Историја на зоолошките градини

За разлика од музеите, галериите и другите културни институции, зоолошките градини имаат дуална улога, бидејќи истовремено треба да го задржат интересот на посетителите и да обезбедат благосостојба на животните. Започнувајќи како приватни менажерии на аристократијата, зоолошките градини во XIX век се развиваат во културно-рекреативни институции, а кон крајот на XX век се трансформираат во современи центри за едукација и конзервација. Архитектурата на зоолошките градини отсекогаш го рефлектирала односот на општеството кон природата и дивите животни.

 

Менажерии

Во антиката се појавуваат првите записи за чување диви животни, најчесто како дел од приватниот имот на владетелите. Главната цел на овие колекции била демонстрација на моќта преку престижот на поседување егзотични животни. Но, зачетокот на зоолошки градини се поврзува со колекциите на аристократијата во XVIII век, организирани во форма на градини познати како менажерии.

 

Приказ од кралската менажерија во Версај  /  Извор: Версај 

 

Менажериите често биле просторно организирани како паркови со централен павилјон, од кој се овозможувал визуелен преглед на поголем дел од просторот. Градината најчесто била поделена на помали одделени простори наменети за различни видови животни, и истите можеле да бидат набљудувани од централната точка. Ваквата просторна организација наликува на концептот на паноптикон, модел на архитектонска поставеност заснован на централизирано набљудување.

Концептот на паноптиконот е дело на филозофот Џерими Бентхам, кој го замислил како модел за казнени и образовни институции, во кои постојаниот надзор би создал чувство на страхопочит и дисциплина кај субјектите, знаејќи дека во секој момент можат да бидат набљудувани. Во контекст на менажериите, ваквата просторна поставеност го рефлектира чувството на контрола, моќ и доминација што аристократијата сакала да го демонстрира преку поседувањето и изложувањето на егзотични животни.

 

 

Слики од план за менажерии (десно и лево) и  Паноптикум (центар) / Извор:   Journal of Landscape  Architecture (десно) American Philosophical Association (центар) и The met (лево)

 

Додека високите класи ги поседувале менажериите, широките маси исто имале контакт со егозични животни преку движечки зоолошки, циркуси или панаѓури (fairs). Иако хронолошки неповрзано, таков пример во Македонија се мечките и мајмуните што „играле оро“.

 

Слика од мајмун и мечка како играат на музика / Извор: Фејсбук група “Скопјани“

 

Јавно достапни зоолошки

Промените во XVIII и XIX век, како просветителството, индустриската револуција, развојот на науката, империјалната експанзија и забрзаната урбанизација довеле до појава на нови институции, кои требало истовремено да ги задоволат потребите на буржоазијата и пошироките урбани маси, но и интересите на научната заедница. Во 1765, виенската империјална менажерија, се пренаменува во првата јавно достапна зоолошка градина.

Промената од приватна градина во јавно достапна градина, влијалеа на финансиското управување, односно се целело кон поголема посетеност со цел зголемување на профитот. Вметнување на зоолошките во слободниот пазар неминовно влијаело и на просторното уредување на зоолошките, па наместо во големи градини, живеалиштата на животните се стеснуваат на сметка на прсторот за набљудувачите.

 

Приказ од кафезите во првите зоолошки / Изовр: Википедија(лево), Гардијан (центар)Академија (десно)

 

Дополнително, развојот на научните правци на таксономијата и класификацијата на животинските видови влијаел врз начинот на кој животните биле распоредувани и групирани во однос на соседните кафези. Негрижата за условите, и благосостојбата на животните резултирала со околу 30% од животните во зоолошките градини да изумрат во текот на годината.

Поставеноста на кафезите оддавала доминантонст на посетителите, кога ќе земеме предвид дека човештвото во тоа време ја гледало природата и дивите животни како кон нешто што мора да се скроти, да се покори и да се контролира. Поркај животните и племенски членови биле дел од атракцијата во зоолошките од тоа време. Така во зоолошките или на панаѓурите се прикажувале племињата од скандинавија во кохабитација со ирваси, или индиски племиња со слонови.

