Македонската архитектура 1974 – 2024 низ проектанската пракса / Филиповска

Општествена реалност

Изминатиов 50 годишен период, кој гo опфаќа историскиот континуитет на современата македонска архитектура, се совпаѓа со значајни општествено-политички промени.

Во текот на седумдесетите години, Македонија се наоѓа во рамките на Југословенската држава која се федерализира и сѐ повеќе ги осамостојува своите институции. Тоа е период на економски подем и развој на креативната слобода напри творење. Архитектите се дел од елитните струки на општеството, господа со лептир машни, кои се идентификуваат со своите креации, работат во угледни проектански бироа и го бранат своето творештво. Тоа се години на реализација на сложени проектански програми од јавен интерес кои денес се вградени во корпусот на архитектонското наследство.

Во доцните 80-ти започнува распаѓањето на Југославија, промена на социо-економскиот амбиент и општа општествена стагнација и стагнација во развојот на архитектонската мисла и пракса.

Во деведесетите години, Македонија станува самостојна држава и транзитира од еднопартиски социјалистички систем во капиталистички систем на слободен пазар и парламентарна демократија. Економскиот амбиент сосема се менува, сѐ повеќе приватниот интерес го потиснува јавниот интерес, државата сѐ помалку има влијанија на општествениот амбиент. Во овој транзициски период, архитектите од креатори стануваат статисти, без јасна општествена улога и без јасно сценарио за нивното место во новосоздадената ситуација.

Долгиот транзициски период по 90-тите, од една страна ја фрли струката во самоизолација, се распаѓаат постојните проектански бироа и во амбиент на самопреживување се отвори процес на групирање на колеги во мали проектански групи. Срамежливо започна да се појавува нова креативна проектанска енергија, за жал крајно индивидуализирана, во услови на нелојална конкуренција и нејзино ставање под уздите на приватните инвеститори.

 

 

Присутни архитектонски теми

Во овој полувековен период, различни архитектонски теми беа во фокусот на архитектонската мисла и пракса на овие простори, можеби и затоа просторот е специфичен по своите противречности и преклопување на слики од најразлични културни влијанија.

Во седумдесетите години често поставувано прашање беше – Суштествува ли македонска архитектура? Тоа беше важно идентитетско прашање, кое произлегуваше од веќе широката установена проектанска пракса на првите генерации македонски архитекти, најчесто едуцирани во Белград и во новоотворениот смер за Архитектура при Градежниот факултет на Универзитетот во Скопје (кој патем, годинава ќе слави 75 години од своето постоење).

Одмерувањето на спецификите на македонската архитектура (во дебатите на арх. Живко Поповски, арх. Вангел Божиновски, арх. Климе Заров, арх. Мијалчо Токарев…) беше во рамките на архитектонската мисла во поширокиот тогашен Југословенски простор на бившата заедничка држава.

 

 

Словенечката и хрватската архитектура сѐ уште цврсто се држеа до традициите на модерната, Белградската школа не се ослободуваше лесно од неокласицизмот, односно сложените архитектонски форми, па таму постмодернизмот најде најплодно тло.

Во тоа време, покрај сеприсутната модерна функционалистичка архитектура во проектанската пракса, големото влијание на белградската школа преку репрезентите едуцирани во таа средина, во Македонија создаваше афтохтон архитектонски јазик. Тоа беше јазик кој се базираше на богатата традиција на ендемската архитектура (Македонска куќа , Грабријан 19…) веќе препознатлива како Охридска школа, со широко влијание низ целата Република. Некогаш, тоа беа експлицитни реплики, друг пат дискретно вградена меморија. Овој архитектонски израз беше омилен и кај приватните инвеститори.

Прашањето дали постои македонската архитектура, постепено се трансформираше во прашање – Каде оди македонската архитектура? Со сѐ почестите напади на модерната на светската сцена се појавија сложени прашања за развојот на архитектонското творештво. Македонската архитектонска сцена се отвори за сите светски влијанија.

 

 

Во Републиката после земјотресот гостуваа мноштво архитекти од светот и од соседните балкански држави. Работејќи во заеднички тимови со нашите архитекти се остваруваа значајни влијанија на домашната сцена. Многу наши архитекти работеа или беа на дополнителна едукација низ светот и нивното влијание во архитектонската пракса уште долго се чувствуваше после земјотресот. Се завршуваа некои започнати јавни комплекси (Културниот центар, Универзитетскиот центар, ПТТ и Теликомуникации со шалтер салата, Трговскиот центар…), реализирани како извонредни креациии, забележани на меѓународната архитектонска сцена. Примерите од бруталистичката архитектура во Македонија и сега се актуелни во афирмацијата на таа архитектура, како дел од светското архитектонско наследство. (Неодамнешната изложба во МОМА подготвена од тим на домашни експерти).

