Ислахана, Скопје / XIX век
06.09.2021 • XVI - XIX век
Период на изградба: XIX век
Период на рушење: кратко по Големиот скопски земјотрес во 1963
Ктитор: Хафиз Мехмед-паша
Намена: занаетчиско-уметничко школо
Локација: Скопје, Дебар Маало, веднаш покрај Градскиот парк
Извори: ceipa.pmf.ukim.mk; Данило Коцевски, Го Сакам Скопје, 2000 г; Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998;
Ислахана е уште еден од симболите на Старо Скопје кој е срушен по сериозните штети нанесени од големиот земјотрес и претходните поплави. Заедно со школото Идадија тие формирале образовен комплекс, кој бил значаен поради својата архитектура, парк и програма.
Авионска снимка – Панорама Дебар маало каде што се гледа комплексот на Идадија и Ислахана / Стеван Пановски, 1921-1924
Објектот се наоѓал во Дебар Маало, на локацијата каде денес ги среќаваме Министерството за одбрана и зградата на Општина Центар. Заедно со Идадија, тие се едни од првите јавни објекти во ова маало, изградени кон крајот на XIX век кога оваа зона се уште се сметала за градската периферија. Околу нив се простирал парк кој исто така го носел името Ислахане, а низ годините се има проширено и прераснато во денешниот Градски Парк на Скопје.
Историска фотографија – во преден план Идадија, позади Ислахана
Образовниот комплекс се состоел од средно училиште – Идадија и занаетчиско-уметничка школа – Ислахана. Тие се дел од многуте проекти на отоманскиот валија Хафиз Мехмед-паша, кој исто така го основал истоимениот парк, ги регулирал реките Вардар и Серава, изградил телеграфска станица, низа чешми и други објекти.
Објектот оригинално се викал Хамидие, по султанот Абдул Хамид во чие време е изграден објектот и чие име стоело на влезниот натпис.
Натписната плоча која се наоѓала над влезот на Ислахана / Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр.215
Ислахана бил трокатен објект, кој веќе ги носел карактеристиките на модерното време, но и влијанијата од западниот неокласицизам. Тоа била голема градба во која се наоѓале многубројни училници и работилници, па дури и интернат со трпезарии и спални. Во рамките на школото се наоѓала и печатницата на Косовскиот вилает, а постоеле и џамија и амам.
Историска фотографија од Ислахана, 1915г. – предна југоисточна фасада / ceipa.pmf.ukim.mk
Иако учениците доаѓале од сите класи и вери, првенствено школата сместувала деца без родители. Тие тука живееле бесплатно и изучувале занаети, а по петгодишната настава можеле да заминат и отворат сопствен дуќан.
Ова било возможно бидејќи школото се издржувало со приходите од објектите кои биле ставени под негова управа. Таков пример е вилаетската печатница, градската кафеана Ислахана (Кермес), како и Катлановската бања, која уште тогаш имала базен, хотел и дуќани.
Школата ја посетувале деца од 10 – 14 години, кои изучувале еден од следните занаети: дрводелскиот, резбарскиот, кондураџискиот, терзискиот, печатарскиот, па дури и музичкиот.
Историска фотографија од Ислахана – задна фасада / www.delcampe.net
За самата градба не знаеме многу. Главните сведоци за нејзиниот изглед се старите фотографии на кои ја забележуваме правоаголната основа, која била значително помала од таа на Идадија. Фасадата на објектот била симетрична со правилен ритам на прозорци. Влезниот портал бил постаен централно на југоисточната страна, а до него се пристапувало преку зазеленета патека со дрворед и цвеќиња.
Занаетчиското школо продолжува да функционира се до 1912 година. Објектот повторно се користи за време на Кралството Југославија, кога во учебната 1937/1938г. ја сместува штотуку оформената Втора машка гимназија во Скопје.
Историска фотографија на образовниот комплекс на Идадија и Ислахана
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Градски парк / Идадија / Ислахана / отоманска архитектура / отомански споменици / Скопје / Старо Скопје / Хафиз Мехмед-паша