Овој вид на атракција често ја нагласувала наводната инфериорност на културата на изложените луѓе и ја имплицирале супериорноста на „западното општество“, преку претстави што ги прикажувале маргинализираните групи како диви.

 

Племенски членови како дел од зоолошките изложби / Извор: Википедија

 

Во XIX век зоолошката градина посилно почнала да се промовира како место за едукација, со цел да ја привлече буржоазијата и да се издвои од другите установи како циркусто, кои служеле исклучиво за забава. Но, зоолошката ги привлекувала и широки маси преку спектакли како хранење на мечки со живи зајаци, јавање на слонови/желки и облекување на шимпанза во човечка облека.

Кон крајот на XIX век, дарвиновата теорија за еволуција и растечките барања за заштита на правата на животните придонеле за суштинска промена во перцепцијата за животните и нивната благосостојба, а низ Европа и Америка се основале бројни здруженија кои се залагале за похуман третман, вклучувајќи ги и условите во зоолошките градини.

 

 

Животни користени за забава / Извор:  Аеон (лево) и Гети (десно)

 

Илузија на природни живеалишта

Развојот на економијата, железничкиот и прекуокеанскиот сообраќај, како и раните процеси на глобализација, овозможиле полесен и побрз пристап до диви животни од различни делови на светот. Паралелно со развојот на ветеринарната медицина, зоолошките градини станале подобро снабдени и поконкурентни во привлекувањето посетители и проширувањето на своите животински колекции.

Во 1907 година, преку отварњето на Тиерпарк во Германија засекогаш се менува простороното уредување на зоолошките градини. Тиерпарк го преобратува концептот на паноптикум, и наместо човекот од централна позиција да ги надгледува животните, животните стануваат централна точка на просторот, додека посетителите ги набљудуваат од различни страни.

 

Плански распоред на Тиерпарк / извор: Human Zoos

 

Хагенбек, сопственикот на Тиерпарк, во просторното уредување на зоолошката градина сакал да ја донесе илузијата на природните живеалишта од дивината и спектаклот на животните од циркусот. Тиерпарк се служел со вештачки реквизити како планини, езерца и други елементи кои ја создаваат илузијата на нивното природно живеалиште.

Наместо зад решетки, овде животните се во строго контролирани отворени средини, каде што можат да имаат интеракција. Скалестата поставеност на живеалиштата со „невидливи“ граници создаваат имерсивен поглед, одавајќи на илузија за соживот помеѓу животните

 

Скалестиот приказ на живелиштата во Тиерпарк со “невидливи“ огради / Извор: Human Zoos

 

Хагенбек следејќи ја пазарна логика, создал пријатни услови за живот на животните, што автоматски резултирало со поголема привлечност и посетеност. Тој ја претстави зоолошката како Ноевата арка, каде што ќе се прикаже дека животните се посреќни тука отколку во дивината.

Пред крајот на 19 век, на зоолошките градини се гледало како на есенцијална институција која секоја современа метропола морала да ја поседува. Поседувањето зоолошка претставувало симбол на прогрес и ред, секој град требало да има колекција на животни од сите континенти, како симбол на триумфот и надвладувањето на човештвото врз природата.

Но, токму во овој процес се зачнува и есенцијалниот аргумент за нивното постоење, носталгијата кон изгубената природа. Зоолошките ја оддавале илузијата за заштита на фауната, пласирајќи го аргументот дека без нивната грижа, суровата природа ќе им ги одземе животите на тие животни.

