Кон бетонска утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980

Локација: МОМА, Њујорк

Година: 2018

Куратор: Мартино Стиерли/ раководител на Philip Johnson одделот за архитектура во рамки на MOMA

Ко-куратор: Владимир Кулиќ

Асистент куратор: Ана Катс

Извори/ фотографии:Dan HorwathDezeen, Ана Ивановска, Горазд Поповски

Импресивни споменици, амбициозни мастерпланови и нереализирани визии на архитектите од поранешната федеративна Југославија се предмет на презентација, во склоп на изложбата во њујоршката MOMA ( Музеј на модерната уметност).

„Кон бетонската утопија- истражува теми за урбанизација во големи размери, внесување технологија во секојдневниот живот, конзумеризам, споменици и меморијализација, како  и глобалниот дострел на југословенската архитектура. Изложбата вклучува повеќе од 400 цртежи, модели, фотографии и филмски реплики од низа општински архиви, семејни колекции и музеи ширум регионот, презентирајќи ја работата на важни архитекти, меѓу кои и Богдан Богдановиќ, Јурај Најдхарт, Светлана Кана Радевиќ, Едвард Равникар, Венчеслав Рихтер и Милица Штериќ. Од скулпторскиот ентериер на Белата џамија во рурална Босна, до реконструкцијата на градот Скопје според метаболистичкиот проект на Кензо Танге, потоа изградбата на Нов Белград, со експресивни станбени блокови и колективни згради. Изложбата ги проучува уникатните облици на форми и начини на производство во југословенската архитектура и нејзиниот посебен, но повеќеслоен карактер.“

Изложбата го истражува архитектонскиот капацитет да се произведат заеднички социјални јавни простори со заедничка историја не игнорирајќи ги локалните специфичности и мултиетничката разноликост. Југославија била сериозно градено општество како баланс во светската криза и ладна војна меѓу истокот и западот, кое успешно егзистирало 45 години како заедница на рамноправни народи и заедници.

Изложбата во светски прочуениот музеј МОМА, се фокусира на периодот на обновата на Југославија,  после сериозните оштетувања на урбаните и рурални средини од втората светска војна, создавајќи амбициозни проекти за новиот лик на заедничката нација.

Првиот дел од изложбата го истражува модернизмот во Југославија, и како структуралната експресија на интернационалниот стил преку брутализмот се вклопува во интенцијата да се подобрат социјалните стандарди.

Друг дел од изложбата презентира специфични проекти за големи урбани потези, како што е дефинирањето на  федералниот главен град, Новиот Белград, што во себе инкомпорира големи блоковски структури за домување и јавно живеење.

Она кое за нас е значајно е просторот посветен на реконструкцијата на Скопје, после катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Јапонскиот архитект Кензо Танге го предложува радикалниот метаболистички план за Скопје кој ја вклучува Градската Порта, Градскиот Ѕид, кој во голем процент не е реализиран.

На изложбата се потенцирани инзвонредните примери на бруталистичката архитектура кои се реализирани во македонската претстолница. Особено е посветено внимание на делото на архитектот Јанко Констанинов и Телекомуникацискиот центар, Георги Константиновски и студентскиот дом Гоце Делчев, Марко Мушич и комплексот на УКИМ, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова – Томиќ и Кирил Муратовски, Културниот центар на Биро 71, како и вон територијата на Скопје, во делот посветен на меморијалната архитектура – споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.

 

За потребите на изложбата беше формирано кураторско советодавно тело, од страна на МОМА. Во истото учествуваа повеќе архитекти кои се занимаваат со истражување во полето на интерес. Од Македонија, членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата беа архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски.

Ова светско признание за македонската и југословенската архитектура е од огромно значење за периодот кога домашните автори чекореле рамо до рамо со светските, презентирајќи авторски идентитет, став и вредности кои не се базирани на сувопарно копирање на глобалните трендови, туку напротив локален контекст и издржаност.

Повеќе за впечатоците на светски познатиот DEZEEN магазин, за изложбата можете да прочитате на линкот >>>>