Македонска архитектура во колажи / Стојковска

Тијана е студент по архитектура и како што вели, за среќа и за жал на последната скала од студиите… Голем вљубеник во бруталистичката архитектура, голем вљубеник во фотографиите на Стефано Перего и филмовите на Вес Андерсон, креативец во слободно време и обичен човек кој се обидува да даде свој мал придонес во начинот на кој ја гледаме и доживуваме македонската архитектура.

„Мојата приказна со илустрациите започна од вишокот слободно време и потребата за креативно изразување, а тоа се случи во почетокот на пандемијата и карантинското затворање дома. Иако отсекогаш имав потреба и желба креативно да се изразувам на било каков начин, за време на студиите многу ретко можев да си дозволам време за тоа. Среќа, па архитектонскиот факултет нуди многу можности за преточување на креативноста во нешто конструктивно и поучно, и се разбира студирањето само по себе многу влијаеше врз развивањето на мојот поглед кон светот и она што ме опкружува.“

 

 

„Инспирацијата некако си дојде спонтано, сакав да направам разгледница за мојот град Куманово и да го претставам преку архитектурата. Бидејќи сакав да создадам нешто сосема поинакво се одлучив за внесување на надреалниот аспект во приказната. Првенствено колажите ми беа насочени кон традиционалната архитектура, и сакав да го претставам секој град со свој архитектонски белег од архитектурата која е фундамент на неговиот идентитет. Но, потоа вниманието ми се насочи кон бруталистичката архитектура. Отсекогаш сум се восхитувала на бруталистичките градби и токму тоа чувство на восхит сакав да го преточам во моите колажи. Инспирацијата најногу ја црпам од самите градби, начинот на кој јас ги доживувам и нивната скулптуралност која остава голем простор за имагинацијата. Инспирација наоѓам всушност насекаде, ако си добар набљудувач на она што е околу тебе можеш да пронајдеш многу интересни нешта сокриени во секојдневниот живот.“

 

 

„Колажите и илустрациите се репрезентација не само на мојата имагинација, туку и на мојата љубов  кон македонската архитектура токму преку употреба на фотографии од истата. Преку колажите сакав да го доловам начинот на кој јас ги доживувам градбите, како маестрални скулптури во просторот. Начинот на кој ги прикажувам градбите има за цел да ја нагласи нивната грандиозност, монументалност и смелите архитектонски форми. Со надреалниот контекст во кој ги вметнувам се обидувам да ги претставам во поинакво светло, а тоа да влијае врз начинот на кој ги перцепираме и доживуваме овие градби. Да не бидат само градби кои ги гледаме на минување, туку градби кои ја зрачат својата магија во просторот.“

 

 

На прашањето зошто македонска архитектура, таа ни кажа: „Затоа што таа и таква архитектура е составен дел на мојата/нашата реалност. Да, сите ние гледаме примери и архитектонски маестрални дела од светската архитектонска фела, сите ние следиме што се случува со архитектонската сцена во светот, се воодушевуваме на архитектурата на различни точки од земјината топка, на делата на познати архитекти…но многу малку гледаме и учиме од тоа што е околу нас, тоа што е пред нас, тоа што можеме да го видиме и доживееме на реален начин. Сметам дека и ние имаме извонредни примери од архитектурата кои може да се стават рамо до рамо со светската, само за жал понекогаш ги забораваме, или не ги забележуваме. Мислам дека сите треба да учествуваме во создавање на колективна свест и вреднување на архитектонското наследство што ни е оставено на чување од неговите архитекти и градители. Свесни сме дека големиот број на значајни градби  од модернистичкиот период, кои всушност се најрепрезентативни примери на македонската архитектура се препуштени сами на себе и на забот на времето. Неколку од нив се дури и засекогаш изгубени во транформацијата во поинаква  “архитектура”, претопени во сосема поинаков обликовен израз до степен на непрепознатливост. Сето тоа е резултат на нашата немарност и негрижа за чувањето на она што е наше. Имаме маестрални архитектонски дела кои не знаеме да ги цениме и почитуваме. Изборот за употреба на градби од македонската архитектура во моите колажи и илустрации беше токму желбата за истакнување на она што е вредно за почит и внимание.“

Уживајте во прекрасните колажи на Тијана.