Лево од портата имало просторија за вратарот, а десно била стражарницата. Во левиот агол на западната страна во дворот имало пекарница со бунар, а до неа било колачницата. Од главната порта по калдрмисана патека се стигнувало до зградата на селамлукот. Тоа бил раскошен објект со приземје и кат. Од централниот влез се влегувало во елипсовиден хол на приземјето околу кој гравитирале шест одаи и две оџаклии. Катот по бројот и распоредот на просториите бил идентичен со приземјето. На преградниот ѕид меѓу машкиот и женскиот двор се наоѓала ризницата. Таа е двокатна зграда со повеќе простории на приземјето и катот. Ризницата со дрвени мостови во висина на првиот кат била поврзана со селамлукот и харемлакот (женската зграда) што овозможувало интимна комуникација меѓу двата објекта. Ризницата служела за чување на богатството и оружјето на пашата, но исто така била предвидена да послужи и како засолниште за семејството од евентуален напад на конаците.

 

 

На источната страна од комплексот се наоѓал женскиот двор. Десно од влезната врата била сместена зградата за кујната и за бројната послуга. До неа на источната страна имало бунар за пиење и готвење. Во средината на дворот бил харемлакот во кој престојувал женскиот дел на семејството.  Зградата на харемлакот според основните елементи и рапоредот на просториите била безмалку идентична со селамлукот. Женскиот двор бил посуптилно уреден од машкиот. По целата должина на северната и западната страна течела вода која доаѓала од реката Лепенец. На источната страна од дворот со низок ѕид била издвоена овошната градина.

 

 

Економскиот двор е на југозападната страна на комплексот. Во него се влегувало низ посебна споредна порта и служел за сместување на слугите и добитокот. Лево од влезната врата по должината на оградниот ѕид била изградена голема коњушница со простории за коњушарите. Десно од влезната врата на дворот било изградено поило за добитокот и коњите.

Хавзипашините конаци биле комплекс во кои економската функција била ставена во позаднината. Биле планирани како летниковец за засолнување на сопственикот со семејството и придружбата покрај водите на реката Лепенец.

 

 

Двата конаци (селамлукот и харемлакот) биле симетрични во своето решение, со приземје и кат, без визба. Двата ката имале ист број простории. Во центарот на градбата се истакнува големиот елипсовиден хол, кој по оската се проширува, на едната страна, со трем-галерија на главната фасада, а од другата страна со широк пробив кој се сместени скалите и кој завршува со еден вид чардак на спротивната фасада. Оваа низа средишни простории ја дели зградата на два еднакви дела. Покрај холот се поставени четири главни соби, две споредни соби и две оџаклии. На катот покрај фасадните соби, се наоѓаат и две остави. Тие остави биле поделени на два ката, така што на првиот кат на овие простории се јавува некој вид мезанин. За горното ниво не постоеле постојани скали, поради тоа архитектот Бранислав Којиќ смета дека тој мезанин бил наменет за некој вид скривница.

 

Внатрешноста на собите биле типично уредени за богатите муслимански куќи. На ѕидовите во собите на приземјето имало печка, амамџик и долап. Просториите на катот биле наменети за дневен престој и приеми, уредени со богато украсени големи камини.

Ѕидовите на приземјето биле градени од кршен камен и малтер од вар, а на катот биле од дрвен бондрук, исполнети со печени тули и малтерисани. Таваните и покривната конструкција биле од дрвена граѓа, а покривот бил со керамиди, многу пошироки и поплитки од вообичаените. Еркерното проширување на основата на првиот кат, на страничната фасада била потпрено со по два дрвени столбови.

 

 

Површинската декорација на собите на првиот кат и на фасадата биле богато колоритна. Внатрешноста на зградите била декорирана со боена декорација по ѕидовите и со тавани во резби.

Со своите содржини, со архитектонските гради и монуметалниот изглед конаците се прочуле надалеку.

По Втората светска војна новата македонска власта ја препознава вредноста на конаците и ги прогласи за споменик на културата и ги стави под заштита на државата.

 

Во време на Балканските и Првата светска војна некои од зградите биле сериозно оштетени додека главните станбени згради биле сочувани. Ваквата состојба е одржана до пред крајот на Втората светска војна. Во 1944 година целата конструкција од покривите и катовите на конаците била урната до приземјето, кога се повлекувале германските војски. Конаците во Бардовци претставуваат еден од највидните споменици на станбената архитектура на Балканскиот полуостров од времето на феудалното уредување.

 

Во прилог видео од кое може да дознаете повеќе за Хавзипашините конаци >>>