Manas House / Радо Инженеринг

 

Автори: Пако Радовановиќ, Јасмина Димова, Стефан Матески

Година: 2019

Студио: Радо Инженеринг / www.rado.com.mk

Локација: Куманово

Површина: 950м2

 

Објектот претставува индивидуална станбена куќа, сместена на “Зелен Рид” во општина Куманово, опкружена со зеленило и оддалечен од градскиот метеж. Околностите создадени од урбанистичките параметри и пристапот од јужната страна до парцелата нуди восхитувачки погледи од пејзажот и визури кон објект.

 

 

Објектот има функционална поделба по вертикала. Катот ги опфаќа просториите за подолготраен престој, овозможувајќи убави погледи кон пејзажот, додека пак во приземниото ниво се сместени простории за рекреација, спорт и забава.

 

 

На приземјето сместени се гаражите, простории за рекреација, базен со спа центар, ловечка соба и сите технички простории. Преку главниот влез со ветробран се пристапува кон репрезентативен хол со скали кои водат до галерија на катот.

 

 

Во процесот на проектирање паралелно се размислуваше и на ентериерот на куќата со тоа што секој детал е прецизно дефиниран и осмислен според потребите на инвеститорот. Овој тип на проекти бараат особена посветеност и внимание во процесот на работа бидејќи паралелно се размислува од најситни детали до крупни градежни работи.

 

 

На катот, репрезентативен хол прави поделба на објектот на два тракта. Ориентиран кон југ се наоѓа трактот со трпезарија, кујна, гостински тоалет, простор за седење со камин и дневниот престој со излез надвор на надстрешена тераса за престој, трпезарија и летна кујна, како и надворешен тоалет. Од овој простор, исто така е предвиден излез во двор оплеменет со изобилство од зеленило и восхитувачки поглед.

 

 

Десниот тракт со простории за спиење е одвоен со посебен широк ходник со ексцентрична боја и скриени врати кој допринесува во комплетниот дизајн на куќата. Ходникот води кон спалните соби чиј ентериер е приказна за себе, со различен стил и атмосфера дизајнирана според желбите и потребите на корисникот.

 

 

На овој кат е сместена и дополнителна просторија за дневен престој. Две спални соби имаат излез на заедничка голема тераса со визури кон југ, додека останатите две спални соби и дневниот престој имаат излез во дворот на источната старна.

 

 

Обликувањето на фасадните површини е конципирано како современо моделирање, како по форма така и по употреба на материјали. Фасадата е во склоп со новите трендови во архитектурата. Приземјето е третирано како базис, а катот е скулптурално закосено моделиран. Базисот (приземјето) е целосно ѕидан со кршен камен, а катот е дематеријализиран со големи стаклени површини кои ја пратат формата на главниот волумен. Спој на тешко со лесно, на приземното ниво со катот, е направен со ленти од дрвена облога од композитен материјал во декро дрво, кои го обвиткуваат објектот.

 

 

Видео запис од проектот >>>