МАГАЦИНИТЕ „СЛАВИЈА“ – Локален Центар на случувања

Покрај успешната иницијатива за меѓународниот конкурс за Расадник, на нашата страна одамна јавно говориме и за капацитетот и можностите на Магацините „Славија“ во Кисела Вода. Првичните замисли за истите беа во корелација со објектот на веќе срушената „Сапунара“, но по трагичниот исход,  одлучивме јавно да предупредиме и да апелираме за „Славија“. За среќа овие објекти сеуште постојат и тековниот ДУП за овој четврт не е реализиран. Во период на тековна изработка на ГУП за Скопје, позитивниот исход од настаните со Расадник како и расположението на локалната власт, сметаме дека е вистинско време за една ваква иницијатива, која преку ова истражување покажуваме дека реализацијата на овој проект е сепак возможна.

На минатогодишниот повик за финансирање на проекти од областа на културата,  кој го распиша Општината, иницијаторот конкурираше со оваа идеја, за која побаруваше средства за истражување, документација и разработка на идејно решение со цел презентирање на можностите и капацитетите. Со оглед на доделените средства (10%) беше реализирано архитектонско-урбанистичката анализа, која ја презентираме денес во продолжение.

Со самиот гест на прифаќање на овој проект, Општина Кисела Вода, покажува уште еден чекор напред кон отвореноста за соработка на идеи кои ги надминуваат македонските локални пракси.

Оваа иницијатива има потреба од масовна поддршка особено од граѓаните на Кисела Вода, општинските работници, градоначалникот и пошироката јавност во Скопје, бидејќи придобивките од истата се на микро и макро ниво на градот.

Овој материјал треба да биде само почеток на едно поопсежно истражување, кое е основа за прибирање на податоци за распис на јавен повик, повикан конкурс или слични форми на развој на визија за Магацините „Славија“.

Се е возможно, доколку заеднички сакаме да ги направиме промените!

 

Овој проект ( архитектонско-урбанистичка анализа)  е финансиран од програмата за култура за 2023 година од страна на Општина Кисела Вода