Црква „Св. Ѓорѓи“ / Дамјанов

Година: 1851 - 1854

Архитект: Андреја Дамјанов (1813-1878)

Локација: Смедерево, Србија

Првата црква која ќе ја означи пресвртницата во новата српска архитектура е Св. Ѓорѓи во Смедерево, подигната од 1851 до 1854 год.

Ангажирањето на Дамјанов за оваа нова црква се случува после одбивањето на проектот изработен од академски образованиот чешки архитект Јан Неволе, во кој биле внесени елементи на виенскиот класицизам.

 

 

Со својот концепт, Дамјанов ќе биде прв автор кој после долга пауза ќе ги примени мотивите од српско-византиската средновековна архитектура, но без намера тие да бидат доминантни елементи на композицијата. Тој ќе изврши синтетизирање и со барокно-класицистичките елементи кои дотогаш било силно присутни во Србија, со што ги поставува основите за новиот стил, но во методот, а не во формите. На тој начин, Дамјанов ќе укаже на новите можни развојни патишта во архитектурата и ќе го поттикне создавањето на целосни решенија во тој правец.

Црквата Св. Ѓорѓи, со димензии 16х33м, претставува комбинација на “модерна” базилика и средновековен моравски план на развиен крстовиден триконхос со пет куполи. Оваа црква е прво негово дело со видливи куполи изградено во градска средина, бидејќи е настанато на територија која е самостојна држава.

 

 

Инспирацијата е од средновековната црква во манастирот Манастија. Таа е видлива како во основата на црквата, така и во надворешното обликување. Планот на Манастија е втиснат во источниот дел на црквата каде се видливи три олтарски апсиди на исток и уште по една на северната и јужната страна. Во просторниот волумен, средновековната традиција е изразена со петте куполи. Потребата е да се задоволи другиот, западен принцип на градење, е изразена со нагласена издоленост на наосот кон западната страна со што базиликалниот карактер на црквата е потполно сочуван. Западноевропски елемент претставува и кулата-камбанарија.

 

 

Во фасадното обликување е задржан истиот принцип на двојство како во целината, така и во деталите. Формата на куполите, аркадните низови во венечната зона, позицијата на кружните розети и прозорците, расчленувањето со кордон-венци, претставува средновековен српско-моравски систем. Но начинот на нивно обликување е сосема нов. Видлива е позгусната и збиена композиција во горните подвенечни партии. Завршниот венец е многу богато профилиран. Фасадните платна се изделени со пиластри помеѓу кои и ѕидната маса е степенувано вовлечена со цел да се создаде игра на светло и сенка и да се одбегне монотоноста на огромната површина.

Источната фасада, како и кај сите други објекти на Дамјанов, е обработена со посебно внимание. За разлика од црквите во Македонија, овде апсидите се издигнуваат до покривот.

 

 

Трите портали (западниот, јужниот и северниот) се богато профилирани со барокна релјефна декорација. Прозорските отвори кои се распределени во два реда од по пет, се врамени во рамка од колонетки кои стојат на конзоли, а над прозорците имаат декоративни завршетоци.

Во внатрешноста посебен интерес претставува двокатната галерија на западната страна со извиеност на формите кои имаат барокно потекло.

 

 

Во пластично богатата, снажната и динамичната композиција на просторниот волумен, во примерот на смедеревската црква Св. Ѓорѓи, Дамјанов го најавува времето во кое крајно амбициозно ќе се обликуваат храмовите на христијаните.

Еклектичната синтеза на барокната влезна фасада (западната) каде доминираат кулата-камбанарија со двете бочни куполи над нартексот и средновековното куполно решение, ќе го одреди неговото следно дело – црквата Св. Архангел Михаил во цело Горно Чичево кај Велес во 1861 год.