Успение на Пресвета Богородица – Матка / XIV век
27.08.2026 • VI-XV век Информации
Период: XIV век
Локација: Матка
Фотографии од денешна состојба: Ива Поповска
Извор на насловна фотографија: Matka Manastir – Uspenie na Presveta Bogorodica
Контекст
Манастирот Матка со црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица припаѓа на група на манастирски комплекси и цркви кои се наоѓаат во кањонот Матка, позната и како мала Света Гора. Името го добива поради сличноста на карпестата топографијата во која се поставени црквите на полуостровот Света Гора во Грција. Во оваа група спаѓаат манастирот Успение на Пресвета Богородица, манастирот Св. Никола Шишевски, манастирот Св. Андреа, црквата Св. Недела и црквата Св. Спас со остатоци од ранохристијанските цркви Св. Троица и Св. Ѓорѓија. Манастирот Успение на Пресвета Богородица е позициониран на левиот брег на реката Треска во близина на селото долна Матка и селото Глумово, и е најсеверно поставен од трите манастирски комплекси во овој регион.

Кон влезот на манастирот, поглед од кањонот Матка
Манастирската црква посветена на Успението на Пресвета Богородица е изградена во текот на XIV век. Точната година на изградба, како и името на првобитниот ктитор, не се познати, но од архитектонските елементи можеме да ги дефинираме временските рамки во кои црквата е изградена и нејзините историски слоеви и интервенции.
Архитектонски концепт
Денешната црква претставува мала еднокуполна градба со основа во форма на стеснет впишан крст. Таа е мала по димензија, со 9,5 м должина и 5,5м ширина како и скромна висина, што се развива на 9,3 метри до центарот на куполата. Просторот е организиран околу централно поставен наос, над кој се издигнува купола поставена врз осмоаголен тамбур. Тамбурот е вертикално нагласен и расчленет со наизменично поставени прозорски отвори и слепи ниши, со што се постигнува фасаден ритам и изразена вертикалност на централниот волумен. Наосот е скромно осветлен прку прозорците на тамбурот, како и преку трите монофори распоредени на северната јужната и западната фасада на црквата.
Извор: Александар Дероко-Монументална и декоративна архитектура во средновековна Србија-1985
Внатрешниот простор ја следи византиската традиција на впишан крст, со јасно дефинирани краци и источен олтарен простор. Апсидата од надворешната страна е тристрана со тесна монофора централно поставена, која покрај практична има и литургиска примена. Во црквата се влегува од западната страна преку низок отвор над кој е изведена лачно засведена плитка ниша, во која се гледаат траги од фрескоикона на Богородица. Фасадите на храмот се расчленети со по два плитко исфрлени пиластри завршени со слепи импост капители. Врз импостните сегменти се потпира полукружен лак, формирајќи декоративни портали кои ја следат конструктивната логика на градбата.
Во ѕидовите на црквата се вградени сполии, односно архитектонски и декоративни елементи преземени од постари градби кои се секундарно употребени во денешната структура. Тие не биле секогаш видливи или јасно препознатливи во различните фази на фасадната обработка, но нивното зачувување претставува материјален сведок за постоењето на постари архитектонски слоеви и историски фази на локалитетот.
Историски слоеви и интервенции
II век | Римски архитектонски слој
Најстариот досега препознатлив историски слој на локалитетот потекнува од II век, односно од римскиот период. За присуството на римско население во овој простор сведочат неколку архитектонски елементи од римската камена пластика, денес секундарно вградени во ѕидовите на средновековниот храм. Особено значајна е надгробната стела на Катинија Катини Феста, вградена во северната фасада. Од стелата на Катинија дознаваме неколку информации. Пред се таа и нејзиниот сопруг Марко Катиниј Крисп биле ослободеници на господарот по име Катиниј можеби во градот Скупи. По ослободувањето, тие се населиле во Матка. Релјефот во горниот дел на стелата ја прикажува љубовта, вербата и надежта за повторното соединување со саканата најпочитуваната.
Св. Богородица, манастир Матка стела од римско време на Катинија Феста секундарно вградена во северната фасада
Останатите сполии кои сведочат за овој период се дел од архитрав од бел мермер, вѕидан во северната фасада на црквата, каде се гледа неговата долна, (некогаш плафонска) страна, декорирана со лисје и попречен балтеус, коринтски капител, вѕидан десно од архитрафот како и мермерна глава на овен вградена во големиот конак, на ѕидот од левата страна на влезот во манастирскиот двор.
