Младите архитекти за Танец

На социјалната мрежа facebook, Танец – Националниот ансамбл за македонски игри и песни, објави фото албум од изложбата на студентски трудови на тема нов дом за оваа културна институција.

Во текстуалното образложение стои:

„Во пресрет на новогодишниот концерт, НУ Танец заедно со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, организира изложба, на која ги претстави студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за НУ Танец, со соодветна концертна сала, што е долгогодишна желба на ансамблот за дом по мерка на неговите потреби и објект по заслуга на неговите успеси. Овие проектни задачи, идните архитекти ги работеа под менторство на педагошки тим од факултетот, а во рамките на Архитектонското студио 8/3, кое се одиваше во летниот семестар од оваа учебна година. Нивните индустриски објекти се наменети за една поинаква “индустрија” и оттука архитектонското студио го носеше насловот „Институт за производство, истражување и едукација на материјално и нематеријално културно наследство“. Студентите и професорите сами ја подготвија и ја поставија изложбата, која предизвика голем интерес, што беше одлична можност и за свечено доделување на пригодни благодарници.“

 

 

Искрено не радува ваквиот настан и развојот на случувањата, бидејќи за оваа тема, пред две години во сандачето на МАРХ пристигна соопштение за јавност  од страна на Танец, во кое стоеше:

На иницијатива на директорот на Н.У„Танец“, Мартин Вучиќ, на 72. Владина седница одржана на 23 јуни 2020 година, беше разгледано и одобрено поднесеното барање на институцијатаза ново урбанистичко-архитектонско решение за нов дом на една однајстарите културни институции водржавата, проект врз кој раководството на „Танец“ работеше интензивно во изминатиот пандемиски период. Владата го разгледа барањето и
го задолжи Министерството за култура да предложи соодветно решение до Владата за проблемот со кој се соочува Националната установа Ансамбл за
македонски народни игри и песни „Танец“. Со тоа, конечно, после 7 децении постоење, една од најважните македонски институции од областа на
културата кај нас ќе добие своја сала и соодветни услови за работа и
концертирање, достојни за нејзината историска важност. Ова е прв пат,
некоја влада да има слух за значајната улога на адекватните просторни услови
во целокупниот раст и натамошен развојот на овој наш најголем амбасадор на македонското фолклорно богатство и македонската култура, воопшто.

Со почит,

НУ Танец

 

На оваа порaка одговоривме веднаш во која ја поздравивме одлуката но и имавме чувство дека треба веднаш да реагираме, испраќајќи препораки за претпазливост во постапката со оглед на тоа што ваков тип на објект се гради еднаш во векот.  Упативме предлози кои опфаќаа каква програмска задача треба да креираат, вклучувајќи сала за јавни настани и концерти,  повикавме на конкурс на оваа тема и барање да се размисли за нова локација на оваа институција, поради крајно несоодветната постоечка.

Одговор на нашата порака не добивме, ниту покана за оддржаната изложба, но тоа што можеме да го забележиме од приложеното е секако за почит! Ваквиот тип на објекти кои се од национално значење, мора да се креираат заеднички преку процес кој опфаќа вклучување на поширокиот дел од фелата. Вклучувањето на студентите во создавањето на  концепти е одличен чекор и се надеваме дека постапката за нов дом на Танец, ќе продолжи во позитивен правец кој ќе резултира со маркатно архитектонско дело на македонската сцена.

 

Погледнете повеќе фотографии од изложбата на страната на Танец >>>