Кисела Вода ќе објави меѓународен конкурс за РАСАДНИК
31.12.2021 • Информации
Една од најголемите теми, која ја актуелизира МАРХ изминатите години беше темата за РАСАДНИК.
Денес, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски објави: „Стопиран е и планот за Расадник. Во истиот Комисијата констатира дека има 99 нови згради, па согласно барањата на граѓаните, заклучно со февруари, ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП Расадник, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните на Расадник. По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален Урбанистички План за Расадник.“
Почитувани читатели на МАРХ, ова е најголемата победа на една јавна иницијатива на нашата страна, на која се приклучија многумина, особено Институтот за комуникациски студии кои создадоа поголема видливост на нашата заедничка работа и граѓаните на Расадник. Ова е најголемата новогодишна честитка која не охрабрува никогаш да не се откажеме од добрите и здрави граѓански иницијативи. 🙂
Во прилог целото соопштение на Општината Кисела Вода, која денес заслужи вистинско внимание:
„Денес, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одржа прес конференција, на која беше презентиран првиот дел од реализацијата на проектот “Стоп за урбаната мафија во Кисела Вода”. Обраќањето ви пренесуваме во целост.
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Во Изборната Програма за Обнова на Кисела Вода, еден од носечките проекти за кои граѓаните масовно ми ја дадоа поддршката е проектот Стоп за Урбаната Мафија.
Денес, два месеци по моето назначување за градоначалник, тука сме за да ја презентираме реализацијата на првиот дел од проектот, а тоа е вадење од фиока на СИТЕ ВАЖЕЧКИ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ и нивно ТРАНСПАРЕНТНО ОБЈАВУВАЊЕ НА УВИД НА ГРАЃАНИТЕ.
Транспарентноста е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество.
Во Општина Кисела Вода има точно 53 важечки Урбанистички планови, а заклучно до моето преземање на функцијата градоначалник, на општинскиот ГИС портал беа објавени само 20. Во изминативе 60 дена, извадивме од фиока 33 урбанистички планови, ги дигитализиравме и јавно ги објавивме на веб страната на општината https://gis.kiselavoda.gov.mk/gis-preglednik/.
Од денес, сите граѓани на Кисела Вода можат да пристапат на Веб страната на Општината и да направат увид во секој план, можат да направат увид во сопствената градежна парцела и да проверат што на тоа место е предвидено да се гради!!!
Почитувани граѓани,
За да ја запреме урбаната мафија, потребна ми е и вашата помош. Ве повикувам сите да направите увид во Урбанистички планови и сите ваши забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели или делови од плановите да ни ги доставите во рок од 30 дена.
Образецот на кој може да ги наведете вашите предлози е достапен на веб страната, како и во архивата на општината. Пополнетиот Образец може да ни го доставите на емаил адресата revizijadup@kiselavoda.gov.mk, или во архивата во седиштето на општината.
Сите поднесени барања ќе бидат разгледани од Комисијата за Урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и по истите ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи.
Кисела Вода мора да биде општина каде што граѓаните ќе одлучуваат за Урбанистичките планови, а не урбаната мафија.
Сакам да ја искористам оваа конференција и да потсетам дека рокот за пријавување во Партиципативното тело истекува на 15 јануари 2022 година, и сакам да упатам апел до граѓаните, до невладините oрганизации и стручната јавност да се пријават во работата на ова тело и да ни се приклучат во борбата против урбаната мафија.
Дополнително, сакам да ве информирам и дека во рамки на овој проект, кој го насловивме Стоп за урбаната мафија, е започната ревизија на 34 плана кои беа во различни фази на донесување.
Така, во предлогот на Деталниот урбанистички План за Градска Четврт Ј 20 блок 3 или План за дел од Црниче, се констатира дека околу чешмата Света Петка кај народот позната како Балаклија, во зеленилото биле предвидени 5 градежни парцели со намена станбени куќи со висина од 10.20 метри. Планот е стопиран градежните парцели во зеленилото се бришат, а по празниците ќе биде спроведена јавна презентација, а потоа и нова транспарентна Јавна Анкета на која граѓаните ќе можат да ги дадат своите забелешки и сугестии.
Исто така во Деталниот Урбанистички План Ј 15 блок 4 или План за дел од Припор се констатира дека спротивно на Генералниот Урбанистички план предвидени се станбени згради со А2 намена со огромни бруто развиени површини, а за сметка на нив на постојните куќи во Припор не им се дава можност за никаков развој. Како и Планот за Црниче, и овој План е стопиран и во Буџетот за 2022 година се предвидени средства за изработка на ДУП за цела населба Припор.
Стопиран е и планот за Расадник. Во истиот Комисијата констатира дека има 99 нови згради, па согласно барањата на граѓаните, заклучно со февруари, ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП Расадник, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните на Расадник. По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален Урбанистички План за Расадник.
Почитувани,
Жалосно е што Кисела Вода како општина беше прва на удар на градежната мафија. Уште повеќе, жалосно е што претходната локална власт била дел од таа градежна мафија и шурувала со нејзе, била нејзина поддршка во општината. Од денот на преземање на општината, увидовме многу грешки и неправилности во постапки на веќе реализирани проекти. Увидовме проекти каде што луѓе граделе без дозволи, само затоа што некому дале мито и резултатот на тие градби беше рушење. Ги срушивме и ќе продолжиме и понатаму да рушиме диви градби. А тие што давале мито, ги упатувавме да пријават во полиција ако сакаат да бараат некоја правда, бидејќи кај мене владеат само законите.
Принципите ќе важат за сите исто и ниту една закана нема да ме спречи во намерите да ја поставиме општината врз база на чесни намери, закони и принципи.
Се обврзав пред граѓаните дека Кисела Вода ќе биде транспарентна општина каде што се почитуваат законите. Се обврзав дека граѓаните ќе го имаат главниот збор во креирањето на ликот на општината. Овој проект чиј резултати денес ги презентираме е само вовед во четиригодишниот период на менување на начинот на работа, а со тоа и на имиџот и ликот на Кисела Вода.
Ви благодарам.“
Граѓански протест за Расадникот во Кисела Вода
Расадникот – присутност која не смееме да ја загубиме!
РАСАДНИКОТ како последно упориште во битката за СКОПЈЕ
Расадникот како потенцијал на Кисела Вода
Предлог урбанистички план за „Расадник“ Кисела Вода
Автор на статија: Filip Koneski