Комплекс Првомајска – Локален Центар Кисела Вода

Година:  1987

Локација:  Магацини Славија, Бараките на Кисела Вода и околината

Проектантски организации: Бетон и Завод за урбанизам и станбено комунална техника на СР Македонија

Проектанти: Снежана Арсова, Миодраг Радоњиќ, Ќосева Нацка, Николова Биљана

Проектанти соработници: Симовски Саво, Ѓеоргиев Иво

Соработници: Димова Орхидеја, Лемез Јелица, Гавазова Виолета, Антовиќ Лилјана, Ристова Невена, Велевска Вера

 

 

Денешната состојба на локацијата на „Комплексот Првомајска“

 

При крајот на 80тите години на XX век,  кои се последни години на она што вистински значеше урбанизмот, Општината Кисела Вода за себе размислувала на еден сосем поинаков начин.

Во контекст на иницијативата „Магацините Славија – локален центар на случувања“, во процесот на созревање на идејата низ годините, дојдовме до сознание дека овој простор во минатото бил забележан како потенцијал за развој на Локален Центар на општината во многу сличен правец.

 

Магацините „Славија“ и бараките на Општина Кисела Вода

 

Опфаќајќи еден поширок потег, Комплексот Првомајска требал да го организира јавниот живот, забавниот, трговијата и занаетчиството и културата во симбиоза со нови станбени објекти. Од овој потег, делот планиран за станбени интервенции, веќе е окупиран од новите интервенции – плод на неразумниот урбанизам, но за среќа просторот на Магацините Славија и просторот на Општинските бараки се уште нема претрпено измени.

Тоа остава простор за иден развој во правец на јавното добро, кој треба како компаративен пример да го земе в предвид некогаш разработениот проект „Комплекс Првомајска“.

 

Ситуација со отворена основа на приземје

 

Што се предвидувал овој проект?

Два нови станбени комплекси кои се развиваат на северот од локацијата и во нејзиниот јужен централен дел на булеварот „Првомајска“ или денес „Борис Трајковски“. На овие простори денес веќе се развиваат нови објекти со иста намена но нивното присуство е без контекст и дел од она што е последица на неразумните парцели за изградба со уште понеразумни височини на југот, додека на северот тоа што се изгради со разумна височина веќе се нагрдува со дозволите за доградби на тераси, додека дел од субурбаната структура на стари домови остана  во нејзината постојна состојба.

 

Основа на 1 кат

 

Некогашната фабрика „Жито Лукс“ било предвидено да биде зачувана. На нејзиното место денес е супермаркетот „Веро“.

На позицијата на дел од бараките на Општината Кисела Вода, се предвидувало нов објект за Собранието на Општината, додека над истото се планирал Културен Центар со кино сала и библиотека.

 

 

Она што е вистински значајно е третирањето на Магацините Славија, кои се интегрирани во една нова интервенција со тогаш тековниот стил на  постмодернизмот, каде објектите се надградуваат и адаптираат во правец на трговски и занаетчиски содржини, хотел, продажба на храна, мебел, електрични уреди итн. во духот на тогаш актуелните концепти на одново размислена чаршија.

 

 

Просторот изобилува со јавна пешачка површина, хортикултурно уредување, фонтани, клупи и игралишта.

Целиот овој потег кој тековно се гради и приложеното размислување е еден совршен пример на паралела која укажува каде згрешивме со урбанизмот и давање можност да се поправат работите во контекст на јавните содржини кои сеуште се можни на потегот Славија- Општински бараки.

 

МАГАЦИНИТЕ „СЛАВИЈА“ – Локален Центар на случувања