Конкурсен труд за централното градско подрачје на Скопје / Равникар 1965
07.09.2016 • Урбанизам
Автор: Едвард Равникар
Соработници: Мајда Крегар, Ана Мавко и Едо Равникар
Година: 1965
Извор: „Еdvard Ravnikar, architect and teacher“ – Aleš Vodopivec, Rok Znidarsic, 2009; „Skopje resurgent” – United Nations, New York, 1970; Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967.
По катастрофалниот земјотрес во 1963, Скопје добива странска помош во форма на средства за брзо расчистување како и реконструкција на долг план. ОН формира комисија за обнова на градот која по првата фаза на изведување на итните интервенции, почнува да работи на новиот мастер-план. По анализите од експертите следува просторното планирање и финалниот урбанистички план за градот Скопјe
Циборовски го презентира драфт концептот за мастер планот за обнова на Скопје (Skopje Resurgent, 1970, стр. 100)
Земјотресот значително го уништува централното подрачје оставајќи го градот и регионот без главното комерцијално и комуникациско јадро. Ова ја налага потребата за негово најбрзо оживување, но истовремено претставува и можност за досега најрадикално модерно репланирање на централното подрачје. За оваа задача бордот решава да повика врвни домашни и странски архитекти на конкурс за создавањето на новиот изглед на центарот на Скопје.
Улица Македонија (Skopje Resurgent, 1970, p. 18, стр. 22)
Тимот на Едард Равникар е повикан како еден од четирите домашни – југословенски тимови да изготви концептуален план, врз основа на кој во наредната фаза Заводот за урбанизам и архитектура ќе го изработи деталниот план за централното градско подрачје. Препораките од бордот на консултанти укажуваа дека Старата Чаршија треба да се смета како интегрален дел на центарот; дека домувањето треба да е со густина 350 – 400 жители/хектар, просторен стандард од 20м2 по жител; и дека зелените површини по течението на Вардар треба да продолжат во континуален систем низ центарот.
Скица на решението на тимот од Љубљана (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, стр. 33)
Творештвото на Равникар претставува синтеза на универзалните стандарди и регионалните обележја. Неговите подоцнежни проекти се модерни но сепак покажуваат одреден јужен – медитерански карактер. Во случајот на проектот за Скопје тој конкурира со план заснован на вредностите на стариот град, менталитетот на жителите, климатските услови, како и неидеалната финансиска и технолшка состојба на државата.
Цитат од описот на архитектот (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 233)
Планот на Равникар се состои од систем на рингови концентрично распоредени околу географскиот центар на Скопје. Во средиштето се наоѓа станбениот ринг, опкружен со ринг од паркинг сместен во парковско зеленило, двата споени со комерцијални улици кои го комбинираат модерниот начин на пазарење со традиционалниот – чаршиски. Следи ринг со институции, ринг со рекреативни површини, завршувајќи со отворен ареал кој го истакнува карактеристичниот македонски „монументален пејсаж“. Северната страна на Вардар е целосно посветена на културни програми, универзитет и модерни едноспратни атриумски домови околу чаршијата, кои со својот сличен размер би ги замениле волумените на сега уништените куќи од стариот град.
План за централното градско подрачје на тимот од Љубљана (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 232)
Архитектот длабоко навлегува во значењето на историските комплекси во сликата на градот, проширувајќи ја својата визија и кон нивното реконструирање во манир на спојување на старото и новото и создавање на заокружени целини. Разгледувајќи ги различните системи кои допринесуваат кон оформување на ориенталниот амбиент на стариот град, Равникар сугерира разработување на системот на зеленило, заштита од сонце и системи на ладење преку фонтани, сите важни фактори за формирање на пријатна микроклима многу потребна за квалитетна функција на градскиот центар во топлите летни денови.
Пресек (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 237)
Макета од конкурсното решение (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 236)
Венеција како пример
Користејќи аналогии од барокна и модерна Венеција, Равникар ја истакнува важноста на вистинскиот спој на урбани елементи од стариот и новиот град, кои укажуваат на одреден концепти според кои би можел да биде дизајниран центарот на Скопје.
Скици од истражувањето (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 239)
- Исто како што Гранде Канал е паркинг за гондоли а истовремено и луксузно место за живеење, така и скопскиот појас за паркирање може да се смести во парк кој истовремено би бил и спој на пешачкиот и автомобилниот сообраќаај, пропратен со сите останати потребни фукнции и содржини;
- Позиционирање на најважните јавни објекти во најфрекфентните комерцијални места за одмор, ја исклчува можноста за нивно изолирање и ги доближува вработените во јавниот сектор до градските маси;
- Формирање на изобилие од пријатни места за одмор во градскиот центар
Скици од истражувањето (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 240)
- Можноста за организирање на слични модерни масовните настани како тие на Пиацета во Венеција во 18век, лоцирани околу големи комерцијални и деловни објекти;
- Претварање на комерцијалната променада во привлечна оаза преку елементите кои ги подобруваат топлите климатски услови, како сенки, проветрување и системи за ладење;
Скици од истражувањето (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, А. Vodopivec, R. Znidarsic, 2009, стр. 240)
И покрај пофалбите од страна на комисијата на проектот на Равникар, познато е дека првите две места на конкурсот ги освојуваат тимот на Кензо Танге и тимот на Мишчевиќ и Венцлер, од чии проекти ќе се формира финалната – деветта варијанта за планот на скопското централно подрачје.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Едвард Равникар / Земјотрес 1963 / Конкурс за централно градско подрачје / Конкурсни трудови / конкурсно решение / Обнова на Скопје / Скопје / Урбанистички план