КОАИ се придружува во реакцијата кон Општина Струмица за конкурсот за плоштадот „Гоце Делчев“
27.10.2026 • Информации
По јавниот повик на МАРХ за бојкот на конкурсот за идејно решение за плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, поради неговиот потценувачки и навредувачки награден фонд, се огласија и Асоцијацијата на архитекти на Македонија како и одделението на архитекти при Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија.
Ставот на ААМ веќе го пренесовме, во денешната објава можете да го прочитате ставот на КОАИ:
Архитектонските конкурси се важен инструмент за создавање квалитетни јавни простори и унапредување на архитектонската практика.
Одделението на архитекти при Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ), во рамките на своите законски и професионални надлежности за унапредување, афирмација и заштита на архитектонската дејност, ја разгледа конкурсната програма и условите за распишување на Конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција и урбан дизајн на Градскиот плоштад „Гоце Делчев“ – Струмица.
Најпрво, ја поздравуваме одлуката на Општина Струмица идниот развој на значајна локација во градот да го планира преку отворен процес што поттикнува креативност, стручност и поширок придонес во обликувањето на јавниот простор. Иако сè уште недоволно застапена во Македонија, оваа пракса заслужува целосна поддршка и почеста примена. Истовремено, сметаме дека наша професионална обврска е да укажеме на одредени аспекти на конкурсните услови кои, според нашата стручна оцена, можат негативно да влијаат врз квалитетот на конкурсниот процес, учеството на архитектонската фела, реалното вреднување на авторскиот труд и обезбедувањето услови за добивање квалитетно и применливо архитектонско решение.
Искуствата од досегашната практика на спроведување архитектонски конкурси во државата укажуваат на повторување на одредени слабости кои негативно влијаат врз квалитетот на конкурсните постапки, интересот на стручната јавност и конечните резултати од нивното спроведување.
Меѓу клучните прашања на кои треба да им се посвети особено внимание се издвојуваат:
1 Соодветноста на наградниот фонд и надоместокот за авторскиот труд
Предвидениот награден фонд на конкурсот треба да биде пропорционален на сложеноста на задачата, очекуваниот обем на разработка и потребниот мултидисциплинарен ангажман. Несоодветното вреднување на вложениот труд го доведува во прашање интересот за учество на квалитетни авторски тимови и не придонесува за афирмација на професионалните стандарди.
2 Реалноста на конкурсните рокови
Роковите треба да овозможат доволно време за анализа на постојната состојба, согледување на урбанистичкиот контекст, разработка на просторниот концепт и интегрирање на архитектонските, пејзажните, функционалните и другите релевантни аспекти на проектната задача. Прекратките рокови го ограничуваат потенцијалот за темелен и квалитетен творечки процес.
3 Континуитетот меѓу конкурсниот резултат и реализацијата
Конкурсната постапка треба да биде проследена со јасно дефинирани механизми за понатамошна разработка и реализација на избраното решение. Отсуството на такви механизми може да доведе до ситуации во кои резултатите остануваат нереализирани или се менуваат без соодветно стручнo образложение и вклучување на авторскиот тим.
4 Заштита и соодветно вреднување на авторскиот труд
Архитектонскиот конкурс претставува специфична форма на професионална и творечка работа во која преку истражување, анализа и проектирање се развиваат решенија со потенцијално долгорочно влијание врз просторниот и општествениот развој на градот. Оттука, авторскиот труд не треба да се третира исклучиво како производ што се откупува, туку како резултат на комплексен интелектуален, стручен и творечки процес, чија вредност треба соодветно да се препознае и заштити. Посебно значајно е избраното решение да не се третира како завршен резултат сам по себе, туку како основа за понатамошна проектна разработка, при што треба да се обезбеди соодветен континуитет на авторскиот придонес преку понатамошен професионален ангажман на првонаградениот авторски тим.
Одделението на архитекти при КОАИ смета дека унапредувањето на конкурсната практика бара воспоставување системска и континуирана соработка меѓу единиците на локалната самоуправа (и други субјекти) и архитектонската фела. Навременото вклучување на стручните капацитети во подготовката на конкурсните програми и дефинирањето на условите за учество може значително да придонесе за попрецизно формулирање на проектните задачи, соодветно утврдување на роковите и наградниот фонд, како и воспоставување јасни критериуми за оценување и понатамошна реализација на избраните решенија. Во таа насока, Одделението на архитекти при КОАИ ја става на располагање својата стручна и консултативна поддршка на Општина Струмица и на сите други единици на локалната самоуправа, при подготовката и спроведувањето на архитектонски и урбанистички конкурси, во рамките на своите надлежности и расположливи стручни капацитети.
Ги повикуваме Општините да воспостават непосредна комуникација со Одделението и да ја искористат можноста за консултации уште во почетните фази на подготовка на конкурсните постапки. Веруваме дека преку партнерски пристап и размена на стручни мислења може да се воспостави повисоко ниво на соработка, засновано врз заемно почитување, професионална одговорност и заедничка определба за заштита на јавниот интерес.
Врз основа на наведеното, Одделението на архитекти при КОАИ смета дека архитектонските конкурси треба да се организираат како транспарентни и професионални постапки, кои обезбедуваат реални услови за квалитетна авторска работа, соодветно вреднување на професионалниот ангажман и јасна перспектива за понатамошна реализација на избраните решенија. Ги охрабруваме сите идни Распишувачи при распишување на јавни конкурси за урбанистичко-архитектонски решенија да ги загарантираат основните начела на конкурсот: конкурентност, анонимност, рамноправност, независност во одлучувањето, правичност во наградувањето и надоместоците за вложениот труд, применливост на резултатите на конкурсот и транспарентност.
Со почит,
Комора на овластени архитекти и овластени инженери
Одделение на архитекти
Автор на статија: Filip Koneski
КОАИ / Комора на овластени архитекти и инженери / Конкурс за идејно решение / Одделение на архитекти / плоштад „Гоце Делчев“ / Реакции / Струмица


