Карпата „Гуштер“ на Маркови Кули во Прилеп

Македонија изобилува со места кои го спојуваат природниот пејсаж и човековата интервенција, што чини архитектура. Таков предел кој од нејасни причини сеуште не го добива заслуженото внимание и просторна организација се Марковите Кули и целиот прилепски регион.

 

Марковите Кули од североисточна страна

 

Пејсажот е мистичен,  ридовите и возвишенијата се со специфични карпести формации, дел обликувани од природните процеси, дел од човековата рака. На овој простор од неолитските преку античките, се до средновековните векови животот бил присутен низ различните епохи.

Во карпите се интегрира и надополнува тврдината, древните гробници и скуплптуралните обликувања, каде препознаваме асоцијативно слонче, гуштер, ликови на луѓе, желки итн.

 

Карпите кои наликуваат на слонче, човечки лик, гуштер

 

Во денешната објава говориме за таканречената Карпа „Гуштер“ која се наоѓа на западната падина од Марковите Кули. Како што и името говори, таа наликува на гуштер. Дали е целосно природен феномен не можеме да тврдиме, но она кое можеме да го сведочиме е нејзиното значење за древните предци кои тука живееле. На неа се организирани погребувања од античкиот и доцноантичкиот период.

 

Карпа Гуштер

 

До неа можете да дојдете од страната на манастирот Св. Архангел Михаил во Варош, или да се спуштите по падината од марковата тврдина.

 

Локација

 

Ова место служело за погребување, за што е искористена целата површина, преку вдлабнувања. Овие почивалишта биле исклесани, и поклопени со плочи. Со текот на годините истите се уништени и ограбени. Не постојат останки, скелети ниту предмети, но сочувани се вдлабнувањата.

 

Карпа Гуштер

 

Во непосредна близина на карпата Гуштер, се наоѓа и класична античка гробница, која исто така е вандализирана низ времето. Нивното позиционирање е разбирливо бидејќи станува збор за западната страна од каде се набљудува и залезот на сонцето, асоцијативно говорејќи и за крајот на земниот живот.

 

Античка гробница

 

Овој спој на природен феномен, со човековата интервенција, создава архитектура во просторот со особени визуелни вредности. Целиот простор зрачи со мистика и мирис на минатото. Потребата од валоризација и организација е насушно потребна.

 

Карпата Гуштер од  долната страна

 

Но најпрвин да ја популаризираме локацијата, да го отвориме прашањето во јавноста и со тоа да ја започнеме темата за препознавање на потенцијалот на Марковите Кули во туристички цели.