Промоција на “МОНОГРАФИЈА 25 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО” на Сашо Саздовски

Промоцијата “МОНОГРАФИЈАТА 25 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО” на Сашо Саздовски ќе се одржи на 30 Декември 2022 година во 19:00 часот во БРУТАЛСИК (концепт простор, центар за мултимедијален проект, архитектура, уметност и дизајн) во Скопје. Проектот е поддржан од Министерство за култура на Северна Македонија.

“МОНОГРАФИЈАТА 25 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО” на Сашо Саздовски ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот во период од 25 години творечка работа. Текстот е на историчарот на уметност Златко Теодосиевски кој потенцира дека Саздовски е несекојдневен, типичен скулптор кој перманентно истражува во формата, во материјалот, најчесто мермер или комбинациите на материјалите, вложувајќи се целосно и безрезервно во својата уметност.

Саздовски во неговата творечка посветеност е еден од малкуте македонски уметници кој се’ уште успева мануелно да ја оживува „душата“ на мермерот. Зашто, во принцип, и мермерот е само уште еден камен кому му треба уметничка рака да му ја извлече перфекцијата на „битието“! И тука настапува скулпторот кој ги познава сите својства на тоа битие, дури и неговите најскриени тајни, низ творечкиот процес се одвива величествен дијалог којшто резултира во – Уметност!

 

 

Доминантното минималистичко проседе на неговата скулптура е задржано и во монументалните дела, дури е и прочистено, а редуцирани се и оние истражувања на контрастите или дивергентностите на материјалите, со што делото добива на монументалност, компактност, цврстина. Саздовски како да се приклонува кон онаа фамозна „Естетска хипотеза“ на Клајв Бел (Clive Bell) за „significant form“ како еден, ако не и единствен квалитет што влијае на нашите естетски емоции. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност.

Делата на скулпторот Сашо Саздовски имат за цел да презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се
обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш го поттикнува уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата, вели Теодосиевски во “МОНОГРАФИЈАТА 25 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО” на авторот.

 

 

САШО САЗДОВСКИ е скулптор и истражувач. Во 2000 год. дипломирал на Академијата за ликовни уметности, Катедрата за скулптура и графички дизајн , а во 2002 година магистрира на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје Македонија под менторство на проф.
Драган Поповски – Дада. Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно истражувачка.

Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го центарот за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, уметничкиот центар Марк Ротко во Латвија, фондацијата Хејдар Алиев Баку, Азербејџан, националниот музеј во Индија, Центар за современа уметност
MECA Алмерија Шпанија, 58 Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14 Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија и други места. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор.

Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје, Македонија.