Дел од архитрав на храм од римско време секундарно вграден во северната фасада на црквата
Мермерна глава на овен вградена во ѕидот на големиот манастирски конак
VI век | Ранохристијански слој
Како дел од црквата се и сполиите од VI век кои сугерираат дека некаде во близина или на истата позиција имало ранохристијанска базилика, иако нејзината точна местоположба и архитектонска организација не се утврдени. Меѓу сполиите од VI век се издвојуваат два меноа (двојни прозорски столба од мермер) вѕидани во куполниот тамбур, столб од травертин, вѕидан во јужниот ѕид на црквата, два дела од еден олтарен столбец, едниот вграден одма до влезот на западната фасада, на кој се забележуваат три кружни испреплетени полиња со ранохристијански крстови, дел од олтарен столбец со декорација на преплетени ромбови и мал олтарен четирилистен капител вѕидан во северната фасада.
Дел од олтарен столбец со декорација од ранохристијански крстови, вграден во западната фасада
Травертински столб вграден во јужната фасада
XIV век, пред 1372 година | Изградба на денешниот храм
Главната архитектонска фаза на локалитетот претставува изградбата на денешната црква „Успение на Пресвета Богородица“, во текот на XIV век. Според дел од истражувањата се претпоставува дека храмот можеби бил изграден околу 1337 година, во време кога Бојко, син на властелинката Даница, се споменува како господар на Матка. Оваа претпоставка се темели на натпис во црквата Св. Никола во Љуботен, каде ктиторка е властелинката Даница. Сепак, бидејќи натписот не ја споменува директно изградбата на црквата, не може да се прецизира точната година. И покрај недостаток на точниот датум, можеме да го утврдиме постоењето на црквата во XIV век според надгробната плоча на Марија, односно Велислава, поставена во подот пред олтарот во црквата. На неа е запишано дека Марија починала на 28 септември 1372 година. Бидејќи таа била погребана во веќе оформен сакрален простор, плочата претставува директен доказ дека црквата постоела во 1372 година.
1497 година | Средновековна обнова и доградба
Во 1497 година храмот претрпел значајна историска обнова, документирана со натписот зачуван над западниот влез во наосот. Како ктитор на обновата се споменува Милица, која презела повеќе интервенции врз постојниот храм. На десната страна, веднаш то влезниот портал во црквата се наоѓа фреска од Милица со нејзиниот син Никола. За разлика од други благородници кои помагале и граделе христијански храмови, на ктиторскиот портрет од Милица и нејзиниот син Никола не се облечени во раскошни облеки со скапоцени ткаенини, извезени со богати везови од срма и злато. Нивната облека е поедноставна, еднобојна и од скромни материјали. Наместо дијадема, Милица на главата носи бела марама, врзана во еден вид на турбан, а единствениот накит кој се забележува се големи кружни обетки.
Ктиторски портрет на Милица и синот Никола
Во оваа фаза бил обновен покривот, црквата била живописана, а од западната страна била доградена припрата. Со тоа интервенцијата не се ограничила на поправка на конструктивните елементи, туку влијаела и врз просторниот и визуелниот карактер на храмот. Припратата денес не е сочувана и не е познато кога била отстранета. Сепак, над денешниот западен влез се зачувани остатоци од фреските кои некогаш биле дел од нејзиниот ентериер.
Фрескоикона на Богородица на западната фасада
XX-XXI век | Подоцнежни преправки и конзерваторски интервенции
Во текот на XX век храмот претрпел дополнителни интервенции врз постоечката средновековна архитектура. Според историските истражувања и литературата за манастирот, во 1900 година е извршена преправка на црквата, со што е потврден уште еден слој во развојот на нејзината архитектура. Иако достапните извори не даваат доволно податоци за прецизниот обем и карактер на оваа интервенција, информацијата сведочи за подоцнежното преобликување на храмот. Истовремено, истражувањата од овој период потврдуваат дека средновековниот фрескоживопис бил задржан, вклучително и претставите на ктиторите Милица и Никола.
Состојбата на храмот во првите децении на XX век дополнително ја илустрираат фотографиите од 1919 и 1926та година, на кои јасно се забележува светла, мазна фасадна обработка, која може да се идентификува како малтерен слој врз постоечката ѕидна структура. Иако преку фотографиите не може со сигурност да се утврди времето на малтерисувањето, оваа состојба сведочи дека до 1919 година фасадата веќе била подложена на интервенција и визуелно преобликување.
По Земјотресот во 1963 – Завод за заштита на спомениците на културата на град Скопје
По земјотресот во Скопје во 1963 година, формиран е завод за заштита на спомениците на културата на град Скопје, чиј директор е Крум Томовски познат архитект и конзерватор во тој период. Со кознерваторско реставраторскиот зафат во 1978 година од страна на заводот е направена значителна промена во изгледот на црквата.
