Соседи: Како да живееме заедно? | Интегративно студио 9.1 (дел 2)
09.06.2024 • Студентски проекти
Семестар: V година, зимски семестар 2023/2024
Тема: Соседи: Како да живееме заедно? (Шест лица го барат архитектот)
Локација: Кеј на реката Вардар
Педагошки тим: Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Александар Петановски, Марија Петрова, Христијан Ивановски
Темата на заедничко живеење со себе носи низа предизвици од просторен, но и социо-културен аспект. Насловот на студиото:Соседи: Како да живееме заедно? (Шест лица го барат архитектот) е инспириран од драмата на Лујџи Пирандело „Шест лица го бараат авторот“.
Па така од почеток се поставува прашањето за тоа како се проектира дом за однапред утврдени жители и како нивните активности треба да се истражуваат во просторна смисла. На оваа тема, во првиот дел од семестарот, одговорите се бараа надвор од архитектонскиот домен преку гостински предавања со цел задлабочување во процесот на формирање на ликови. Првиот гостин, актерот Благој Веселинов, посочи на нераскинливата врска на глумата (активност) и сцената (просторот), понатму сценаристот Димитар Банов постави јасен начин на оформување на лик преку сукцесивно напластување на заплети и за крај графичкиот дизајнер Лабин Новков ја воведе темата на мапирање на референци со цел колажирање на една целина..
На овие отворени теми од социо-културен аспект се спротистави просторната сложеност на локацијата за домот на шесте лица/семејства. Локација на ова студио се наоѓа на улицата Лазар Личеноски, помеѓу Скопското Кале и кејот на реката Вардар. Парцелата со своја органска форма се наоѓа помеѓу значајни куќи, спомен куќата на Лазар Личеноски од архитектот Славко Брезовски, Вилата Живка и плоштадот со бетонските елементи од архитектот Петар Муличкоски.
За тоа како да се постапи во една вака сложена прoсторна и социјална неколку проекти се трудат да дадат одговор. Нивните концепти се простираат во различни правци, во вид на јасна структура од линија и кула, група од вертикали, традицинална форма на македонска куќа со четири воден кров итн.
Проект 4: Елена Новеска и Тамара Крстевска
Концептот е инспирација од околината и самите ликови. Имаме 3 кули кои се поставени покрај улицата Лазар Личеноски во кои живеат 3 семејства и 3 куќи кои се слободостоечки сместени во ортогонален простор во кои живеат самци. Секоја од станбените единици добива различна содржина според личностите кои живеат во неа. Ликовите се поврзани на различни начини, преку роднински врски, пријателства, дури и преку работни простории на самците во приземјето на кулите. Се тоа придонесува кон поврзување и заедничко живеење на 6 семејство во едно колективно домување
Проект 5: Накије Миртезани
Концептот е инспирација од стара македонска куќа, со тоа што главниот аспект од овој проект е чардакот, но истовремено е во корелација со соседната куќа од Лазар Личеновски со поставувањето на кровот. Имаме средишен чардак со странични станбени единици, во секоја ниво чардакот добива различна содржина според личностите кои живеат таму. Има и пасаж кој не ориентира до мостот преку кој стигнуваме до кејот.
Проект 6: Јасемин Абази и Абдулкадир Реџепи
Приземјето е јавно и се развива по самата топографија на теренот и тука се поставени пристапите до сите засебни станови. На катот имаме хоризонтална поделба, со тоа добиваме шест живеалишта со различни карактеристики и се формираат живеалишта за тројца студенти, самец, фамилија, двe другарки, маж и жена и уметник. При поектирањето важен предизвик ни беше како да ја зачуваме природата и како да се поврзиме со неа. Тргнувајќи од тука низ секојa хоризонтална поделба на живеалиштата поставивме атриуми низ кои од долните нивоа па се до најгорното ниво продолжуваат да се развиваат високи дрва, коишто со внатрешноста се поврзани визуелно бидејки атриумите се обликувани со стакло, а дополнително тоа ни овозможува повеќе дневна светлина во просториите. Ни беше важно да имаме поголем процент на природна светлина, поради тоа во поголем процент фасадата е застаклена. Секое живеалиште е наменето за посебни корисници кои имаат свои барања и имаат посебни вертикални комуникации. За да се задоволат барањата на задачата максимално го имаме искористено она што ни нуди парцелата. Вертикалните носиви елементи се со кружен пресек, инспирација за нив добиваме од стеблата на дрвата. Генерално доминира хоризонталноста, со тоа го добиваме ефектот на лебдечка структура, носени од витки столбови. За да го зацврстиме тој лебдечки ефект, на плафонот од приземјето користиме рефлектирачки материјал во кој ќе се рефлектира теренот и зеленилото во приземното ниво, такашто при минување под објектот го доживуваме како тој да лебди над нас.
Автор на статија: Martina Shteriova