Куќички на дрво – архитектонска работилница за деца, Котур

 

На 11-ти Декември во Котур Кафе и Филм се одржа втората архитектонска работилница за деца, предводена од архитектите Маргарита Поповска, Маја Доновски Лукаревска и Милка Черепналковска.

Додека темата на првата работилница беше дизајн на сцена, овој пат децата разработуваа макети на куќички на дрво.

 

 

 

 

 

 

„Архитектите подготвија кратка презентација преку која на децата им раскажаа факти за настанокот и идејата зад куќичката на дрво, им ја објаснија конструктивната логика со сите конструктивнии елементи, и преку примери на различни концепти на куќички на дрво понудија инспиративни идеи за изработка на макетите. Потоа, на три вистински гранки од дрвја, архитектите поставија по само една платформа во М=1:25, а децата имаа за задача да ги додадат конструктивните елементи на таа платформа, да ги состават макетите на куќичките и да ги постават на платформата,  да ги материјализираат, да изработат скали и дополнителни платформи за совладување на висината и да изработат огради, а потоа со помош на нивната детска фантазија да замислат и да додадат ‘елементи за уживање’: тобогани, лулашки, базени со песок, мрежи, видиковци, телескопи…

И, навистина, куќичката на дрво е повеќе од место и простор. Таа е засолниште на детството. Таа е безбедно место. Таа е бедем на независноста каде светот на возрасните не допира. Таа е сцена и проекција за исклучително возбудливи авантури. Таа е ‘непристапно’ место заробено меѓу небото и дрвјата. Таа е материјализација на соединувањето и помирувањето со природата, тивок свет во постојана игра со ветрот, птиците и верверичките.

А, ние, барем на три часа поседувавме куќичка на дрво!

Се гледаме наскоро на следната работилница!

АДИНГ и КНАУФ Македонија како компании директно поврзани со архитектурата и со високо реноме во делот на општествена одговорност, го препознаа нашиот ентузијазам и уникатна идеја да ја доближиме архитектурата на најмалите, и станаа наши поддржувачи, за што сме многу благодарни“.

Од организаторите

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: фејсбук профилот на Котур