Иницијатива за распишување Архитектонско урбанистички конкурс за локацијата кај „Треска“
18.01.2020 • Информации Урбанизам
Група на граѓански здруженија и архитекти вчера поднесоа иницијатива до Општина Центар за распишување на соодветен архитектонско урбанистички конкурс за развојот на просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да се одлучи какви содржини ќе се планираат за оваа локација.
Оваа реакција доаѓа откако Општина Центар објави дека се изработува нов ДУП за „Буњаковец 2“, на чија површина спаѓа и просторот на поранешната фабрика. На местото на стариот индустриски капацитет се предвидуваат нови станбени згради, чија бројка се уште не е потврдена.
Минатиот месец претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски излезе со став дека развојот на оваа градска четврт е проблематичен поради огромната густина на изграденост, со која веќе е достигнат бројот на станови предвиден во Генералниот Урбанистичли План. Тој дополнително потенцираше дека не е спорно градењето во централното градско подрачје, туку е клучно како тоа се прави, што е сепак проблем од полето на архитектурата.
Иницијативата е поднесена од архитектот Даница Павловска-Циги, во име на повеќе професори, архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти, како и граѓанските здруженија „Здравје пред профит во Центар“, „О2 коалиција“ и „Транспарентност Македонија“.
©SDK.mk го пренесува и одговорот на градоначалникот Богдановиќ на тема иницијативата:
„Мора да се има предвид дека ние веќе имаме избрано фирма која го прави новиот план за овој дел. Во секој случај, наредната недела ќе ги повикам на состанок предлагачите на иницијативата за да дискутираме за ова прашање и да најдеме решение“, вели Богдановиќ.
Во продолжение ви го пренесуваме текстот на иницијативата во целост:
Г Р А Ѓ А Н С К А И Н И Ц И Ј А Т И В А
за распишување Архитектонско урбанистички конкурс за локацијата на фабрика „Треска“
Согласно закон, Советот на Општината помеѓу останатите прашања се грижи и за третманот на просторот во урбанистичките планови и планската документација односно одлучува преку кои локални политики ќе го подобри квалитетот на животот во општината. Општината Центар-Скопје ја има привилегијата и одговорноста на управување со центарот на државата и се очекува да предлага софистицирани идеи усмерени на идентитетски прашања кои ќе преставуваат потик и пример за сите останати општини. При тоа односот кон референтните простори на територијата на општината, а особено кон оние со меморија како што е локацијата на фабрика „Треска“, подразбира синергија со високо професионални личности од сферата на обликување на просторот. Во Општината Центар-Скопје во тек се процесите на одбир на приоритетите за реализација на урбанистичките планови, па таа суптилна тема се актуелизира. Деликатноста на овој простор што го сочинуваат повеќе катастарски / градежни / урбанистички парцели има повеќе димензии (имотно-правна, економско-социјална, политичка и др.) Редоследот и темпото на нејзиното разрешување мора да бидат професионално уредени, мора да одат во склад со јавниот интерес, со спецификите на временскиот контекст, со новосоздадените потреби…
Ние, граѓаните, организирани во различни заедници, колективитети, невладини организации (Здравје пред профит во Центар, О2 коалиција, Транспарентност Македонија) како и на индивидуално ниво, професионалци и експерти за овие теми, а од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, институции, факултети и др, стоиме зад изнесеното. Граѓанскава иницијатива ја поднесуваме со верба во создавање на нова урбанистичка визија за локацијата на фабрика „Треска“ што конкретно подразбира предвидување, организација и спроведување на архитектонско урбанистички конкурс со соодветна програмска задача. Нашето длабоко уверување во успехот на институцијата конкурс е неприкосновено, а аргументацијата на конкурсот како компетитивен демократски процес е проверена. Таквиот потез индицира разумно делување, представува гарант за побогата идејност и очигледна предност, а што е особено важно, позитивно ќе го одбележи времето што го живееме.
Врз основ на сето погоре изнесено, се очекува делување на Градоначалникот на Општината Центар-Скопје односно се побарува од Советот на Општина Центар-Скопје, согласно неговите законски овластувања, да донесе акт по однос на оваа иницијатива. Исто така, во рок од три дена се очекува Претседателот на Советот на Општина Центар-Скопје да не извести за ставот/заклучокот/одлуката на Советот по однос на темата на оваа иницијатива.
Скопје, 17 јануари, 2020 година
Овластен предлагач на Граѓанската иницијатива
Даница Павловска, диа
Извори: Порта 3; Сакам Да Кажам; Телма.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
ААМ / Буњаковец / Иницијатива / Општина Центар / Фабрика Треска