Македонскиот павилјон на интернационалната архитектонска изложба La Biennale di Venezia
17.05.2023 • Информации
Подготовките за проектотот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“, како национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година, се одвиваат во рамките на предвиденото и со полна пареа. Изложбата е подготвена, изработена и веќе е пристигната во Венеција. Официјалното отворање на македонскиот павилјон ќе биде на 18 мај 2023 година, на Светскиот ден на музеите, во 18 часот на адреса: Scuola dei Laneri, Salizada San Pantalon 131/A, Венеција.
Комесар на проектот е Дита Старова Ќерими, а куратори се: Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Гордан Петров. Излагачи во поставката се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски. За успешна подготовка и реализација, свој придонес дадоа соработниците: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Мила Јакоимовска, Харика Шехаби, Илија Мошев и Домника Бошкова.
Носителот на проектот е Здружението за истражување на градот – ГРАДОТ УБАВ Скопје. Ива Петрунова, претседателот на Здружението ГРАДОТ УБАВ, изразува благодарност до Министерството за култура на Република Северна Македонија за довербата и изборот на проектот за национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата, и секако, до сите учесници во реализација истиот.
Колаж од инстаграм профилот на македонскиот павилјон
Неколку зборови за проектот „Приказни за Летната школа по архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски, 1992-2017“
Изложбата Приказни за Летната школа за архитектура од манастирот Св.Јоаким Осоговски, 1992-2017, е посветена на Летната школа на Архитектонскиот факултет, Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Изложбата ја согледува школата како психогеографски асамблаж од парчињата, спомените, кажувањата, приказните за настаните, местата и луѓето во и околу Летната школа.
Првата школа започна со истражување на корените на преродбенската архитектура во делото на протомајсторот Андреа Дамјанов, документирајќи ги објектите и нивната поставка во манастирот. Низ годините Летната школа се формираше во еден уникатен педагошки експеримент, во неизвесната авантура на учење, правење и преиспитување на границите на архитектурата и уметноста. Така Летната шлкола на Архитектонскиот факултет, Универзитетот Св. Кирил и Методиј, во манастирот Св. Јоаким Осоговски, од еден локален настан, набрзо стана еден меѓународен јазој кој ги собираше различните луѓе и идеи. Меѓу другите тука беа низа домашни и странски автори: Александар Никољски, Живко Поповски, Борис Чипан, Владимир Георгиевски, Ранко Радовиќ, Антон Швајхофер, Петар Габриелчич, Гоце Аџи Митревски, Георги Константиновски, Хрвоје Њириќ, Влатко Коробар, Мартин Гулески,Зорица Блажевска, Домника Бошкова, Дејвид Биги, Класке Хавик, Себастијан Велдхаусен, Александар Бродски, Елија Зенгелис, Хан Тумертекин, Семи Ринтала, Петер Вилсон, Мишел Ридејк, Јулиет Бекеринг, Алеш Водопивец…
Делуваше од почетокот на бурните 1990-тите во критичното време на геополитичките прекршувања, во времето на поделби ги обединуваше луѓето од различни страни на светот. Беше производ на соработка, сотворење, но и дебата за различните концепти, методи, постапки на учење, мислење и правење на архитектурата. Ова поставка сака да даде една документарна основа на сеќавањањата, приказните, замислите, доживувањата, изложени на заедничка маса, на сличен начин како што на чардакот од конакот се разговараше, работеше, изложуваше. На тој начин собраните објектите, слики, записи, цртежите како трагите од минатото ни сведочат за една можна заедничка иднина.
Работата во Летната школа има два клучни аспекти, прво, ги истражуваше различните стратегии на архитектонската педагогија, проширувајќи ги границите на мислење и правење на архитектурата, преку прашањата кои ги отвараше како теми на различните сесии, второ, делуваше на другата страна на геополитички трендови на своето време во критичните 1990-ти години.
Овој проект сака да воспостави една динамична реконструкција на делото на многумина, низ сеќавања, спомени, приказни, да погледа од другата страна, спротивставувања во можното секојдневно и возвишено на архитектурата: во куќата, во улиците, во маалото, во прототиповите на суровата транзицијата, во не-местата, во отфрлените материјали, во избликот на чистата архитектура во планините, во спектаклите на природата, во невидливите лавиринти, во пресекот, во колажот/асамблажот/монтажата, во чувството на дом.
Во престрет на отворањето и потоа, ја очекуваме публиката!
Автор на статија: Filip Koneski