 

 

Интензивната архитектонска активност со програми од јавен интерес продолжува до средината на 80-тите години. Се оформуваат нови просторни целини во другите градови низ Републиката (Куманово, Тетово, Штип …). Масовно се градат и станбени населби, социјални станови со нови урбанистички решенија (Аеродром, Капиштец, Топанско Поле…), нови индустриски комплекси (Фени – Кавадарци, Рафинерија – Миладиновци, Топилница – Велес, Силика – Гостивар…), нови спортски центри, спортски сали низ сите поголеми македонски градови и се реализира програмата за самодопринесување за спортски објекти во Скопје. Се гради Езерото Треска, Олимпискиот пливачки базен, Пливачкиот базен Карпош…

Во оваа засилена активност се вклучуваат плејада на млади сили проектанти, кои својата професионална кариера ја остваруваа во големите проектански бироа – Македонијапроект, Пелагонијапроект, Бетон, Маврово, Илинден… Истовремено се отвараат странските пазари за македонските проектанти, се работи во Либија, Ирак, Чехословачка, Советскиот сојуз… Македонски тимови се носители на проекти на големи комплекси во Сочи, Багдад, Бенгази…

 

 

Валоризација на македонската архитектура и афирмација на нејзината современост

Во 1981 година се отвара големата манифестација – првото Биенале на Македонската архитектура, со што се отпочнува процес на евидентирање и валоризација на архитектонското творештво во период од последните две години. Манифестацијата, за среќа, се уште постои. Струката низ оваа активност се избори за своја поширока општествена валоризација, се бори против самозатварање и самоизолација и ја афирмира актуелната архитектонската мисла низ предавања и дебати.

Подоцна е воведена Годишна награда за реализирано арихтектонско дело под покровителство на Председателот на Републиката како и Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“. Добитниците на оваа награда се дел од Академијата на Архитекти при Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.

Ова се патиштата по кои се прават обиди за етаблирање на струката во општествениот и културниот живот.

 

Осамостојување на Македонија и Проектот 2014

На жалост, осамостојувањето на Република Македонија во почетокот на 90-тите не донесе подем на градежните активности од јавен карактер. Се напушти реализацијата на Урбанистичкиот план на Кензо Танге и не се искористи можноста за изградба на предвидениот административен Центар на Републиката, како симбол на новоформираната државност. Новата администрација користеше стари објекти и остатоци од монтажните објекти после земјотресот. Во градот Скопје останаа црни дупки на недовршената урбанизација на Центарот.

 

 

Се појавуваат приватни инвеститори кои се силно заинтересирани за градба на комерцијална станбена изградба. Започнува реурбанизација на старите градски населби во близина на центарот на Скопје (Дебар Маало, Буњаковец…), додека самиот центар на градот доцни со урбанизација.

По останатите градови низ Македонија се одзема вредно државно земјиште и се доделува на приватни инвеститори за нивна комерцијална употреба. Започнува груба материјализација на инвеститорските барања и на крајно утилитарно-економски начин се располага со просторните ресурси.

Овие градителски акции често се нечуствителни кон културниот и социолошки постоен концепт на просторот, се остваруваат во спрега со Општинските политички елити и дел од струката која е веќе на колена и постанува нечувствителна за реализација на одговорно општествено продуктивно архитектонско делување.

Во отсуство на градби од јавен интерес и пошироки програмски барања за трансформација на јавниот простор, стручната јавност ги преспива некои од важните процеси во развојот на архитектонската мисла во 80-тите и 90-тите години (Урбанизмот на браќата Криер, рационализмот на Алдо Роси…), кои не наоѓаат одек во овој простор.

 

 

Во услови на недовршена урбанизација на Центарот на Скопје, во потрага по нов идентитет на македоското битие (проф. Саркањац Македонски Катархезис) е измислен проектот Скопје 2014.

Реализацијата на проектот Скопје 2014 во краток период преставува насилна трансформација на градот, како урбанистичка, така и во нарушување на неговата досегашна мемориска слика. Се трансформираат постојните фасади во необарокен стил. Се внесуваат површини за градење на парковски површини и улични трансверзали и се загрозува безбедноста на жителите и можноста за евакуација. Проектот беше негативно оценет од стручната јавност, но делумно прифатен од дел од населението кое не го љубеше модерниот изглед на градот, оформен после земјотресот.

 

 

Како преживува македонската архитектура во последнава деценија

И покрај доволна продукција на архитектонски кадар во Републиката се чувствува голем недостаток на проектанти. Многу млади колеги користејќи ги можностите да работат online за разни проектантски бироа во светот, не се врзуваат со локалната средина и не придонесуваат за развој на македонската архитектура. Изработка на нарачани урбанистички планови со парцијално решавање на сликата на градот, без да се внесуваат нови концепти на здраво живеење со еколошки стандарди и задоволување на безбедно живеење, не овозможува градот, како во целост, така и на негови поединечни делови, да биде свој за неговите жители. Развојот и европеизацијата на главниот град на нашиот западен сосед може да помогне во подигањето на стандардите во регионот.

 

 

Постојаните инсистирања на квалитетни урбанистички и архитектонски решенија не се ирелевантни, ниту се исцрпени сите форми на општествен притисок за продуктивна и добра архитектонска реализација.

Млади македонски тимови често победуваат на меѓународни конкурси.

Сведоци сме на архитектонски дела кои успешно се прилагодуваат на крајно нестабилната ситуација и на новите политички и економски услови, што потврдува дека македонската архитектура барем во некои сегменти сѐ уште е жива.

 

Арх. Билјана Филиповска

 

Четивото е наменски пишувано за каталогот на изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“