 

Живеaлиштата во Тиерпарк со имитација на нивните живеалишта во природата / Извор: Human Zoos

 

Конзервација

Неодговорното ловење, прекумерното искористување на природните ресурси и уривањето на природните живеалишта кон крајот на XIX и почетокот на XX довеле до сериозно осиромашување на дивиот свет. Во истиот период се појавуваат и првите закони за заштита на природните ресурси, националните паркови и забрани за малтретирање на животни, како одраз на сè поголемата свест за меѓузависноста помеѓу човекот и екосистемот.

Истиот период се забележуваат постепно или целосно истребување на одредени видови, како гулабот преселник, тасманскиот тигар, каролинскиот папагал и други видови. Своевремено зоолошката градина го стекнува потенцијалот за митигирање на човековите постапки во стихијното уништување на природата.

 

Приказ од Тасманскиот тигар, Гулабот преселник и Давидовиот елен / Изовр: Википедија

 

Покрај адаптација на живеалиштата според идејните потреби на животните, зоолошките започнуваат да се реформираат и да зачнуваат нови простории и центри за конзервација. Спасот од истребување на Давидовиот Елен на почетокот од XX век е првата победа во процесот на конзервација, иако не директно со вклучување на зоолошките.

 

Слики од современи зоолошки со елементи за бихевиорално збогатување (или збогатување на однесувањето)  / Извор: Arch Daily(лево) и Pairi Daiza(десно)

 

По втората половина на XX век зоолошките градини почнуваат да се диференциреаат според нивната едукативна, научна и конзервациона улога. Се оформуваат неколку друштва и асоцијации, како EAZA и WAZA кои поставуваат стандарди во негата, грижата у улсовите во зоолошките градини. Па од класични зоолошки, се отвараат специјални конзервациони центри, сафари паркови и отворени зоолошки, центри за грижа на одреден загозен вид итн.

Доколку некоја зоолошка сака да стане дел од мрежата на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (EAZA), како што е примерот на Скопската зоолошка градина, сместувањето на животните мора да ја земе предвид благосостојбата на секоја единка, специфичните потреби на видот, нивните просторни и социјални потреби, соодветното управување од страна на персоналот и соодветното прикажување пред посетителите.

 

Приказ од спасувалиште за мечки во Приштина, Косово (лево), отворен тип на зоолошка во Сан Диего, Америка (центар) и современа зоолошка во Копенхаген (десно) / Изовр: Приштина, Сан Диего и Копенхаген

 

Денешниот различниот степен на развој, едукација и конзервација кај секоја зоолошка градина ја обликува нејзината перцепција во општеството и може да резултира со поддршка или отфрлање на институцијата. Коста Рика е пример на држава која отиде чекор понатаму, одлучувајќи се целосно да ги затвори државните зоолошки градини.

Современата зоолошка градина се стреми да се позиционира како простор за културна и цивилизациска реформа, место на непосреден допир со животинскиот свет. Едукацијата, научните истражувања и конзервацијата на видовите се клучните аргументи за нејзиното општествено оправдано постоење. Асиметричниот однос помеѓу посетителот и животното, кој низ историјата го определувал просторното уредување, денес се заменува со стремеж кон рамноправна коегзистенција, средина каде набљудувањето не го нарушува природното однесување, а природата повторно станува активен субјект, а не пасивен експонат.

 

Хронолошки приказ за историскиот развој на Виенската зоолошка / извор: Journal of Landscape Architecture

 

Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)

Извори:

  • Parker, M. (2021). The genealogy of the zoo: Collection, park and carnival. Organization, 28(4), 693–712.
  • Sampaio, M. B., Schiel, N., & Souto, A. da S. (2020). From exploitation to conservation: A historical analysis of zoos and their functions in human societies. Ethnobiology and Conservation, 9, Article 2.
  • Orsolya Bagdiné Fekete & Kinga M. Szilágyi (2021) Contemporary zoo design and the historical treasure of garden art: Tiergarten Schönbrunn, Journal of Landscape Architecture,
  • European Association of Zoos and Aquaria. (2024). EAZA standards for welfare, accommodation and management of animals in zoos and aquariums.