Отворена изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940 година“ во Москва
23.11.2021 • Изложби Информации
Денес ви ја пренесуваме веста за нова и важна изложба која го промовира македонското архитектонско наследство надвор од границата на Македонија. На 30ти Октомври во Домот на руската емиграција во Москва „Александар Солженицин“ се отвори изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940 год.“ која е плод на соработка меѓу Музејот на град Скопје и Домот на руската емиграција.
Изложбата е под авторство на Јасминка Намичева, научен соработник, кустос советник на одделот за архитектура во Музеј на град Скопје и Екатерина Намичева Тодоровска, научен соработник на Катедрата за историја на архитектуа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Кустоси на изложбата се Татјана Јуревна Иринархова и Дарја Александровна Жмилева од Домот за руската емиграција во Москва.
Темата на изложбата е учеството на руските архитекти и инженери во модернизирањето на градовите во Македонија во периодот на 1920-1940 година. Изложбата ќе може да се посети виртуелно на веб-страницата на музејот по затворањето на физичката поставка.
Поставката се состои од 20 паноа со фотографии, архивски документи, проекти, 3Д визуелизации од различни објекти од кои дел сеуште постојат, документарни филмови и фотографии од објекти кои се проектирани и изградени од руските архитекти кои живееле и работеле во Скопје во периодот 1920-1940 година.
Архитектите чии што проекти и објекти се дел од изложбата се: Иван Артемушкин, најпродуктивниот архитект кој работел во Скопје (со утврдени е повеќе од 400 станбени згради и повеќе од 50 објекти со друга намена), Борис Дутов, Константин Хоменко, Ефраим Бронштајн, Евгениј Дацков, Михаил Дворников, Вјечеслав Бујко, Николај Бурхановски, Николај Никушкин, Ваган Карагањан, Михаил Матвеев, Василиј фон Баумгартен, Иван Рик, Виктор Лукомски, Петар Анагности, Василиј Андросов, Григориј Самојлов и Николај Краснов.
Во продолжение го пренесуваме описот на изложбата превземен од страната на Домот на руската емиграција „Александар Солженицин“ во Москва:
„Бидејќи Македонија била дел од Отоманската империја до 1912 година, нејзините градови имале исклучиво „ориентален“ изглед. Со цел да ја интегрираат Вардарска Македонија, властите на Кралството СХС/Југославија задале задача да се модернизираат („европеизираат“) нејзините градови, првенствено Скопје. Во тоа време, во земјата имало недостиг од квалификуван кадар. Пристигнувањето на руските бегалци во земјата помогнало да се реши овој проблем. Така, особено руските архитекти, инженери и друг технички кадар веднаш биле вработени во градежните и техничките оддели на Скопската општина. Со нивна помош, градоначалникот на Скопје, архитектот Јосиф Михаиловиќ во 1929 година го направил новиот мастер план за градот. И во меѓувоениот период, главниот град и другите градови на Вардарска Македонија радикално го смениле својот архитектонски изглед.
Како резултат на советско-југословенскиот конфликт од 1948 година, руските емигранти припаднале на категоријата „неподобни елементи“, повеќето од нив со своите семејства или доброволно ја напуштиле земјата или биле депортирани во Бугарија и Албанија. Сеќавањето на нивниот придонес во модернизацијата на земјата всушност било „избришано“ од историјата. Дополнително, земјотресот во 1963 година уништи поголем дел од зградите во Скопје, што исто така имало негативно влијание врз зачувувањето на историската меморија.
Како резултат на долгогодишно истражување во Архивот на град Скопје и Државниот архив на Република Северна Македонија, авторите на изложбата успеаа повторно да ги откријат заборавените имиња и проекти на руските архитекти, инженери, технички експерти кои работеле во Вардарска Македонија. Резултатите од оваа истражувачка работа всушност за прв пат се претставени“.
Автор на статија: Љубен Трајаноски