Дел од промените се преобликување на завршетоците над краците на крстовидниот план, реконструкција на кровната конструкција и кровната покривка. Со промената во обликувањето на фасадните завршетоци, претходните триаголни тимпани се заменети со пластично обликувани, полукружни завршетоци, со што е изменет и изгледот на кровните рамнини над краците на храмот. Новата кровна конструкција ја следи формата на фасадните лаци како и лаците на тамбурот. Истовремено, дотогашната кровна покривка од керамиди е заменета со метална покривка.
Историски фотографии од реконструкцијата на храмот од Заводот за заштита на спомениците на културата во Скопје
На фасадите се изведени и санациски работи на ѕидните површини, при што е зачувана историската камена структура и секундарно вградената камена пластика (сполии). Интервенцијата претставува реставраторска фаза во која, покрај конструктивното и материјално санирање на објектот, е извршено и делумно преобликување на неговиот надворешен архитектонски изглед.
По конзерваторско-реставраторските работи врз архитектурата, следува посебна фаза посветена на фрескоживописот. Според Заводот, конзерваторските работи на фреско-живописот се изведувале во периодот 1981–1983 година.
Во 1998, монашкиот живот заживува повторно во манастирот Матка, а со таа обнова се направени и последните архитектонски интервенции врз црквата. Во периодот меѓу 1998 и 2000та, се враќа стариот изглед на црквата. Покрај враќање на кровната конструкција, триаголните тимпани и доѕидувањето на тамбурот, вратена е и кровната покривка со ќерамиди.
Конаци
Манастирските конаци се смета дека биле изградени подоцна од храмот, а најрани податоци за манастирскиот живот се спомнуваат во кодикот на манастирот Матка. Тој е од особено значење, и неговиот основен дел пишуван измеѓу 60тите до 80-тите години на XVI век, а подоцна продолжил да се дополнува. Во него се запишани имиња на јеромонаси, монаси, свештеници, монахињи и голем број верници. Според анализата на кодикот, манастирот во тој период бил активен духовен центар со развиена материјална положба, способен да прима поголем број верници. Подоцнежните записи од 1716, 1801, 1830 и 1854 година го потврдуваат континуитетот на монашката заедница, иако во XIX век се забележува негово постепено ослабување.
Најраниот физички доказ за постоењето на конаците датира од 10 септември 1851 година и бил зачуван во една од собите на конакот каде е запишано “Во тоа време беше Аксентиј монах 1851 месец септември ден 10 да се знае дека Илија Станоев направи одаја за здравје и спасение, амин.“ Со што се потврдува дека конакот во тој период веќе функционирал и бил предмет на дополнителна градителска активност.
Историска фотографија од западната фасада на големиот конак
Извор: Манастирот преку фотографии – Matka Manastir
Западната фасада на големиот конак денес
Историска фотографија од источната фасада со чардакот на големиот конак
Извор: Манастирот преку фотографии – Matka Manastir
Источната фасада со чардакот на големиот конак денес
Денес, манастирскиот живот во Манастирот Матка сè уште е активен, и членовите на манастирската заедница континуирано се грижат за одржувањето на комплексот. Во рамки на секојдневното одржување се вршат помали поправки и интервенции во конаците, се одржува зеленилото и се обезбедува чистотата на манастирскиот двор и црквата.
Сепак, од технички и конзерваторски аспект, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се забележува значителна деградација на материјалите во ентериерот, особено на малтерните слоеви и фрескоживописот. Најизразени се оштетувањата поврзани со присуството на влага и појавата на соли, кои придонесуваат кон постепено распаѓање и одвојување на малтерните и живописните слоеви. Дополнително, долготрајното стареење на материјалите, механичкото абење и природните влијанија во ентериерот придонесуваат за губење на пигментот, површински наслаги и локални загуби на фреско живописот.
И покрај видливата деградација, значителен дел од оригиналниот живопис е зачуван, што овозможува препознавање на композициите, ликовите и оригиналниот колорит. Состојбата укажува на потреба од систематско следење на објектот и примена на соодветни конзерваторско-реставраторски мерки, со приоритетно отстранување или намалување на причинителите на деградација, особено влагата и солите. При интервенциите потребно е да се зачува автентичниот материјал и да се избегнат непотребни или несоодветни замени на историските слоеви.
Реставраторски активности на дел од фреско живописот
Извори:
Истоија на охридската архепископија- Том II, Иван Снегаров, 1932
Монументална и декоративна архитектура во средновековна Србија, Александар Дероко, 1985, Белград
Споменици на културата на Македонија, Коста Балабанов, Антоние Николовски, Димитар Ќорнаков, 2010, Скопје
Средновековна христијанска материјална култура од Скопско, Сања Ивановска Велкоска, 2018, Скопје (Библиотека на МАНУ)
Веб страна на манастирот : Matka Manastir – Uspenie na Presveta Bogorodica
Соработник: Ива Поповска
Автор на статија: Sorabotnik
















Извор: 









