Македонско маало – Отпорност и солидарност: од шатори до домови за шест месеци
26.09.2024 • Истражување ХХ век / II половина
„BalkanStoryMap е платформа која собира и презентира приказни за Балканот преку внимателно дизајнирани и мапирани наративи. Овие приказни комбинираат интерактивни мапи, текст, слики, мултимедијални содржини и уникатна архива.
Поаѓаме од претпоставката дека секое место има своја приказна. Низ оваа призма, истражуваме слоевити наративи вкоренети во простори. Со поврзување на минатото со сегашноста, ги анализираме општествените процеси кои ги обликуваат овие простори, откривајќи согледувања клучни за разбирање на современите предизвици.“
Ова се првите два пасуса во образложението зад платформата BalkanStoryMap од каде издвојуваме содржина која има релација со македонските градежни компании и работата на македонските проектанти.
Станува збор за четивото „Македонско маало – Отпорност и солидарност: од шатори до домови за шест месеци“ каде се обработува македонскиот солидарен придонес кон обновата на градот Бар, во Црна Гора.
На 15 април 1979 година, се случува катастрофален земјотрес во Бар, со јачина од 7 степени според Рихтер и 9 степени според Меркалиевата скала. Земјотресот имал регионален опфат со штети и влијание во Хрватска и Албанија, каде исто се појавиле штети на објектите.
По ваквата катастрофа следела обнова во која се црпеле многу искуства од скопскиот земјотрес, додека југословенската солидарност била повторно активирана.
Во тој контекст, Македонија во Бар придонесува преку проектирање и изведба на Македонската населба, која се протега долж Македонската улица. Оваа соседство, влевало доверба кај населението, во нејзината сеизмичка издржливост токму поради скопските искуства по 1963 година.
Пелагониска зграда, 1979. Преземено од „Кога земјата трепери“, Блажо Орландиќ Живеејќи на градилиште
Делегација од Бар, пристигнала во Скопје, да разговара за искуствата во префабрикуваната градба во обновата на градот. По оваа посета се одлучува изградбата на македонското маало, кое било задача на нашите експерти. предводени од архитектот Крсто Тодоровски.
Градежници во Македонско маало. Преземено од Побједа 28.11.1979 г.
Урбанистите и експерите од Скопје живееле и работеле во основното училиште „Блажо Јоков Орландиќ“.Тие го завршиле проектот за само 40 дена, обезбедувајќи брз развој на новите станбени населби. Со Деталниот урбанистички план за Тополица-Бјелиши беа определени 15 згради за колективно домување на 7,59 хектари, наменети за сместување 3.312 жители. Она што го намалило времето за проектирање била и адаптацијата на плановите од населбата Аеродром, која во тоа време била во изградба во Скопје. Спецификациите на проектот за населбата Аеродром А2-2,6 ги изработила компанијата „Македонијапроект“.
За да се олесни реконструкцијата, бил распишан јавен тендер, а на понудата победила македонската градежна задруга во која учествувале градежните претпријатија Пелагонија, Бетон, Маврово, Илинден, Трудбеник, Техника и Козјак.
Речиси 2.000 македонски работници биле вклучени во изградбата на 442 нови станови и реновирање на 780 оштетени единици. Работата започнала на 1 август, со цел да се заврши реновирањето на 780 станови, да се изградат 253 нови единици до Денот на Републиката на 29 ноември, а останатите 90 станови требало да се завршат до крајот на јануари 1980 година.
Оваа приказна и останатите регионални написи можете да ги прочитате подетално кај изворот >>> BalkanStoryMap
Автор на статија: Filip Koneski
BalkanStoryMap / бар / Македонска населба / Македонска улица / Македонско Маало / Обнова по земјотрес / Црна Гора