Куќа на Стефоски во Охрид / 1924 година
15.01.2025 • ХХ век / I половина
Куќата на КП 14313; КП 14314/1 и 2; КП 14334/2 е изградена во 1924 година од непознати мајсторски тајфи.
Објектот е слободностоечки, составен е од три братски куќи, на западната страна од улицата „Гоце Делчев“ и е со катност од подрум, приземје и два ката. Изграден е на не многу атрактивна локација, но со својата богата архитектура, особено обликувањето на експонираните фасади, претставува посебен белег на комплексот Воска збогатувајќи ја неговата амбиентална вредност.
Локација на куќата на Стефоски
Објектот е еден од повпечатливите кои се израдени во периодот на напливот на неокласицизмот на просторите на балканот и е вреден сочуван сведок од таа епоха.
Фото: Wikipedia / Dentedeleone
Куќата на КП 14313; КП 14314/1 и 2; КП 14334/2 изобилува со неокласични елементи и обележја. Објектот е симетричен, со ритмички распоредени прозорски отвори и балкони збогатени со огради од ковано железо. Објектот е изведен без еркерни испусти, но пластиката на фасадата е надополнета со пиластри, хоризонтални профилирани венци и друга карактеристична декоративна пластика изведена од малтер. Особено внимание е посветено на обликувањето на кровниот венец и вториот кат каде се присутни декоративни полукружни и триаголни тимпанони од второстепена пластика над прозорските отвори и пиластри покрај балконските врати кои завршуваат со богати капители.
На североисточната страна на објектот изведени се три баџи со балкони и три тимпанони како завршница на венецот, два полукружни и еден триаголен, кои ја нагласуваат вертикалата на објектот. Кај балконите и двата полукружни тимпанони, во обликувањето е присутен карактеристичниот мотив на школка. На триаголниот тимпанон во средишниот дел на куќата е напишана годината на нејзиното градење и името на сопствениците.
Со оглед дека објектот е слободностоечки, вниманието при обликувањето е насочено и кон уличната и кон бочните фасади, кои се карактеризираат со нагласена симетрија и складност, како во поглед на декоративната второстепена пластика, така и при хармоничниот распоред на прозорските отвори и балконските врати поделени на полиња и вратите, кои се богато декорирани, додека северозападната фасада кон дворното место е сосема скромна.
Куќата е изградена во масивнен систем на градба со носиви ѕидови, во подрумот од камен, а на приземјето и катовите од полна тула, додека меѓукатните и кровната конструкција се дрвени. Куќата е со изворна функција домување. Моментално делови од призмјето на објектот се ревитализирани во деловни простории – трговки дуќани. Куќата на КП 14313; КП 14314/1 и 2; КП 14334/2 е сочувана во својот автентичен фасаден изглед со сите карактеристики на архитектурата од почетокот на XX. Во поново време е санирана фасадата при што е обоена во една нијанса, без нагласување на второстепената пластика.
Користени извори:
- Текстуално образложение >>>
- Фотографии: Google street view
Автор на статија: Filip Koneski