Летечки кровови и пловни улици

Периодов во Македонија сме соочени со обилни дождови кои предизвикуваат материјална штета во урбаните и руралните места, како на објектите така и врз градинарските и земјоделските култури.

Вчера невреме го зафати и главниот град Скопје, каде поради концентрацијата на население и објекти, штетите се очекувано најголеми.

Секое слично невреме, дали е во Македонија или некаде по светот, предизвикува поплавување во подземните нивоа на некои од објектите. Не е возможно  целосно да се избегнат штетите и ваквите ситуации, но секако дека може да се превенира.

 

Фотографијата е позајмена од fb профилот на 24vesti >>> 

 

Градската инфраструктура е една од најважните алки во ваквите непогоди. Првично мислиме на атмосферската канализација која треба да биде соодветно проектирана, за да може да го издржи капацитетот на надојдената вода. Тука се и улиците кои често се лошо асфалтирани, или со деградирани наклони од небројните и непланските парцијални ископи за други инсталации, со што водата не стигнува често до сливниците и сифоните, создавајќи вирови и земјени талози.

Со лошите урбанистички планови, добиваме многу нови корисници, се помалку зеленило кое има капацитет да впива дел од дождовницата. Кога имате само објекти и поплочени или асфалтирани простори, водата нема друг пат освен атмосферската канализација која и онака недостасува во многу делови од градот.

 

11 Октомври згради

 

Покрај големите количини на дождовница, неизбежни се и силните ветрови. Штетите од нив се подеднакво животозагрозувачки. И тука планирањето и урбанизмот се појдовните точки на хаосот. Во толку многу наврати упатувавме апели до урбанистите и општините да се стави забрана на индивидуалните интервенции над  колективните станбени објекти, како што се преградувањата на балкони, надградби над кровните тераси, доградувањата и безредието на „фавелизацијата“ на градот. Во овие интервенции често се штеди на материјал, се применуваат ниски стандарди, па при мал удар на силен ветер од неполна минута се соочуваме со откорнување на делови од кровови. Во скоро сите случаеви тоа се кровови од самоиницијативното покривање на зградите кои имале рамни тераси или од крововите на надградбите, пуштените надстрешници итн.

 

Станбен објект на бул. 11 Октомври до Управа за јавни приходи

 

Во алката сите сме виновни. Општината што ги овозможува овие нецивилизациски интервенции, до поединците (жителите на зградите) што ставаат потпис за дозвола инвеститорите да градат дополнителен кат, во замена за кречење на влезот и смена на влезната столарија во објектот. Таа плиткост ја имаме сите кои живееме во колективните станбени објекти – надвор од влезот на нашиот стан не ни пречи 15 години неискречениот влез, расипаниот лифт, украдените фасонки и противпожарните црева од хидрантите, неисчистените олуци, ниту старата фасада каде малтерот не е заменет од изградбата на објектите. За се чекаме друг да ја заврши работата, но по можност и да не платиме оддржување.

 

 

Потоа ни е крив единствено градот, кој секако не ги чисти редовно канализациите од листови и гранки и мака мачи да ги обнови улиците, додека случаевите како големите објекти и трговски центри се забранета тема за говорење бидејќи инвеститорите се заштитените мечки. Таму во трката за профит изведувачите се под огромен притисок да завршат работа која е проценета на 2 години во рок од 1 година.

Од тука народните поговорки не ни бегаат – Брза кучка слепи кучиња раѓа!