Пренамена на индустриска хала во музички центар / Стојаноска, Зикова
20.03.2020 • Студентски проекти
Семестар: IX семестар 2019/2020
Тема: Нови индустрии на стари локации
Предмет: Интегративно Студио
Автори: Ана Зикова, Емилија Стојаноска
Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Ментор: Горан Мицковски, Александар Радевски, Јурген Пацак Пор, Димитар Крстески
Локација: Раковица, Белград, Република Србија
Задачата на Интегративното Студио „Нови индустрии на стари локации” се состоеше од програмско ре-проектирање на индустриска хала, имено некогашната фабрика ФМП во областа Раковица, Белград. Оригиналната функција на халата била производство на мотори за потребите на автомобилската и авио индустријата, а постојно е користена како складиште. Проектот претставува адаптација на халата за потребите на креативна музичка индустрија. Халата е со димензии 100/150 м, и чиста височина од 5м, градена од армиранобетонска конструкција и со карактеристични шед- кровови кон север.
При истражувањето на историјата на музиката, од восочен цилиндар до Spotify, согледуваме тенденција музиката како продукт да зафаќа што помалку физички простор, односно сега скоро и воопшто, затоа што купувачот не ја поседува туку ја конзумира преку електронски уреди во streaming верзија. Во однос на музичката индустрија во Србија, конкретно Белград, согледавме состојба на голем потенцијал кој, и покрај борбата со општата состојба на криза, се актуелизира! Севкупното движење е кон дигитализација и персонализирани искуства, и секако се вреднува значењето на концертите и музиката како soft power за комуникација со широки маси на луѓе.
Соочени со големината на халата, одлучуваме дека ќе создадеме целини кои се човекомерни, и поставуваме структура од ѕидови кои дефинираат полиња. Ја зонираме програмата според логиката и времето на нејзиното користење (врски, дневна/ ноќна употреба). Дефинираме зона на музички блок (студија за снимање, студија за вежбање, сали за хор и оркестар); административен блок, ресторан, продажен простор, галерија, внатрешен двор, како и диско и концертна сала. Програмата од еден тип ја концентрираме во едно поле дефинирано од структурата на ѕидовите.
Согледувајќи ги различните просторни потреби на секоја функција, експериментираме со формалната конфигурација на секое поле. Така, стигнуваме до концептот PATCHWORK – ткаенина што се состои од повеќе меѓусебно поврзани парчиња со посебна шара. Фрагментите се различни, подредени од матрицата по која се поставени. Имаат своја експресија, и формираат заедница со јасни граници и можност за повеќе сопственици.
Иако имаме експериментален пристап кон проектирањето, кон интервенциите се поставуваме рационално.
Тежнееме кон максимално задржување на постоечката хала (конструкција, кров, плоча) и градиме со дрво. Внатрешните гранични ѕидови се од пенобетон блокови, повикувајќи на цврстина и трајност. Останатата конструкција е дрвена, од ламелирани носачи и CLT систем, што ја означува нејзината неперманентност, и можноста да се трансформира и ре-употребува.
Го презентираме ова решение сo разбирање дека во карактерот на индустрискиот објект е промена со тек на времето, и всушност, ограничувањата кои произлегуваат од неговото ре-употребување ја предизвикуваат креативноста на архитектонското решение.
Од студентите
Автор на статија: Љубен Трајаноски