Кале – културна тврдина / Врангалоски, Поповска, Лазаров и Бошкович

Година на проектирање : 2019

Автори : Александар Врангалоски, Елеонора Поповска

Соработници : Лазо Лазаров, Маја Бошкович

Автор на Фотографии : тим log01

Локација : рид Кале ( Градиште ), Скопје

 

Текстот го пренесуваме во оригиналната слободна форма со која авторите директно се обраќаат до пошироката јавност објаснувајќи го својот труд :

 

Ние претставуваме група од млади архитекти, кои во моментов живеат и работат во Берлин. И покрај тоа што тука, сите сме активно и тековно ангажирани во сопствени проекти на различни работни места, Скопје има незаменливо место во нашите срца. Токму затоа, почувствуваме морална одговорност да одговориме на прашањата и проблемите поставени во конкурсната задача за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале.

Културната тврдина кале како дел од архипелагот – град Скопје  © тим log01

 

Калето е олицетворение на културниот идентитет на градот и претставува просторна персонификација на едно од многубројните лица на урбаниот архипелаг – Скопје. Ова значајно скопско брдо – Градиште, е колекција од просторно-временски слоеви кои постојат истовремено во состојба на суперпозиција. Допирот на старо и ново, модерно и историско, пејзаж и архитектура прават уникатен спој на хармонични противречности.

 

Ситуација на проектната конкурсна локација „ Л2 “© тим log01

 

Токму затоа, нашата стратегија на размислување го разгледува комплексниот проблем на оваа локација во различни размери, чиешто повеќеслојно решение има за цел да поттикне рехабилитација на локацијата низ серија на интервенции.

 

Ситуација на потесната конкурсна локација „ Л1 “  – Петта фасада © тим log01

 

Ситуација на потесната конкурсна локација „ Л1 “  – Основа на приземје © тим log01

 

По внимателно разгледување и анализа на непосредната околина на зградата на Музејот на современа уметност, како единствена вистински важна, модерна и доминантна градба на локацијата, се роди идејата дека токму од неа треба да произлезе формата, намената, содржината и просторот на првите три предвидени павилјони – П1 / П2 / П3.

 

Генеза на идејното решение © тим log01

 

Структурите, како артефакти, отсликуваат извесна трага од типологиите на отворените простори кои му припаѓаат на Музејот. Тие симболично ги претставуваат деловите кои на волуменот на музејската зграда му недостасуваат за да постане “целосен“ квадар (сл.5-II) . Павилјоните треба да им понудат нови искуства на посетителите со тоа што отворениот простор непосредно околу Музејот го препознаваат како потенцијален дефиниран простор за користење. Простор, кој преку извесни архитектонcко-обликовни трансформации сега има нови дефинирани граници и нови квалитети. Mестоположба на павилјоните е определена такашто тие се во директна релација со музејската зграда и заедно со неа сочинуваат еден вид на ансамбл. Трите павилјони се истовремено поврзани со основните архитектонски и морфолошки типологии на точка, линија и површина или аналогно на тоа во случајот на една културна тврдина симболизираат кула, ѕид и дефиниран простор.

 

Трем МСУ / „ П1 “ – Кула  © тим log01

 

Плато МСУ / „ П2 “ – Линеарна галерија  © тим log01

 

Градот ни припаѓа на сите нас. Доколку сакаме да има подобра иднина, тогаш е јасно дека мора да започнеме да ја планираме денес. Јавниот простор претставува квалитет кој ги засега сите граѓани, посебно младите креативци во нашата професија… бидејќи сите ние носиме колективна одговорност за неговата состојба, трансформација, еволуција.  Би сакале да ги охрабриме сите оние кои се заинтересирани да учествуваат во заедничкото градење на подобрo Скопје, да работат на споделување на своето професионално знаење и да веруваат во своите идеи, бидејќи е очигледно дека постои простор и шанса тие да бидат разгледани,  вреднувани и наградени. Секако, би сакале да им честитаме на победниците, да им се заблагодариме на сите учесници и на организаторите, на музејот на Современа уметност, на Архитектонскиот  Факултет и на градот Скопје кои пред се обезбедија платформа каде ние успешно го споделивме нашето мислење. Се надеваме дека ова е само првиот од низа слични интернационални проекти на кои ќе имаме шанса да учествуваме во Македонија.

“People make cities, not buildings.” – Jane Jacobs

 

Со љубов за Скопје,

 

тим log01

Е.Поповска

А.Врангалоски

Л.Лазаров

М.Бошкович