Киоскот во урбаниот пејсаж на Македонија
27.11.2021 • Урбана опрема ХХ век / II половина
Извори: Twitter @JamesMorgan_HTS ; Saša J. Mächtig: Systems, Structures, Strategies; K67: de Rietveldstoel onder de kiosken; Ourworldinreview.com; Moma.org; The Story of the 1960s Mass-Produced Modular Design That Actually Went into Production; ostarchitektur.com; Ин Мемориам Александар Никољски (1937-2018): За архитектурата на убавото; 3 Биенале на македонската архитектура
Киосците се неизбежен дел од урбаниот пејсаж на Македонија. Тие се мобилни, слободно-стоечки објекти кои имаат модуларен дизајн и се погодни за различни намени. Ги наоѓаме како додаток на урбаната инфраструктура, во сценарија како продавница, пулт за автобуски билети или мали работилници. Како такви, тие претставуваат посебен слој на урбаната средина. Дизајнот на овие објекти може да биде модуларен, импровизиран или модуларен објект кој претрпел модификации.
Како типологија на овие простори, киоскот се појавува во средината на XXвек со појавата на познатиот К-67 киоск на словенскиот дизајнер Саша Ј. Махтих (Saša J. Mächtig). Меѓутоа, често заборавена фигура која исто има голем допринос во оваа тема е македонскиот архитект Александар Никољски. Тој дополнително ја истражува идеата на модуларниот киоск, како моделите КС-190 и КФ-190. Киосците на Никољски биле произведувани од „Треска-Полипласт“ во Струга. Исто како популарниот К-67 на Махтих, многу од киосците на Никољски сеуште се наоѓаат на просторот на бивша Југославија.
Во БИМАС 1987 е заведен дизајнот на Никољски и истиот е објаснет како:
Киоскот „КЦ-190“ претставува мал повеќенаменски објект. Можностите за неговата примена се неограничени и тоа:
– продажба на печат;
-продажба на тутун и ситни предмети;
-лотарија;
-цвеќе и сувенири;
-занаетчиски и сервисни дејности…
Киоскот е работен во модул, што овозможува зголемување на основниот простор, во зависност од локацијата и функцијата на објектот.
Никољски е автор на повеќе модели на изведени и идејни решенија за киосци кои можеме да ги видиме официјално објавени во само мал број на публикации. Киоскот во продолжение е од изданието БИМАС 1991 , дизајнот е именуван како „Систем на киосци „Треска“ и е во авторство на проф. Александар Никољски и проф. Анета Христова.
Важно е да се напомене дека иако овие модуларни објекти се создадени во средината на дваесетиот век, тие сеуште претставуваат инспирација за современите дизајнери и архитекти. Неодамна видовме како киоскот К-67 беше поставен на Тајмс Сквер во функција на DJ Booth.
Архитектонските и уметничките изложби го вклучуваат овој дизајн како референца. На видната изложба Towards a concrete utopia: Architecture in Yugoslavia,1948-1980 беше поставен токму К-67 во својата оригинален изглед, овојпат како инфо-пулт за самата изложба.
Другата димензија на овие објекти е во импровизираната употреба на овие објекти. Во ова издание можеме да ги сретнеме на улиците на градовите и селата, во приватни дворови каде тие стануваат помошни објекти на сопственикот, како импровизирани остави и слично.
Ви приложуваме фотогалерија од различни извори каде можеме да ги видиме импровизираните варијанти на киоскот во Македонија:
Автор на статија: Љубен Трајаноски