Куќа во Пинтија / Конески, Георгиев
10.08.2025 • XXI век

Година на проектирање: 2022
Изведба: 2023-2025
Автори: Филип Конески, Борко Георгиев
Локација: Населба Пинтија, Скопје
Инвеститор: Приватен
Локација со непосредно опкружување
На локација над населбата Пинтија, на терен во падина се реализира семејна куќа за индивидуално домување за потребите на едночлено семејство. Местоположбата на парцелата за градба е иделно поставена, надолжно развивајќи се од југ кон север. На северната страна се отвора панорама на источните делови на Скопје и котлината, додека на јужната страна е ридот и нискостеблестата вегетација. Кон исток и запад се позиционирани соседните парцели.
Вкупната површина на парцелата изнесува 1057 м2, од која на само дел се развива објектот додека во остатокот се организира удобна средина со пратечки содржини и хортикултурно уредување.
Влезот во парцелата се уредува од североисточната страна каде е обезбедена сообраќајната врска. Во дворот се обезбедни 2 паркинг места во влезниот дел, со можност за паркирање и на внатрешната улица на најмалку уште 3 возила .
Објектот се развива на неколку нивоа: подрум, приземје, кат и кровна тераса, со вкупна квадратура на внатрешните простори од приближно 300 m2.
Објектот е проектиран во облик на буквата Т, како резултат на направените архитектонски анализи кои опфаќаа местоположба, ориентација, осончување, правилен распоред и тек на функциите, отворени погледи и визури од дневниот простор во правец север-југ итн.
Во парцелата се влегува од северна страна, преку внатрешен кружен тек кој дава церемонијален впечаток соодветен за ваквиот тип на домови (вила ). Од истиот се пристапува кон објектот, патеката кон задниот двор, перголата ( неизведена) со надворешниот паркинг и кон излезот.
Во објектот се влегува преку неколку скалници преку двокрилна влезна врата. Од влезниот хол во насока се поставени вертикалните комуникации кој подрум и катот, додека кон десно се насочуваме кон дневниот простор. Пред да влеземе во него, од лева страна е тоалетот, додека од десната страна е гардероберот за обувки и наметки.
Основа на приземје
Дневните функции започнуваат во централниот модул каде е сместена свечената трпезарија, од неа во истиот правец е кујната од која се излегува кон терасата, додека од десно се наоѓа атрактивниот двовисински простор, кој во правец ссевер југ овозможува отворени визури кон задниот двор и контрола на предниот двор. Застаклен е по целата височина, додека во кон запад е поставено огништето (камин) и ѕид од декоративен камен, со што се постигнува интимност од погледите на соседот.
Подрумот покрај достапноста од приземјето и скалиштето има надворешна врска од страната на надворешниот паркинг. Тоалетот се пресликува во вертикалата како и ходникот, додека останатиот простор е предвиден за одложување на работи, машински инсталациии и слично, со можност за пренамена во простор за игри, рекреација или вински подрум.
Основа на подрум
На катот се сместени спалните соби, од кои две детски и една голема родителска. Детските делат една бања, додека за потребите на родителската е предвидена посебна бања кон која се пристапува од внатре. Во средниот модул покрај погледот кон дневниот простор се предвидени и скалишта кон кровната тераса, за потребите за нејзиното оддржување или во идина со пренамена и нејзино користење.
Основа на кат
Дворот на објектот е хортикултурно уреден, додека во задниот дел е изведен и надворешен базен. Како и кај повеќе проекти и реализации во Македонија, од авторскиот проект постојат отстапувања и измени без консултација како во екстериерот така и во ентериерот.
Реализацијата на семејната куќа во Пинтија е во завршна фаза.

Автор на статија: Filip Koneski
Борко Георгиев / Домување / Конески Филип / Куќа / Пинтија